Ова е време да го согледаме системот

Системот одамна е крахиран, ама ова е сега удирање по нос. Кај нас се случува нешто друго во моментов – обид да излезе трулежот на системот и да се бара одговорност. Се надевам ќе се продолжи по тој пат и нема да преовладеат старите навики…

Ова е тежок период за сите нас, а особено за родителите што ги изгубија своите НАЈМИЛИ, блиските, родителите што не ја знаат иднината на своите деца и сите тие што се на лекување и се борат за својот живот.
Ова е време да ги согледаме системот што сите сме го граделе и стандардите на кои сите сме се согласувале иако длабоко знаевме дека не го правиме најдоброто. Имањето некоја книшка од партија и припадност дадоа моќ што не постои… Во вакви ситуации го гледаме тоа.
Го заборавивме човекот во нас и во другите, а само тоа е вредно. Дозволивме животот да не вреди ништо, а столчето, партијата, книшката… да бидат сѐ. Во него и во поделбите наш-ваш изградивме трулеж овие триесетина години, а имавме шанса да создадеме рај.
Ама за тоа ни требаше друго вреднување. Не бенефиции од мој-твој, сврши ми работа, дај ми печат што не вреди и нема важност, вработи ми го детето ќе му купам дипломче, ако не знае, ќе се снајде… и сето она што поминувало покрај нас, ни создавало бес, па сме лаеле на Фејсбук дека е неправда… ама животот течел гребејќи се на создаденото од некое друго време.
Системот одамна е крахиран, ама ова сега е удирање по нос. На Србија истото ѝ се случи, за среќа со помалку човечки жртви. Излегоа младите и рекоа доста е. Но нивната власт се обиде да тера по старо и да ги заташка грешките.
Кај нас се случува нешто друго во моментов – обид да излезе трулежот на системот и да се бара одговорност. Се надевам ќе се продолжи по тој пат и нема да преовладеат старите навики – чекај овој го знам, оној го знам.

Јас сум Камелија и сите во оваа земја имаат име и образ, а не придавки. Дајте да свртиме по правиот пат и да изградиме нешто што сите ќе се чудат дека може, а не да се лепиме за туѓа сила и креација и да молземе. До сите оние што сега го водат случајов: Ве молам сите инволвирани што довеле до оваа трагедија да одговараат, да не биде овој е мој, твој, наш…

Сега моментално лежат во болница и виновниците и нивните деца, нема никој заштитен кога се во прашање небрежност, нахалност и пари. Тука не помага НИШТО. Бараат оставка некои… Па, министерот е поставен тука да биде со нас кога е и лесно и тешко, а не да си оди кога ќе затрудни работава.
Сега се отворија мислите на партиска задоеност – еве ја вмровска, не сум веќе северџанка…
Еееејјјј. Јас сум Камелија и сите во оваа земја имаат име и образ, а не придавки. Дајте да свртиме по правиот пат и да изградиме нешто што сите ќе се чудат дека може, а не да се лепиме за туѓа сила и креација и да молземе.
До сите оние што сега го водат случајов: Ве молам сите инволвирани што довеле до оваа трагедија да одговараат, да не биде – овој е мој, твој, наш… оти светот врие и бара право на живот и постоење, а не лудување на поединци.
На оваа планета во овој момент сите сме тука заедно. Време е сегашноста да ја поставиме на прави столбови заради иднината на нашите деца. Ако ме дочитавте, фала ви.

Камелија Шојлевска