Тоа мартовско утро во оваа пролет 2025
По ноќната голема трагедија во македонскиот град Кочани
Тивко влеговме со Мари да запалиме свеќа во Богородичната црква во Париз
И сите младичи и девојки кои во неколку минути заминаа во вечниот живот
На Небото и сите кои сѐ уште се борат по болниците во
Својата родна Македонија и низ повеќе европски земји
Ни се појавија пред очите и пред солзите
и се случи големо интимно откровение
Пред Олтарот на црквата која со истоимениот роман на Виктор Иго
стана црква на светот и која неодамна гореше и самата во пламените јазици
се појавија 59 виртуелни рози кои прелетаа од Македонија
како да расцутеа солзите на сите родители и најблиски познати и непознати
и како да одекнаа од витражите и очите на светците од светите скулптури
безвремени стихови во гласовите на двајца светски поети
како говорат од светите ѕидови на црквата
Едниот е нашиот бесмртен Кочо Рацин кој велеше
„Песната е молитва за Македонија и огледало на нејзината душа“
и другиот ирскиот поетски гениј Вилијам Батлер Јејтс
кој во својата позната песна The Rose of the World
вели „ако сите стари религии на светот се ливчиња на розата,
тогаш Розата на Светот е секое цвеќе“
на нашата љубов која цути во бескрајот!
Нека цутат во Розата на светот и сите свеќи од Македонија во сите религии
и по сите трагедии и на сите меридијани!
Во таинственото кандило од свеќата до утрините во „Нотр Дам“ во Париз
Останавме да гледаме во сјајот на вечноста
Отсликан во 59 по две засекогаш незаборавни очи
На бескрајната младост… во ангелски свет!
Константин Плевнеш, специјално за „Нова Македонија“ од Париз