Паланката е граница: ни село ни град

Политики на паланката (2)

Кога завршија изборите, многумина се израдуваа, затоа што од власт падна една од најмрачните гарнитури што владееле со Македонија досега. Тргнаа како светлина (социјалдемократски факел) што требаше да нè одведе во Европа, а завршија како трговци со националниот идентитет, историја и име, со тврдење дека иднината е авангардна, а минатото (историјата) ретроградно. Но, многу добро знаеја, како интелигенти (речиси сите во партијата и нивните медиумски сателити беа високообразовани луѓе), дека многупати иднината знаела да била ретроградна, а минатото се покажало поавангардно од иднината. На 1 септември 1939 година, кога Германија ја нападна Полска, нацистите веруваа дека иднината ќе биде поавангардна од минатото; се покажа потоа дека не е така. Човештвото, „во иднината“ што следуваше, се врати назад цел век. Нашите факелисти, псевдоевропејци, сепак доживеаја светла лична иднина: сите излегоа од политиката материјално потешки одошто при влезот во неа. Албанците посебно. Финансиските афери што се откриваа го покажаа тоа, иако никому досега ни влакно не му недостига од главата. Напротив, и покрај помпезните најави на „новите“ за „правда“ и „судења“ (дури и за „национално предавство“), работите полека „слегнуваат“: и „волците“ и „јагнињата“ стивнуваат. Затоа, и сите што по изборите на социјалните мрежи пишуваа „Смрт на фашизмот, слобода на народот!“, нека стивнат малку. Нема да има вистинска слобода додека не се ослободиме од ПАЛАНЕЧКИОТ МЕНТАЛИТЕТ, без разлика кој е на власт.
Повеќето од нас сосема погрешно ја доживуваат паланката како место, но таа е состојба на духот. Географско-архитектонските особености на паланката се само последица на духовната состојба на „запаланченост“ на умот. Точно е дека Скопје, на пример, според архитектонската семиотика, навистина не е ни село ни град. Уништувањата на маалата со најмодерни повеќекатни стаклено-челични градби, кои гротескно се граничат со старите маалски куќи со дворови, во кои до неодамна мирисаа градинарски домати, се одличен показател за тоа: Дебар Маало на прво место. Но тоа е последица на паланечкиот дух. А неговото основно начело е: колебање меѓу старото и новото, колебање меѓу „селото“ и „градот“, колебање меѓу „ние“ и „светот“, колебање меѓу „историјата“ и „иднината“.

Сите тие особини ги има и во нашата политичка и интелектуална мисла. Ние сме паланчани по дух, зашто правиме остра граница меѓу ние и светот. Во својата „Филозофија на паланката“, уште во 1969 година, Константиновиќ запиша, како да ги „цртал“ политиките на екстремните „десни“ и екстремните „леви“ кај нас: „Можниот став на паланчанецот е или став на одобрување („за паланката“), или став на побуна („против паланката“). Првото е став на свесен конзервативизам, кој се базира на критика на „светот“, со чувство за сопствена првороденост (светот отпаднал од својата првобитна природа, според тоа светот е одрод, а не јас); второто е став кој сонува вклучување во светот, преку негација на паланката. Паланечкиот дух се јавува и во двата вида, и во двата вида триумфира“.
Потребен ли е некаков коментар на овој цитат? Едните конзервативно се држат за националното, другите негираат сè што е национално и се воодушевуваат од „светот“. Само мал број се вистински „непаланчани“, што значи и патриоти и космополити. Тие две нешта, патриотизмот и космполитизмот, се две страни на една иста монета, ама кому му расправаш; дури и европските емисари за нашите патриоти користат етикета – националисти (домашни паланчани). Но вистината е дека и нашите „локалци“ и нашите „Европејци“ размислуваат паланечки, затоа што и едните и другите, иако застапуваат навидум различни ставови, имаат заедничко „паланечко јадро“ – чувство за НЕПРЕМОСТЛИВА ГРАНИЦА МЕЃУ НАС И СВЕТОТ. И за едните и за другите ние сме различни од светот; за „Европејците“ сме „помалку“ од светот (ужасната теза дека патриотизмот е ропство кон минатото), за „националистите“ сме „повеќе“. Станува збор, всушност, за онаа иста ГРАНИЦА што се чувствуваше во 20 век меѓу СЕЛОТО и ГРАДОТ: селаните секогаш ги доживуваа граѓаните како „одроден свет“. А „граѓаните“, осветлени од неонот, заслепени од иднината, со потценување говореа за селаните, од кои потекнуваа.
Паланката не е ни село ни град: таа е НЕПРЕМОСТЛИВА ГРАНИЦА. Во селата, сите „функции“ (на пример, кој ќе го наследи најродното лозје) се доделуваат според крвна врска. Ниеден татко нема да му го довери своето лозје на синот на соседот (дури и да е најдобар лозар), туку на својот син, макар бил и најлош лозар. Во градот („општеството“, „светот“), функциите би требало да се добиваат според заслуги, а не според крвна врска. Сигурно е дека еден градски приватен бизнисмен би го избркал својот неспособен син од местото книговодител (ако му прави загуби), па би зел способен, кој не му е крвна врска. Така би постапил ако фирмата е приватна. Но ако е „државна“? Е, тогаш би го сместил неспособниот син дури и за директор, само ако „неговите“ се на власт.

На таа точка почнува паланката, како состојба „ни село ни град“. Односно како состојба „еднаш село – другпат град“. Како ни одговара. Тука почнува и политичката партија, како идеолошка ГГ (група граѓани) задруга – „ни село ни град“. Поставувањето на функции во политиката најчесто се одвива според крвни или пријателски врски, но и според „иста идеолошка крв“. И да си најспособниот книговодител, нема да бидеш назначен од левите, доколку имаш убедувања („идеолошка крв“) од десните.
Всушност, острата граница меѓу „прекрасниот свет“ и нас, паланката, доаѓа само од чувството дека сме „заборавени“ од актуелната светска историја. За тоа чувство, како да е сведок на нашето кукање дека Запад неправедно не нè признава, Константиновиќ пишува: „Меѓу селото и градот, така заборавен, светот на паланката не е ни село ни град. (…) Кога овој паланечки дух зборува за својата клета судбина, тој говори за својата отсеченост од (сегашната) историја. Но дури и кога ја прогласува за проклетство, тој ја посакува таа своја отсеченост… за да се овековечи со тој заборав во себеси самиот, заколнат во траењето, од онаа страна на времето“. Тоа е длабок комплекс на инфериорност пред „сјајниот свет“ (ЕУ, САД). Од него страдаат политичките паланчани, и оние што му се воодушевуваат, и оние што го негираат „светот“. Но зошто таква инфериорност, кога нема причина?
Па ние имаме граѓани на светот: Прличев (признаен ПРВО од Грците како „Втор Хомер“!), Блаже Конески, Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Горан Стефановски, Дарко Панчев, Тоше Проески, Гоце Смилевски, Дејан Дуковски, Шабан Трстена, Љупчо Коцарев, Сашко Кедев, младиот математичар гениј Македон Димитровски, нашите европски и светски (ракометни и борачки) шампиони, македонските винари… Македонија одамна е во Европа и светот, драги мои политичари, ама вие не знаете. Затоа што живеете во изолиран, паланечки, политички полусвет, кој сите други „македонски светови“ (спортски, уметнички, научни, стопански) ги крие од „големиот свет“. За кого, всушност, барате прием во ЕУ и „светот“, господа од нашата мала македонска паланка?
Само за вас. „Светот“ не препозна досега ниту еден европски политичар меѓу вас. Препознава или најмеки послушници, или тврдоглави опоненти. И едните и другите се, според Константиновиќ – паланчани. Ама гении – нема. Генијот знае дека е рамен на светот, не е помалку од него. Очигледно, ќе чекаме уште долго да се роди бар еден во политичката акушерска клиника.