Парада

  • Критикувањето на Унгарија, таканаречената црна овца на Европската Унија, во време кога земјите членки не успеваат ниту да се изборат барем за едно столче на тркалезната маса каде што се преговара за воспоставување мир во Украина, е заглушувачко. Мировните преговори ги води Вашингтон, не Брисел, Париз или Берлин, и не во земја од ЕУ, туку на исток, во далечната Саудиска Арабија, што покажува колку Европа во изминатиот период ја грееше клупата наместо да игра на позиција на клучен играч во одлучувачки стратешки игри
  • Подебелиот крај исто така го извлече и Чајковски, кога Кардифската филхармонија ги исклучи неговите дела од програмата. Дали тоа се тогаш европските вредности за кои се залагаат членовите на почетокот на текстот?

Почитување на човековото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста и на владеењето на правото.
Ова е одговорот што ќе го добие корисник на интернет ако го внесе терминот „европски вредности“ во пребарувачот. Обвинети за кршење на гореспоменатите принципи, „кои се сметаат за клучни за слободно и фер општество“, претставници од повеќе од 17 земји членки на ЕУ ја повикаа Европската комисија (ЕК) да ѝ удри заушка на Унгарија ако не се откаже од спроведувањето на законот што забранува одржување настани посветени на ЛГБТ+-популацијата.
Во време кога Унијата сè повеќе го губи своето влијание на политичката карта на светот и која на различни начини се справува со поединци или групи што се истакнуваат и на чиј континент повеќе од три години беснее крвав конфликт, таа одлучи да се справи со прашањето за одржување на Парадата на гордоста во една земја. И тоа кога Америка, со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, се откажа од пропагирање идеологија што ја однесе борбата за правата на ЛГБТ+-заедницата во сосема поинаква крајност.
Затоа, критикувањето на Унгарија, таканаречената црна овца на Европската Унија, во време кога земјите членки не успеваат ниту да се изборат барем за едно столче на тркалезната маса каде што се преговара за воспоставување мир во Украина, е заглушувачко. Мировните преговори ги води Вашингтон, не Брисел, Париз или Берлин, и не во земја од ЕУ, туку на исток, во далечната Саудиска Арабија, што покажува колку Европа во изминатиот период ја грееше клупата наместо да игра на позиција на клучен играч во одлучувачки стратешки игри.
Но Унијата може да се „пофали“ со забрана на една партија во Германија, спречување на кандидатот со најмногу гласови на претседателските избори во Романија да биде реизбран, како и со пад на владата во Берлин и Париз. Да не ги спомнуваме многуте начини на кои Брисел се обиде да ја изолира Русија од светската мапа, со долг список на санкции, од политички, економски до културни, што дури и Достоевски беше етикетиран како „забранет“ на Универзитетот во Милано.
Подебелиот крај исто така го извлече и Чајковски, кога Кардифската филхармонија ги исклучи неговите дела од програмата. Дали тоа се тогаш европските вредности за кои се залагаат членовите на почетокот на текстот?

Анѓела Војиновиќ