Орвеловска тоталитарна надобудност

Хиперстварност

Најновите анализи во сферата на глобалните комуникации потврдуваат дека стравот од орвеловската тоталитарна надобудност е само делумно оправдан и од мачна и темна перспектива се преобразува во реална претпоставка за иднината на светот.
Во услови на апсолутна медијализација на стварноста тој злокобен тоталитарен прејудициј, кој се наѕира во мноштвото анализи и предвидувањата за иднината на светот, спласнува и омекнува.
Опасноста што толку цврсто ги обединува е стравот од вистински плурализам во сите сфери на живеењето и загрозувањето на нивниот статус на единствената елита и губењето на нивната единствена вистина во бучавата што ја создава вистинскиот плурализам.
Според имагинативните глобални сценарија, интернетот создаде услови за формирање и подем на виртуелни интересни групи и лобија, кои вршат и ќе вршат силен притисок врз политиката и владите до тој степен и во обем при што може да се каже дека тие владеат наместо актуелната реална политика.
Глобалниот свет станува сѐ поголем предизвик за човештвото. Сосема е сигурно дека она што го овозможуваат информациските технологии и телекомуникации, во извесна смисла може да се спореди и третира како ресурс и природно богатство. Но разликата во тие две сфери е суштинска. Првата и основна дистинкција е што природното богатство е од локален, национален или државен од карактер, а она што го овозможуваат информациските технологии е глобално.
Според предвидувањата, во иднина во подем ќе бидат државите со најголеми човечки ресурси и со високоразвиени технологии, а не со суровини во вообичаената смисла на зборот. Постинформациските општества ќе бидат мултиетнички заедници што ќе се базираат врз високотехнолошки профитни економии и во кои луѓето од најразлични меридијани ќе се движат слободно носејќи со себе врзопи со високоинформатички знаења.
Современите технолошки достигања и во иднина ќе ги уриваат географските, идеолошките и културните бариери и ќе вршат силно влијание во начинот на животот и мислењето кај луѓето. Шансите за глобални тензии и судири ќе се намалат како резултат на интензивната комуникација, при што ќе преовладува и ќе се развива свест што ќе ја афирмира како нужност, обликувана од високоразвиените технолошки аспекти на цивилизацијата. Тероризмот како глобална закана сѐ повеќе ќе се лоцира во виртуелната вселена. Оружјето за масовно уништување ќе се усовршува со цел воспоставување и развој на тоталитарни модели на власт, кои сѐ потешко ќе успеваат со оглед на постинформациската хомогеност, што подразбира глобален ментален пресврт во севкупното поимање на светот, како во надворешното така и во внатрешното битие.
И додека скептиците и катастрофичарите очекуваат почеток на тоталитарен надзор и груба повторна експлоатација на економските и човечки ресурси, ентузијастите предвидуваат ризоматско поткопување на структурите на моќта и вистинско демократско глобално село на интернет.

Аљоша Симјановски