Политики на паланката (8)
Радомир Константиновиќ во својата култна Филозофија на паланката не говори за ова прашање. Но, од сето она што е кажано таму, лесно можат да се извлечат импликации, особено затоа што филозофијата на дваесеттиот век интензивно се занимаваше со односот меѓу моќта и човековото тело. Кратко речено, може да се допише Константиновиќ, ако се има предвид неговиот став дека постојат два вида паланечки дух: конзервативен (кој ги брани „традиционалните вредности“ на паланката) и авангарден, оној што е некритички воодушевен од „светот“ што е секогаш „таму некаде, далеку од паланката“.
По проучувањата на Фуко и Епштајн, знаеме доста за односот меѓу моќта и телото: моќта е идеолошка категорија, а телото биолошка. Нивните цели се различни: идеологијата бара воздржаност и послушност, а телото – наслада и слобода. Крајна цел на секоја тоталитарна идеологија е да го покори телото, затоа што телата се тие што маршираат во воен строј, водат војни, гласаат и можат да се управуваат, според волјата на диктаторите. Познато е дека телата се послушни под репресија дури и во случаи кога душата не ја одобрува репресијата. Прашањето дали од милиони тела што послушно марширале пред кренатата рака на Хитлер ама баш никој не чувствувал осуда на тој режим, од таа гледна точка е реторичко. Се разбира дека имало и такви на кои им се гадело од тоа, ама морале да маршираат и да исполнуваат заповеди. Тој примат на послушноста на телото пред послушноста на душата е и доказ дека телото е навистина само биолошка категорија: тоа сака да преживее, и затоа нема избор освен да биде послушно. Душата може да биде непослушна, но телото главно ќе слуша, затоа што се плаши. А се плаши затоа што нема комуникација со својата душа, и во тоа е тајната на секоја диктатура – да се раскине врската меѓу она што душата му го кажува на телото („Бори се, спротивстави се, ова не е праведно!“) и самото тело. Телото треба да биде инструмент за исполнување на желбите на душата, но за да преживее, се согласува да ги исполни и желбите на некој друг. Секој што не ја слуша својата душа, а телото го става на располагање на друг и на неговите желби, во суштина е паланчанец.
Тоа најдобро се гледа врз примерот на гениталиите, кои се епицентар на судирот меѓу билогијата и идеологијата, судир на телото со моќта. Притоа, треба да се потсети дека гениталиите се најинтимниот дел од телото, нешто што е еднакво лично колку и ракописот на една индивидуа или колку и полицискиот отпечаток на прстот. Како се однесува паланката (која по природа е тоталитарна) кон гениталиите, кога веќе се знае дека таа, како колективитет (како и партиските колективитети) се однесува репресивно кон секоја посебност, исклучителност, индивидуалност?
Прво, во секоја паланка се инсистира на целосна „јавност“ на гениталиите. Не е возможно да имате таен интимен живот во паланката. Паланката, како што вели Константиновиќ, сурово го спроведува „начелото на јавност“ преку еден едноставен механизам: „прекуплотовскиот поглед“. Многу е тешко да се има љубовница во паланката. Тоа на некој начин ја објаснува и необичната „архитектура“ на паланките, и особено на нивната околина: вообичаено е дека покрај секоја паланка постои хотел во некоја пустелија, на триесетина-четириесет километри од паланката, со лош пат. Тој хотел постои на место каде што нема причина ни за мотел, зашто таму не се одвива никаков бизнис, иако тие хотели се наоѓаат точно „на половина пат“ од другиот град и служат како алиби за деловна средба со партнерите „на неутрален терен“ (ни кај нас ни кај нив). Симптом е и зголемената миграција на паланчаните: тие сакаат често да патуваат, од „бизнис-причини“ (фамозното „службено“, а всушност интимно патување), во некој друг, поблизок, а уште подобро – поголем град (да излезат во „светот“). Таму се ослободени од прекуплотовскиот поглед и „тиранијата на апсолутен увид во сè“ (Константиновиќ).
Што прават таму?
Сето она што не смеат во паланката. Паланката, како контролор на послушноста на телото, а во име на одбраната на колективните, традиционални паланечки вредности, не дозволува гениталиите да бидат ништо повеќе од ПРИБОР ЗА РЕПРОДУКЦИЈА. Во постарите учебници по биологија, дури, се користеше токму тој израз: полов прибор (срп. „полни прибор“, а во колоквијалот „алат“). Дури во седумдесеттите години од минатиот век тој „механички“ и „прагматски“ назив се замени со „похедонистичкиот“ – органи за репродукција. Но остана она „репродукција“: тоа не се органи за наслада и репродукција, туку само за репродукција (окото е орган за вид, ама и орган за наслада пред сликите на Ван Гог, на пример). Така што, „приборот“ и „алатот“ служат само за една работа – да се НАПРАВИ дете. Ете го тоа паланечко сфаќање на гениталиите и во колоквијалот: гениталиите имаат „фабричка“ функција, тие не смеат да служат за уживање. Нивната функција, за паланчанецот (и за тоталитарните режими) завршува со „она за што служат“ – раѓањето, обезбедување род и пород. Така се одржува конзервативизмот на паланката, оној што е загрижен само за родот и опстанокот на паланката. Никаков хедонизам на гениталиите не доаѓа предвид – паланчаните, како и тоталитарните режими, бараат САМО НОВИ И НОВИ ТЕЛА, затоа што без тела нема инструменти на моќта – телата гинат во војна. Од таа гледна точка, индикативни се „поттикнувањата“ на наталитетот во тоталитарните режими, преку финансиски стимулации („трето дете“, „четврто дете“).
Штом се случува тоа, политичката паланка е во паника поради НЕДОСТИГ ОД ТЕЛА: а ако нема тела, ќе нема ни со што да владеат таа власт и таа моќ.
Тоа е ставот кон гениталиите на првиот тип паланка: конзервативниот. Оној другиот тип паланчани се оние што, „во светот“ (откако поминале една ноќ во големиот град или во мотелот на половина пат) откриле дека гениталиите можат да служат и за задоволства и уживање, па ги претвораат во чист ЛАРТПУРЛАРТИЗАМ. Тоа е другата крајност: гениталиите не служат за ништо утилитарно, тие се цел самите за себе: тие служат САМО за уживање. Таквите, авангардни паланчани внимаваат на контрацепцијата, за да „не се заробат“. Тие бранат најлиберални ставови по однос на гениталиите, до модерната теза дека гениталиите можат да се менуваат како што се менуваат делови на автомобил: сакам „женски“ наместо „машки“, пластични наместо челични одбојници.
И, додека овие две паланечки војски (отелотворени дури и во спротивставени партиски „програми“) водат војна околу функцијата на гениталиите, речиси никој не гледа дека и едните и другите со своите радикални ставови предизвикуваат ист ефект: масовно иселување на младите. Не гледаат дека гениталиите, кај гладниот и безработниот, немаат смисла ни како извор на уживање ни како „алат“ со кој се гарантира опстанокот на „родот“. Човек со празен стомак ниту помислува на деца и семејство ниту на „бесполезен“ оргазам. И така, си се сменуваат на власт „конзервативните гениталци“ и „авангардните гениталци“, а нашите деца секојдневно се иселуваат, без разлика дали сакаат со гениталиите да создадат семејство или да уживаат во нив. Привилегиите на гениталиите, какви и да се тие привилегии, ги уживаат само оние што се на власт. А тоа се ЕДНИ ИСТИ, без разлика што тврдат дека се дијаметрално спротивни од „другите“. Се сменуваат со таква правилност и предвидливост со која вторник го сменува понеделник, а среда вторник. Прост механизам: пар-непар, чиста дигитализација на идеолошката моќ, од која гениталиите стануваат – непотребни.