Педагогија на опресираните

Книгата „Pedagogy of the Oppressed“ од Пауло Фреире претставува еден од највлијателните теориски трудови во областа на критичката педагогија. Напишано во контекст на социјални неправди и сиромаштија во Бразил, ова дело сѐ уште има голема релевантност за современите образовни системи – вклучувајќи го и оној во Македонија. Она што Фреире го предлага – образовен систем што ќе ги ослободи учениците преку дијалог, свесност и акција – може да послужи како патоказ за реформирање на наставата, особено преку воведување критичко размислување, учење преку проекти, интердисциплинарност и социјална ангажираност. За Македонија, Фреире претставува предизвик: да се преиспитаат улогата на наставникот, содржината на наставата и целта на образованието – не како средство за социјален успех, туку како процес на човечко и општествено ослободување

На еден час по ОНО во средно школо, кога веројатно учевме за воени сојузи, наставникот праша зошто Југославија не била членка на НАТО. Настана тишина. Никој не се јави, учениците молчеа, веројатно затоа што таа информација не беше спомната во учебникот. Познавајќи ги основните општествени состојби и она што сме учеле по други предмети, веднаш се потсетив и одговорив: „Затоа што Југославија имала еднопартиски систем, а НАТО е сојуз на држави со политички плурализам.“
Наставникот беше фасциниран, токму затоа што одговорот не потекнуваше од конкретната лекција од учебникот, туку од начинот на поврзување претходно стекнато знаење.
Тој момент ми остана во сеќавање, не затоа што јас одговорив (или стекнав симпатии кај наставникот), туку затоа што сфатив дека учењето не мора да биде ограничено на тоа што го пишува во учебникот. Понекогаш, размислувањето, поврзувањето и поставувањето логични прашања се вредни исто колку и фактите. Тоа беше еден од ретките моменти кога почувствував дека не учам само за оценка туку за да разберам.
Кога подоцна ги прочитав идеите на Пауло Фреире, ми стана јасно: токму ова е она што тој го нарекува „ослободително образование“. Образование што не создава пасивни слушатели, туку активни мислители. Моите соученици молчеа не затоа што беа „послаби“, туку затоа што беа научени да бараат одговор во учебникот, а не да размислуваат критички, со параметрите на знаењето. Тоа е резултат на т.н. „банкарски модел“ на образование, кој, како што вели Фреире, ја потиснува свеста и ја одржува пасивноста.
Книгата „Pedagogy of the Oppressed“ од Пауло Фреире претставува еден од највлијателните теориски трудови во областа на критичката педагогија. Напишано во контекст на социјални неправди и сиромаштија во Бразил, ова дело сѐ уште има голема релевантност за современите образовни системи – вклучувајќи го и оној во Македонија.
Во сржта на делото е идејата дека образованието не е неутрален процес, туку или средство за потиснување или алатка за ослободување. Фреире остро ја критикува традиционалната педагошка метода, која ја нарекува „банкарски модел на образование“, каде што учителот е авторитетот што го „депонира“ знаењето во пасивните ученици. Според него, овој модел ја одржува опресивната структура на општеството.
Како алтернатива, тој предлага проблемски ориентирана и дијалошка педагогија, каде што наставникот и ученикот заедно го градат знаењето преку критичко размислување и социјална акција. Централен е поимот „освестување“ (conscientização) или развивање свест кај ученикот за неговата општествена позиција и моќта за трансформација на реалноста.

Фреире нуди етички и политички заснована визија за образование, која бара активна вклученост на ученикот во создавање знаење. Неговата критика е убедлива особено во контексти каде што образованието функционира како механизам за одржување на постојниот поредок.
Во Бразил, Фреире ги учел неписмените селани не само да читаат туку и да разберат што читаат во контекст на сопствената реалност и така да започнат да се борат за своите права. Во Африка неговиот модел бил прифатен во програми за постколонијално образование, особено во Мозамбик и Гвинеја-Бисао.
Факт е дека некои од идеите се тешко применливи во институционално бирократизирани образовни системи (посебно оние контролирани од туѓи центри). Не е секој ученик подготвен или мотивиран за дијалошки пристап што бара подолг и покомплексен процес на подготовка. Примарниот фокус на опресијата како социјален конструкт може да ја занемари индивидуалната различност и когнитивни потреби.
Сепак и покрај овие ограничувања, Фреире успева да отвори простор за една рефлексивна и етичка педагогија, каде што образованието не се сведува само на учење факти туку и на воспитување слободни и свесни граѓани.

Дали е променливо тоа во македонскиот образовен систем?

Македонскиот образовен систем, иако формално демократски, во пракса сѐ уште носи силни елементи од банкарскиот модел. Наставата строго се базира на репродукција на информации, а не на критичка анализа.
Училишната средина ретко охрабрува дијалог и прашања, особено во основното и средното образование, што поради самиот систем, кој не го поттикнува тоа, што поради индолентноста и немотивираноста на наставниците. Наставникот е сѐ уште доживуван како авторитет, а не како соработник. Учениците имаат многу мал простор за учество во курикуларно-креативниот процес.
Она што Фреире го предлага – образовен систем што ќе ги ослободи учениците преку дијалог, свесност и акција – може да послужи како патоказ за реформирање на наставата, особено преку воведување критичко размислување, учење преку проекти, интердисциплинарност и социјална ангажираност.
„Pedagogy of the Oppressed“ не е само педагошка книга, тоа е политичка филозофија на образованието. Иако израсната од специфичен латиноамерикански контекст, нејзините идеи за критичка свест, дијалог и ослободување имаат универзална важност. За Македонија, Фреире претставува предизвик: да се преиспитаат улогата на наставникот, содржината на наставата и целта на образованието – не како средство за социјален успех, туку како процес на човечко и општествено ослободување.
Фреире нè повикува да ја разбереме образовната институција не како неутрална, туку како поле на борба – дали ќе произведува пасивни граѓани или слободоумни и активни учесници во демократијата.
Во Македонија, примената на неговите идеи би значела да ја разбереме нашата улога во овој сложен геополитички контекст и наместо да се создаваат слепи поданици (кон одредени центри), ученикот да се насочи да стане субјект на промена, а не објект на контрола.
Сѐ додека културата и образованието како темел на општеството не се засноваат на цврсти основи, а тие не создаваат свесни единки, ќе останеме слепи поданици контролирани од Брисел или Вашингтон, кои и понатаму ќе го оспоруваат нашето постоење, историја или идентитет.

Тони Димитров