„Форбс“ прави пресметка колку ќе чини војната во Заливот. Не знам колку чинат човечките животи и дали ги вкалкулирал во пресметката. Обложувањата продолжуваат. Сега е актуелно до кога ќе трае судирот и колкава ќе биде сметката за нејасни причини за кои трештат сите убиствени направи. Морбидно, навистина. А оружјето не чува држава, како што е вообичаено во жаргонот на политиката, туку само интереси на самоповиканите. Впрочем, за нив се војува, за нив е печалбата – профитот, за нив е благословен ловот во матно. Што е режим, а што регуларно избрана власт на демек, демократски избори. Простете, но во кој систем има вистински демократски избори? Е, да. Ги има во демократските средини, но таму нема кој да ги надгледува. Живееме во плурално општество преземено од големите демократии. Но тоа како сѐ повеќе да се претвора во систем од само две партии? Се менуваат Тасе и Петре или Курто и Мурто за потоа да им свртат грб на тие што постојано се надеваат на подобро – гласачите. Арно ама, тоа е реалноста на оваа скршена цивилизација. Кому му е до ферплеј или витешка доблест кога амбарите треба да се дополнат? Кому му е до правила кога е загрозено ќесето? Но сѐ има почеток, врв и крај. Крајот е тежок, особено за суштества што одамна живеат во облаците. Ќе потсетам на паролата на американските милијардери од минатото (за сегашниве не знам). Доколку лесно ви оди качувањето по скалилото до врвот на финансиската пирамида, тогаш внимавајте некаде патем да не ја загубите душата.
Порано во маалските игри, ќе се саскавме како кучиња. Фалбите не изостануваа. Како петли на буниште. Тие беа инструмент за заплашување. Ние имаме стапови и стрели, тие имаат мускули и жили (чатали). Потоа сѐ ќе завршеше со општа тепачка и понекој распукан нос. Така до денот на одмаздата на натепаниот. Потоа, повратен насилен чин. На крајот, смирување на страстите и како ништо да не се случило. Но во тие пресметки немаше жртви, туку само модринки. Ова на некој начин како да го презедоа самопрогласените владари на светот. Тие што се дадени од бога, тие со дефицит карактерни вредности. Трагично е да се избројат малите невини душички што страдаат без причина во „воените игри на големите – возрасни чичковци со ангелски насмевки на лицата“. Нерон не знаел што и како со својата харфа. Тегнел жици и извадил два-три груби тона. Со своето докажано лудило, ги натерал дворјаните да ракоплескаат. Потоа го запалил Рим предизвикувајќи голем број човечки страдања и трагедии. Таму некаде во средниот век (1337–1453) трае стогодишна војна меѓу крвно поврзани кралеви од династијата Валоа. Од многубројните френски кралеви најмалку четворица не биле „со сите“. Наполеон натегна милионска војска за да ја пороби Русија. Не, не за нафта и минерали, оти не знаел за тоа, туку од каприц и за слава на неприкосновен господар на оние што биле непокорени. Божји миленик како и многумина низ историјата. Освен загубените неброени човечки животи, се вратил посрамен во Париз каде што и абдицирал.
На Русите не им била потребна Франција, па си се повлекле. Е, сега, доволно е да се погледне орелскиот поглед на Иван Четврти – наречен Грозни, првиот руски цар што вршел страшни репресии како наследство од мачното детство, па да стане јасно со кого си имале работа неговите неистомисленици. За прочистување на душата од многубројните чистки, го формирал „црковниот орден“ каде што заедно со дворјаните и црковните лица се молел под симбол на кучешка глава и метла. Тоа значи дека тој и неговите касаат како кучиња, а со помош на метлата го чистат сето она што е одвишок на земјата. Адолф Хитлер, австрискиот каплар со промашена уметничка кариера, ја потресе планетава без и самиот да знае зошто го прави тоа. Доминација, енергенти или различност, односно расни разлики? Двајца луѓе не се исти, но тие секако се дополнуваат со своите способности во интерес на напредокот. Заемна корист – солидарност. Овие ликови бледнеат. Заборав или несвесна обземеност од динамиката и стресовите на совремието. На ваков или таков начин тие се далечно минато. Но и ден-денес, некои организирани групи се навраќаат на минатото, па фирерот го поздравуваат со високо крената рака. Се чини дека постојат сѐ поизразени аномалии во еволутивниот пат на човекот. Едноставно, тој пат како и да не влијаел врз разумот и свесноста, туку само на усовршување на инструментите на смртта.
Веројатно некаква метафизичка структура пуштила абер од бесконечниот вселенски простор. Притоа, инсистирала на разврски што постојано ќе прават неприродни селекции поради пренаселеност на планетата. Слично како во африканските савани. За оние од денешната политичка сцена ќе зборува историјата, оти сега е опасно на некој што седи на тронот да му укажеш на недостатоците. Веднаш ќе ти го припише тоа за грев. Можеме да зборуваме за постоење на голем број резерви со современа муниција и проектили складирани во подземни депоа и бункери. Тие како едвај да чекаат повик за голтање човечки животи. Земјата стенка под гасениците на тенковите и од експлозиите на софистицираните орудија. Без милост, човекот ѝ ја корне утробата и ја сече гранката на која седи. Можеби ни е судено постојано да војуваме. А зошто? Па за џебот, сигурно. Човекот се сведе на аморфна маса што го претвори животот во брза видеоигра.
Се мислеше дека по втората световна војна ќе заплови во мирни и вечно мирни води. Но… навистина им нема број на воените судири. Најстрашно е што луѓето малку по малку, сѐ повеќе се рамнодушни на сите несреќи што се случуваат. Јавноста покорно молчи, дури и при масовни страдања на децата. Веројатно тоа се случува поради одамна изумрените критериуми на вредност и засилените материјални импулси. Еј, пуста нафта и земен гас од Касписко Море. Дури и да се организирате по начелата, традицијата и потребите, дури и да сте самоизолирани или изолирани од преостанатиот свет, вие сте цел на конспиративни игри. Не чини ни вака ни така.
Во моментов, планетата е целосно милитаризирана. Пеколна спирала. Четиригодишна крвава војна Русија-Украина. Интервенција на САД и Израел врз Иран. Гори Ориентот или Блискиот Исток, сеедно. Гори и Иран. Заканите се префрлаат и на европско копно. Се разбира, доколку величествената убавина Кипар поделена помеѓу двете заедници и со британска воена база како круна ѝ припаѓа на Европа.
А таа, пак, старата добра колонијална империја, трескавично се обидува да ја задржи својата привилегирана позиција. На Британската Империја тоа не ѝ појде од рака по Втората световна војна. На сево ова се надоврзува воениот конфликт меѓу вековно борбените Авганистан и Пакистан. Таа проклета Дурандова линија, речиси еден век ги држи луѓето во вечна војна. И таму нема објаснување за она што се случува меѓу соседите. Не би ме изненадило повторно разгорување на жарот покриен со пепел на Индискиот Потконтинент и каде уште не. Некој како упорно да го цица разумот од човечките глави.
Во моментов трештат ракети по земјата на некогашното Персиско Царство и низ Блискиот Исток, територијата на трите религии. САД годинава слават 250 години од своето постоење и се домаќини на Светско првенство во фудбал. Израел би требало да се врати на Соломоновите мудрости. Нека заврши оваа воена ѓурултија за никогаш да не се повтори. Не претпоставував дека демократијата ќе ја покаже и својата мрачна страна. Зарем мораше да се случи трагедијата на мајката со чедото во Скопје? Ми се плаче, а немам повеќе солзи… се разбира, поради зачестени трагедии.
Љубомир Јованоски
































