Како што се доближува денот на моето пензионирање (заедно со тоа на половина УКИМ), помислувам со спокој (ако во вакво време и земја човек може да е спокоен) дека мојата генерација не ја зафатија реформите на пензискиот систем воведени во капиталистичката ера. На некој начин, моите постари пријатели и колеги, како и јас, своите последни години од животот ќе ги минеме благодарение на придобивките на социјализмот во кој се знаеше кој ги гарантира нашите извори за живот. Уште кога се воведоа т.н. столбови на новиот пензиски систем (еден државен и два приватни) знаев дека не е на арно. Моите помлади колеги уште сега ми велат: блазе си ви професорке, колкава и да ви е пензијата, барем сигурно ќе ја добивате. Ние, помладите не знаеме дали воопшто ќе имаме од што да живееме на ваша возраст. И во право се! Идејата на либералниот капитализам (барем во теориска смисла) е дека пари не смеат да „лежат“, т.е. дека треба да се вртат и „оплодуваат“, па дури тврдат и дека новите пензионери може и да се офајдат ако ова вртење носи екстра профит. Но да се разбереме, целиот овој регион, наречен пустината на транзицијата и на либералните економски и социјални реформи, ниту некогаш бил вистински капиталистички, ниту ќе биде. Впрочем, за цикличните и внатрешни кризи на капитализмот ние учевме од научниот социјализам уште од мали нозе – и сето тоа се покажа вистинито, без оглед што ви кажуваат официјалните претставници и кафеави сахиби. Стариот добар Ленин не случајно кажа дека империјализмот е највисока фаза на капитализмот – а по него, кога ќе тргне удолу, следува апокалипса.
Да направам мала дигресија: падот на владите во Германија и Франција се должи на империјалните стремежи и инвестирање во милитаризам (што значи кратење на социјалните бенефиции на граѓаните и смрт за државата на благосостојбата). ЕУ обично сликовито ја претставуваат како храм со три столба (столбовите се областите во кои таа се разви), но во политичка и економска смисла тој „храм“ почива на само два столба, Германија и Франција. Без нив нема ни ЕУ. Сега кога речиси истовремено се урива стабилноста на тие два столба, во умот излегува сликата на митскиот Самсон. Тоа е оној непобедлив џин што никој не можел да го победи, па ја пратиле прекрасната Далила да го заведе и да ја открие тајната на неговата моќ. Откако ја дознала, почекала да заспие и му ги отсекла косите (местото каде што се криела неговата натчовечка сила). Кога сфатил што му се случило, а веќе и ослепен и немоќен, замолил да го доведат само со раце да ги допре столбовите на храмот и му се обратил на Бога со последно барање: дај ми сила само уште еднаш! Со последната сила, Самсон ги урнал двата столба и со тоа целиот храм, под кој останало и неговото тело. Слепиот и заведен европски Самсон веќе ја урива структурата на ЕУ, а ако се прашувате која е Далила, одговорот не е тежок: тоа е заводливата приказна за праведниот и убав колективен Запад, во ликот на САД, кој ја турка целата ЕУ во конечната битка.
Да се вратам дома и на нашите столбови. Тие се нишаат од моментот кога беа воспоставени. Хроничната криза на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не е од сега. Скандалите со дебела корупција се пренесуваат од влада на влада, некој ќе забранува, па нешто ќе се смират. Кој сè не седна на тоа раководно столче и кој сè не се офајди! Дури и една Мила Царовска брануваше едно време, ама за кратко – па стивна. Ние сите знаеме дека е тоа бунар без дно. Настрана што бројот на осигуреници расте повеќе од бројот на вработени со чии издвојувања тој треба да се полни. А лакомоста е ненаситна. Се краде со години и од старите и од (по)младите. Притоа, за иронијата да биде поголема, постарата популација е и поголем дел од гласачкото тело, па излегува дека самите си ги избираме оние што ќе нè остават и без мирна старост, макар и скромна.
Инвенцијата за продолжување на работниот век за стекнување полна пензија е не само нехумана туку е и сурова. А знаете што му се случи на Макрон кога се обиде на сличен начин да го „реформира“ пензискиот фонд? Му се случи: народ! Се дигна и старо и младо! Затоа што дури и во една капиталистичка земја како Франција луѓето знаат дека работниот век можеби го минуваат мачно, но дека кога ќе одат во пензија ќе имаат една животна фаза за себе, за уживање, за патувања, за одмор – за сето она за што претходно немале време. Ние немаме народ! Ние молчиме како оние што ги носеле на туширање. Или мислиме: мене нема да ме фати, да си молчам и траам. Народ што премолчува онкологија и кои сè не скандали, нема ни за ова да се буни. Ќе ни викаат браво за неколку кажани изјави или напишани колумни. Огромен број од вработените во Македонија се наоѓаат во т.н. трудовоинтензивни дејности, во кои работа на 67 години е рамна на доживотен затвор во гулаг.
Идејата за пензиско осигурување е една од најхуманите и највредни изрази на идејата за меѓусебна солидарност. Исто како и општото здравство и образование… Ако со еднаков пристап до квалитетно јавно образование на децата им даваме иднина, ако со јавно здравство на сите луѓе им гарантираме грижа и солидарност во случај на болест или несреќа, пензиското осигурување е влогот во нашата достоинствена старост. Јас донекаде ги искусив првите две придобивки, оваа третата не знам дали ќе ја стасам (татко ми почина само три месеци по добивањето пензија). Но гневот расте за сите оние зад мене, за кои слоганот сега е „боље гроб, него работен роб“ (до 67). Сите знаеме дека ова не е реформа туку претурање од шупливо во празно, и знаеме дека се однесува и на нас и на оние што доаѓаат зад нас и кои ќе издвојуваат до умирачка.
Ќе кажеме ли еднаш НЕ на сите овие лудории? Ова го нема дури ни во капитализмот, ама го има во феудални општества со луѓе што институциите и системските мерки ги сметаат дека им се од родителите. Овде владеат себичност и несолидарност, затоа и сакаат и профитираат кога ние се караме за корка сува леб.
Има ли земја за стари луѓе? Или да си најдеме карпа од која ќе се фрламе?