Луѓето треба да се сеќаваат, да помнат и да им пренесат нешто од своето минато на младите девојки и момци, на енергијата што треба да ја продолжи таа традиција. Најмногу сеќавања има во историјата. Тие не се само сеќавања туку и емпирија, искуство што треба квалитативно да се надградува. Споредбите облагородуваат и прават да се има поголемо разбирање помеѓу генерациите, да се носат разумни одлуки и да се навлезе во менталната структура на соговорникот за „ти“ да станеш „тој“ и обратно. Конечно, тоа е потреба еволутивно да се исчекори кон поквалитетно ниво.
Денес, во ова турбулентно време, кога јавето личи на разјарено стампедо и кога никој не смее да си дозволи да застрани или да падне, макар и за миг да ја напушти патеката по која нѐ водат трендовите и мејнстримот, не знам колку е од полза да се вртиме назад по лов на некоја древна мудрост што ќе ни укаже на тоа дека почесто треба да размислуваме со сопствената глава. Но кому му е потребно да троши енергија на размислување и да ги користи старите мудрости на предците кога местото на разумот сѐ повеќе ја зазема способноста за приспособување кон реалните состојби. Па, сепак, обидот не чини пари, нели?
Далеку од тоа дека имам намера да заглавам во минатото, кое веќе одамна е минато, ама сепак ќе се обидам да поттикнам некои навики како што е потребата да научиме нешто од достигањата и грешките на нашите старци или барем да го негуваме чувството на припадност и перспективите на нашето живеење. Не смееме да дозволиме разводнување на она што е наследство и карактеристика на нашиот народ и негово обезлчичување. Колку си мал, толку си и голем, бидејќи слонот имал потреба глувчето да го ослободи од трнот во ногата. Еднаш засекогаш треба да знаеме дека патеките од нашето минато се темелот на пистата на нашата иднина.
Малкумина ќе се сетат дека во далечната 1962 година, во гостиварското кино „Култура“ се даваше филмот „Солунските атентатори“ на Живорад Митровиќ, со двојката југословенски актерски ѕвезди Александар Аца Гавриќ и Петре Прличко. Заедно со нив, Дарко Дамевски, Драган Оцокољиќ и Стево Спасовски. Рекламни плакати низ целиот град, разгорени патриотски чувства и редови за билети до плоштад (над стотина метри). Киното беше единствениот прозорец кон светот, се разбира покрај весниците што доаѓаа и се продаваа во неверојатно големи тиражи.
Истата година стигна и американскиот мјузикл „Бал на вода“, со големата филмска и пливачка ѕвезда Естер Вилијамс. Познатиот интерпретатор Карлос Рамирез ја отпеа легендарната „Прекрасното кукле“ или како што ние од Њу Сетлмент – Дутлок ја крстивме како „Мучо, мал мучо“. Амбиентот на музичката уметничка бајка беше збогатен со музичките волшебници на трубачот Хари Џејмс. И денес во кафулињата или на забавите често се слушаат нејзините нотни волшепства.
Југословенската верзија на овој филм со Гала Виденовиќ, Милан Штрљиќ и Драган Бјелогрлиќ беше реализирана во 1985 година, па од таа сторија можеше да се заклучи дека во педесеттите години од минатиот век, во земјата имало недостиг од пеницилин за лекување туберкулоза, од која боледуваше мајката на главната актерка. Потоа државата стана една од најдобрите во областа на медикаментната индустрија.
Уште еден блескав обид да се следи светскиот тренд, а особено италијанската музичко-филмска сцена Сан Ремо – Чинечита, беше филмот „Љубов и мода“ на Љубомир Радичевиќ, со прекрасната Беба Лончар и комичарската двојка Миодраг Петровиќ-Чкаља и Мија Алексиќ. Гледан во киното „Братство“ во Скопје таму некаде во објектот зад последните тезги на Бит-пазар. Театрите во Белград и денес на своите репертоари ја имаат оваа музичка магија и познатата „Девојко мала“ на Дарко Краљиќ, отпеана од познатиот актер Ѓуза Стојиљковиќ. На големиот екран се воодушевувавме со веспата, која претставуваше слободарски исчекор. Навистина е голема штета што до денешни дни нашата врвна комедија „Мирно лето“ не доживеа римејк. Истото тоа ќе го кажам и за славниот „Мис Стон“ со Џувалековски, Прличко, Олга Спиридоновиќ, Тоциновска. Холивуд би направил големи пари од еден ваков спектакл за првпат во синемаскоп и дуаласкоп (колор) техника. Никој од нашиве синеасти не се сети да го направи тоа. Неодамна во Охрид ја гледав и сега величествената градба на „Палас“ во центарот на Охрид, во кој беше сниман „Мирно лето“. Веднаш си помислив каква вредност „дреме“ среде Охрид повеќе од триесетина години. Ама, тоа сме ти ние. Бавно и долго учиме. Можеби подбоцнувани со остен би биле поуспешни?
Музичката сцена во таа далечна 1962 година се потпираше на препеви на канцони од Сан Ремо, на француски шансони и музички преноси од за нас легендарното радио Луксембург, но и на зачетоците од музичките трендови на рокенролот и џезот. Ги слушавме Рита Павоне, Чиљола Чинквети, Доменико Модуњо, Ив Монтан, Шарл Азнавур, Миреј Матје, Едит Пјаф, Клиф Ричард, Томи Стил. Хулахопот беше волшебниот инструмент за „одржување“ на телесната конституција во комбинација со твистот и работните акции, на кои се ширеа пријателство и блискост… Потоа стигна и Белградската пролет, еден од најголемите домашни музички собири. До 1964 година, се намножија дури четиринаесет фестивали. Имаше и доста филмски мјузикли. Ќе го спомнам „Свиреж во 8“ со легендарниот Ѓорѓе Марјановиќ. Што се однесува до спектаклот „Приказната од западната страна“ со Натали Вуд, Рита Морено и Џорџ Чакирис, оригиналот кај нас стигна во почетокот на 1970-тите години веројатно поради тоа што беше едноставно приказна од западна страна. Во 2021 година имаше римејк со веќе длабоко навлезената во деветтата деценија Рита Морено. Таа ги поврза двата века со истиот наслов.
Во 1960 година, во Скопје е создадена рокенрол-групата „Бис-бес“. Момците во тогашната југословенска заедница важеа за домашни битлси. Нина Спирова и Зоран Георгиев беа големи победници на музичкиот фестивал во Опатија во 1962 година со легендарната „Еден бакнеж“. Југославија добро се сеќаваше на шлагерот и прекрасната изведба на Никола Автоски на „Кажи зошто ме остави“. Хаџиманов Зафир во 1962 година се запишува на ФДУ во Белград. Подоцна ќе пее и во париска „Олимпија“, а ќе игра и пее во САД во познатиот светски мјузикл „Виолинистот на покривот“ по романот на Шалом Алехејм.
Ние, дечките од Њу Сетлмент и понатаму уживавме во слободата на летото и ич не ни беше гајле што се случува низ светот. Имавме стрипови од белгиско-француската школа и од богатата ризница на Дизни и Марвел, Филипов и Лобачев, имавме прекрасни книги од Жил Верн, Карл Мај, В. Николоски, Подгорец, С. Јаневски. На страниците на „Нова Македонија“, дневни колони со насмеаниот лик на стрип-херојот Брик Брадфорд. Во белградска „Политика“, по два крими-романа во продолженија како и денес во „Њујорк тајмс“. Во таа далечна година се случуваа многу важни работи и кај нас и во светот, но тие беа грижа на возрасните. Бидејќи по големите поплави ни се урна средишната врска со градот, дрвениот мост, бевме принудени на училиште да одиме четвороножно, влечејќи се по железното мосте полно со празнини и изгниени штици. И денес се чудам како никое од нас децата не настрада во надојдените води на Вардар иако тука научивме да пливаме. Стадионот беше полн со вода и ние со дрвени корита пловевме по него. Се разбира, само по неколку веслања, коритото сосе нас тонеше на дното. Висината на водата, за среќа, беше до градите на едно десетгодишно момче. Се прашувам од каде толкаво количество вода кога постоеја истите акумулации Маврово, Врбен, Равен и Вруток? Веројатно имавме зима со многу врнежи од дожд и снег. Не помнам.
Затоа, пак, од поплавата најмногу настрада Скопје. Едно од најпогодените места беше плоштадот со Офицерскиот дом, градежната гордост на градот. Ова како да беше злобно предвестие за земјотресот во идната 1963 година. Ги помнам уличните пумпи, калдрмата на Маџир Маало, но и пајтоните што беа такси-служба, а потоа и урнатините.
Во светот за кој не ни беше грижа се случија некои многу значајни работи. По декретот од 1949 година, кубанскиот претседател Фидел Кастро беше екскомунициран од страна на Католичката црква. Имаше и некои побуни во португалски колонии против режимот на фашистичкиот лидер Салазар. Да, во центарот на Европа имаше уште еден фашистички режим освен овој, а тоа беше режимот на генералот Франко во Шпанија. Не долго потоа и двете земји станаа горди демократии. Бугарски „миг – 17“ изврши шпионски надзор над авиобазата Јупитерија над Аквавива дела Понти, но тогаш во интерес на сега веќе згаснатиот Варшавскиот пакт. Што да се прави, прагматичен пристап и секогаш на страната на „наводни“ победници. Бугарски табиет. Џон Глен е првиот американски космонаут на орбитален лет околу Земјата, во Чикаго Сони Листон го нокаутира Флојд Патерсон во првата рунда од мечот за титула светски првак во тешка категорија…
Она што можеби нѐ поврзува со ова наше денешно време е прославата на американските демократи одржана во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк. Првата помисла е дека тоа има врска со изборите што се во тек за нов американски претседател во нашава 2024 година. Можеби и секако дека тука има елементи на совпаѓање. Во таа пригода, платинестата убавица Мерилин Монро на својот претседател Џон Кенеди му го честита роденденот преку песна ама со мјаукање. Ниту таа стана пејачка ниту Мерилин ниту Џон имаа среќа, за жал. Кутрата, почина истата година. Набрзо потоа, во акцијата на американската армија, беа префрлени над 1.000 јужновиетнамски војници до виетконгоанската база во близината на Сајгон, што значеше официјален влез во војна. И за да не останеме со лоши предвестија за можни идни случувања во 2024 година, ќе кажеме дека 1962 година беше и година на фудбалот, а оваа нашата година на Олимписките игри. Бразил ја совлада Чехословачка во големото финале со 3-1 и стана нов светски првак. Оваа светска манифестација барем за малку направи пауза од бурните настани на кои не требаше да се чека долго. Есента започна кубанската ракетна криза и навестување за нуклеарна војна помеѓу САД и СССР…
Деновиве на парискиот аеродром „Бурже“ на демократски начин е уапсен уште еден од „чуварите на портите“ на апликацијата Телеграм, Павел Дуров. Светот со внимание ќе ја следи демократската разврска на оваа сензационална вест. Сѐ ќе се среди со кауција од пет милиончиња. Човекот сакаше да биде космополит…
Демократија ли е тоа или панаѓур? За југословенскиот самоуправен систем, Де Гол велеше дека тоа е најголемиот циркуски шатор на светот. Дали…?
Низ Њу Сетлмент престана да чекори стариот сладоледџија и на негово место се намножија колони автомобили донесени однадвор, а немаме саглам улици…
Љубомир Јованоски