Пенелопа, платното и нашата претседателка

Не би сакал во никој случај да се разбере како додворување и ласкање личното мислење дека претседателската на Република Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, во обраќањето пред странските дипломати во Охрид го одржа најинспиративниот говор откако е избрана на функцијата. Можеби не толку продуктивен, но ефективен. Ретко кој политички образован, начитан и упатен човек би останал рамнодушен. Се разбира, со исклучок на оние што не ја сакаат, не се согласуваат со нејзината политика или се неуки да ги видат пораките изречени низ параболи и други стилски фигури. И кои во тој говор ќе најдат мотиви за шегување.
Сиљановска се послужи со силни инструменти најдени во митологијата, историјата, правната наука, литературата, филозофијата, драматургијата. На листата на нејзините цитати се најдоа Пенелопа и Одисеј од грчката митологија, кралот Артур од британската историја, Хамлет од Шекспир и неговата дилема „да се биде или не“, античкиот историограф Тукидид, италијанскиот филозоф Макијавели, англискиот Хобс, Френсис Фукујама со неговите предвидувања за крајот на историјата, Кантовци и Вилсоновци, како и други значајни личности, препознатливи, но не спомнати со име. Оперирајќи со нив и преку нив, преку асоцијации со нивни мисли и дела ја објаснуваше позицијата на својата земја во светските процеси, ја фокусираше актуелната состојба во државата, го објаснуваше односот на големите држави кон малите, назначувајќи ги на тој начин пречките што ѝ се прават на Македонија на патот кон членството во Европската Унија.
Конечен заклучок би бил дека низ тие филозофски, литературни и правни успешни пируети, Сиљановска-Давкова ги бранеше актуелните политички ставови до кои се држат подолго време самата таа и македонското владејачко мнозинство, а се однесуваат на ирационалните услови што ѝ се поставуваат на републиката. Подзадреманите дипломати не мора да ја сфатиле опсежната лекција, но сигурно им било забавно слушајќи еден необичен и нестереотипен државнички настап, полн со нетипични стилски фигури, отворени и енигматични асоцијации и изненадувања.
Осврнувајќи се на внесувањето на Бугарите во Уставот како услов од преговарачката рамка на ЕУ, таа го поврза прашањето со Хомеровата приказна за кралот на Итака, Одисеј, и дваесетгодишното чекање што го издржала во верност неговата жена. „Ние не можеме да бидеме Пенелопа, којашто, чекајќи го Одисеј, нонстоп го менува Уставот, на барање на некој однадвор, заборавајќи дека е закон над законите…“, кажа претседателката.
Која е легендата за убавата Пенелопа и јунакот Одисеј, односно за долгогодишното чекање на сопствениот маж и за нејзиното платно што го ткаела секој ден?
Името на Пенелопа останало како класичен и нашироко познат симбол што означува верност во брачниот живот, жена што ги претставува долготрајната голема љубов и припадност на еден единствен човек за цел живот, жена каква што посакува речиси секој маж. Најверојатно дека повеќето од нас го знаат само тој дел од приказна. А верноста е поврзана со едно платно што го ткаела Пенелопа.
Што ни кажува тој дел опишан во „Одисеја“ на Хомер? Додека Одисеј, кралот на Итака, при походот на Троја војувал и лутал цели дваесет години, жена му Пенелопа го чекала верно неговото враќање. Многумина млади принцови од островите што го сочинувале кралството, убедени дека е мртов, ја барале Пенелопа за жена. Со тој чин ќе им припаднел и престолот. Некој ги избројал – биле не помалку од сто и дванаесет просци на број. За сето време Пенелопа цврсто верувала дека Одисеј ќе се врати и не постоела можност да го изневери, дури и тогаш кога стигнувале голем број вести за неговата смрт. За сето време, никого да не навреди, никому да не му откаже, таа лукаво, секому еднакво му ја подгревала надежта дека ќе биде негова. Со таквата постапка се надевала дека или ќе ги раскара додворувачите или ќе ги натера да се откажат од запросувањето.

Единствено што можела да стори Пенелопа е да скрои план за да ја одолжува и да ја одложува одлуката. За да купи време, смислила оригинална мудрост. Објавила дека „ќе го избере новиот маж тогаш кога ќе го заврши ткаењето на погребното платно за Лаерт, таткото на Одисеј“. Додворувачите се согласиле и чекале. На почетокот биле мирни и спокојни, но како што минувало времето, станувале сѐ понервозни, зашто ткаењето не напредувало, иако гледале дека кралицата ткае секој ден по цел ден. Но тие не знаеле дека Пенелопа, она што дење го ткаела, ноќе го распарувала, го расткајувала. Минувале денови, месеци, поминале години.
Нестрпливите додворувачи, уморни од чекање, откако ја откриле тајната што ја издала една слугинка, ѝ се заканиле со „бетониран датум“ платното да биде готово. Не можејќи да најде други изговори, утврдениот ден го исткајала скапоцениот покров.
Но токму тој ден, во таа зора, на хоризонтот се појавил бродот на Одисеј. Кралот конечно се вратил дома, бил препознаен од неговото куче. По кратка пресметка, откако ги ликвидирал сите непријатели, повторно си заседнал на престолот, кој бил празен дваесет години, од кои десет бил пред ѕидините на Троја, а другите десет ги поминал лутајќи и совладувајќи редица неволји и искушенија од едниот до другиот брег на Средоземно Море.
Ете така, Пенелопа, освен нашироко познат симбол за голема и вечна љубов, на верност и припадност, преку платното, стана симбол на надеж во нешто силно да се верува, метафора за купување време за евентуално да се смени ситуацијата, да се променат условите, да се најде поволно решение со кое настаните би го добиле саканиот тек. Дека во секоја, дури и во најтешката, ситуација има надеж да се постигне она што се сака, само ако се издржат нападите, само ако малку се почека, ако се биде упорен и ако се верува во себе. Платното на Пенелопа стана симбол како да се одолжат нештата, да се одложи судбината и да се сврти во своја корист.
За волја на вистината, претседателката Сиљановска не е прва во македонската историја што го употребува мотивот на Пенелопа. Тоа го има направено Христо Матов, роден стружанец, македонски револуционер со цврста национална определба. Имено, Матов, кој е еден од најголемите и најзначајни идеолози на ВМРО во првите две децении на 20 век, кога другите го убедувале дека нешто е завршено и дека ништо не може да се стори за да се променат работите, често ги употребувал фразите: „Не е доткаено Пенелопиното платно“ или „Долго е платното што го ткае Пенелопа“. Таа метафора ја користел за да им соопшти на соговорниците дека не го дели нивното мислење по некое прашање или проблем и дека со текот на времето може да произлезат и други решенија од првично најавените или донесени.