Палимпсест… 17

Се јавувам од една невозможна земја
Известување број 2018
Она што можам да го забележам во секојдневноста на оваа непозната земја е дисхармонијата помеѓу информациите што ги испорачуваат средствата за јавно информирање и реалноста во која се живее. Мислам дека тоа може да се разбере доколку се следи неразбирливиот слоган на власта, која бара од граѓаните да бркаат „посветла иднина“. Тоа е успокојувачко објаснување…, но…
Мојата страст за минатото (среќа е што сум странец – случаен минувач во оваа непозната земја) ми обезбеди прекрасни амбиенти, заборавени простори од минатото на оваа земја и во една ПРИГОДА кај најголемата амфора за собирање мајчини солзи на светот пронајдов пергамент (се осмелувам да тврдам палимпсест) на кој имаше траги од некоја порака. Би сакал да го пренесам преводот што ми го овозможи интерпланетарниот декодер со сите резерви околу веродостојноста, но приказната, иако очигледно без почеток и без крај, ми се стори дека ја објаснува денешнината на оваа непозната земја овде-сега и… како да претставува огледална проекција на оваа секојдневност како веќе изиграна во некое минато…, како некој од древнината да втрчал во ова овде-сега, оставил порака и се вратил тогаш-таму. Го испорачувам преводот:
**………………………………….Оваа речиси свирепа, разновидна гнасотија во која опстојуваме се должи на една установа за која другите држави не знаат ИЛИ кај нив таа дејствува на несовршен, прикриен начин. Таа установа е именувана како ЛОТАРИЈА. За нејзината историја малку се знае. Дедо ми Мате зборуваше дека еднаш – некогаш, лотаријата била игра на простиот народ. Неа ја измислиле берберите. За ситни пари продавале мали правоаголници од древни коски на кои имало некој запис на ретко писмо. Бараниот збор се извлекувал и прогласувал за добитен на полна дневна светлина, а добитникот добивал без друга помош на судбината, потребен и доволен број повеќе пари од вложеното. Природно, таквата лотарија пропадна поради недостиг од степен на морална вредност. Таа не се обраќа на можните човечки способности туку единствено и само на НАДЕЖТА. Се пристапи кон една новост: се вметна мало количество на броеви губитници. Сега купувачите извлекуваа двојна можност- да добијат пари, но и да изгубат прилично пари.
Таа малечка можност (на дваесет и пет добитни коски има една што губи) ја распали заинтересираноста кај народот. Државата стана на нозе! Набргу секој што не сакаше да учествува во лотаријата беше анатемисан како страшливец, малодушник. Со време, тој (политички оправдан) презир се прошири пронаоѓајќи нов мотив. Почнаа да го презираат, со поголема жестокост, не оној што не сака да учествува во лотаријата, туку оној што ќе извлече губитничка коска и треба да плати парична казна. Компанијата (сега веќе беше време да се промени името) објави дека сега ќе ги земе во свои раце интересите на добитниците, кои, инаку, не можеа да ги добијат згодитоците пред да стигне уплатата од казните на губитниците во цел износ. Компанијата поведе спор против губитниците. Судот (кој, секако, се разбира…) ги осуди на првичната казна, зголемена со судските трошоци или (имаше избор) СООДВЕТЕН ЗАТВОР…, од тоа распердашување на еден грст луѓе полека но сигурно се воспостави семоќта на КОМПАНИЈАТА… нејзината метафизичка сила…**

ЗАБЕЛЕШКА: На еден дел од палимпсестот, нејасно дали од овој текст или од претходниот под него… или.. можеби некој под него, има и едно име. Го преведувам и него според алгоритамот на декодерот…: ЃОРГИ БОР… БИБЛИОТЕКАР ВО С…!!!???… нели библиотекарот што е цитиран секаде како најважен извор за историјата на Рим, особено кога станува збор за алхемиите на Хермес (смарагдната книга), се именуваше Јован библиотекарот од Стоби??!!!…да не е овој Ѓорѓи асистентот?
Крај на известувањето број 2018…?

Вангел Божиновски