Пар-непар

Каква корист од навраќање во минатото? Каква корист од сето она што се случило таму низ временското усогласување пред којзнае колку години? Внимавајте добро. Станува збор за „култура на помнење“ и логичен одговор на прашањата. По правило, минатото е основа за прагматичен пристап за влечење паралели. На тој начин доаѓаме до објаснување за денешниве случувања од еволутивниот пат на човекот, кои својот корен го имаат токму таму – низ годините. Зарем човештвото би се движело напред ако не се потпира на емпиријата – искуството, односно на основата што веќе ја поставиле генерациите во минатото со нивните истражувања? Кусо речено, минатото постои во меморијата и тоа е основа за обликување на сегашноста, а потоа е и проекција за иднината. Се разбира, ако се користат разумот и интелигенцијата. Сѐ додека има меморија, сеедно дали колективна или индивидуална, постои иморталис – бесмртност. Е, сега, кому како му одговара? Избраните односно финансиската олигархија успешно лебди на магичен летачки килим. Таа ретко ќе си го постави прашањето кому му го должи успехот. Како „галеничиња“ на севишниот, избраните сигурно малку знаат за магијата на Ориентот, оти таа е минорна за нивниот финансиски свет. Сепак, наше е да ги потсетиме на Багдад на Харун ал Рашид и 1.001 – една ноќ, на Аладин, Симбад, Али Баба и прекрасната мудра Шехерезада. На Техеран, престолот на големото Персиско Царство на Дарие, Мојсеј, Соломон и Саба – на вредности. Избраните нема воопшто да се замараат со историјата на Филистејците, Сумерите, Асирците, Ахеменидите (Персија), Јудејците, Самарјаните, Вавилонците, Ермените, Арапите, сунитите и шиитите, но добро знаат каде се изворите на енергија. Финансиската олигархија има целосен увид во количествата барели. Освен тоа, успешно го подгрева манипулативниот тек на ценовните потреси. Чиста злоупотреба со плодовите од земјата. За жал, станува збор за цивилизација изложена на финансиски девијации. Затоа денес сме тоа што сме. За избраните светот се берзите, даночните раеви, Атлантик Сити, Монте Карло или светлата на Лас Вегас. На повидок е и „проблемот“ Куба. Таа како повторно да е соочена со светот на казината и перењето пари од времето на Капоне и Дилинџер. За избраните светост е господинот Профит, патолошкиот одраз со остри очници и усни полигавени од крв, кој ги прави арогантни до безумие. Веројатно малкумина од нив знаат дека Ориентот значи „изгрејсонце“ на многу локални и светски јазици. Сега кога пустинскиот амбиент е прекриен со облаци од густ чад, а песокот натопен со крв од мачни судбини на единки и колективитети, со сцената господари крваво зајдисонце. Нафтата и гасот избраните ги прават високопозиционирани на врвот од Вавилонската кула за да бидат поблиску до боговите, за потоа разочарувачки да заклучат дека погоре не се може. Надолу? Е, надолу е нивната најголема трагедија, а сепак следствен тек на логиката и правдата. По ѓаволите со таа проклета Вавилонска кула како потсетник на алчната природа на човекот. Од друга страна, споредбите со состојбите од минатото, се исчекор што може да нѐ придвижи кон поквалитетен живот. Наравоучение, мудроста знае од кој извор да се напојува.

Нафтените кризи се циклусни појави, кои земаат залет со разгорување на воените конфликти низ планетата. Дали станува збор за реални состојби во економијата или шпекулативна потреба да се стави грош повеќе на банковната сметка. Повеќе нема логика да се бројат нафтените кризи бидејќи станаа сѐ позачестени. Со секоја нова, рушење рекорди. Дали нешто не чини во економијата? Полудуваат цените на нафтата и дериватите, дивеат на златото и доларот, поевтинува само човечкиот живот. Па, и тоа е нешто, нели? Потоа врз цивилизацијата се уриваат и сите други инструменти со кои економијата насилно ги наметнува правилата на игра. Хиперинфлација, вооружување, уривање па изградба, уништување традиционални вредности и убивање надеж кај обичните луѓе. Ништо посебно не се случува надвор од клишеата освен драматиката, функционалноста на инструментите на смртта, медиумската атрактивност во пренесувањето бомбастични настани „од самото место“ и новите прераспределби на моќ. Ова потсетува на СФ-филмовите, книгите и стриповите во кои, по правило, агресорите доаѓаат од којзнае која галактичка единица за да го загрозат земниот рај. Потоа на дело стапнуваат Марвеловите суперхерои. Тие се спас за светот.
Во далечната 1979 година, нафтена криза. Ајатолахот Хомеини триумфално го напушта Париз и се враќа во Иран. По чиј налог, може само да претпоставиме. Истата година се воспоставени дипломатски односи меѓу САД и Кина, по 30 години нејзина независност. Менахем Бегин и Јасер Арафат потпишуваат мировен договор во Кемп Дејвид. Од советската фабрика во Свердловск за развој на биолошко оружје, во воздухот случајно се испуштени спори на отровен антракс, кој усмртил 66 луѓе и голем број стока. И како круна на сите случувања, иранските студенти земаат заложници од американската амбасада во Техеран. Таа криза ќе трае цели 444 дена. Поради неможноста да увезе доволни количества на нафта, СФРЈ е принудена да воведе систем пар–непар. Беа определени денови во кои ќе возат автомобили само со непарни односно парни броеви на табличките. Во едно такво опкружување, дел од туристичките глобтротери, во состав Благоја Ќипровски зад управувачот, Војо Ќипровски и мојата дробност, одлучија да тргнеме на турнеја низ Европа. Со „рено 4“, технички проверено од мајстор Дракче, бевме подготвени за „подвиг“ за кој во тоа време сонуваа мнозина. Стартувавме по гостиварско–тетовската калдрма (автопатот не беше направен) кон Суботица. До 24 часот требаше да бидеме на граница, бидејќи потоа патиштата ги користеа оние со непарни броеви. Беше тоа трка со времето, а ние успеавме во намерата. Штом влеговме во Унгарија, првиот паркинг и спиење во автомобил. Турнејата траеше 17 дена, со изминати 10.500 километри. За само еден возач, вистински подвиг. Притоа ги посетивме Будимпешта, Братислава, Високи Татри. Го минавме и контролниот пункт Чек поинт Чарли и притоа патувавме по бетонскиот автопат на Адолф Хитлер. Берлинскиот ѕид го контролираа четирите окупациски структури. Од една страна САД, Британија и Франција, од друга СССР заедно со силите на тогашната Демократска Германија.

Период на Студена војна. Патот нѐ одведе до Хамбург и Либек на север, а потоа со траект од Травемунде за Копенхаген. Еден мал куриозитет. Поради нафтената криза, премиерот на Холандија и сиот негов кабинет користеа велосипеди. Улиците беа полни со велосипедисти, а нас нѐ гледаа како чудо. Од крајната северна точка на нашата турнеја, се упативме назад кон Ротердам, Амстердам, Брисел и кон Па де Кале. Оттука требаше со траект да се префрлиме на британско копно, но немавме среќа оти пловилото заминало, а нас времето нѐ претрчуваше. Подземниот премин под Ла Манш беше во фаза на проекција. Патот нѐ одведе во Париз, а потоа опкружени со непрегледни лозови насади кон Пиринеите и Андора. Од малечката држава на врвот од Пиринеите, се упативме по кривулест пат кон Барселона. По Коста Брава, го минавме и целиот Азурен Брег, почнувајќи од Марсеј, Антиб, Сен Тропе, Кан, Ница и Монте Карло. Рајски амбиент. На ред дојде и величественото Сан Ремо, а потоа Џенова, Милано, Торино, Венеција. Да не заборавам на Швајцарија и Австрија. За некои нафтена криза, за нас прекрасно патешествие и потсетување на убавините на старата добра Европа. Но се чини дека сега Ѓаволот е посериозен и дека пар-непар нема многу да ни помогне. Бомбите и Ормускиот Теснец во моментов ја определуваат иднината.