Ајде сега и ние, драг читателу, јас и ти да кажеме нешто за Олимписките игри во Париз воленс-ноленс преполни со политика облечена во фустанот на лажната демократија. А сето тоа се случува во Франција, која за себе има стекнато репутација на модерна западна, па и светска демократија, нешто слично по урнек на античка Грција во која патолошки и некритички е вљубена Европа, а како што знаеме и на сметка на Македонија за што ќе стане малку збор. Но сега поконкретно за Олимпијадата како антички феномен, а сега преоблечен во спортско политичко руво. Во Олимписката повелба тоа е „спортот што служи за хармоничен развој на човештвото и мирното општество, кое се грижи за зачувување на човековото достоинство“. Ама дали е тоа навистина така, посебно ако Олимпијадата е директно или индиректно преполна со валканото ѓубриште на политиката, како што е имено тоа со игрите во Градот на Светлината, кој патем (случајна дигресија) нам ни го смрачи со својата геноцидна рамка новиот француски Наполеон во мини-формат или за нас Маркиз де Сад Макрон. Сеедно. На помпезната, најпомпезна досега, Олимпијада во Париз има само грда, лицемерна маска на „хармонија“, која се распаѓа сосе лицето што ја навлекло во себе неа, а сега во случајот тоа е хипокритската и морално и етички распадната Западна цивилизација.
Да. Но сега пак дигресија по која повторно се враќаме во Париз. Ако се вратиме назад кон генезата, Олимпијадата (776 пр. н.е.) е вистина стара грчка измислица. Но, за жал, за оние што не знаат, и таа имала макар во помал опфат политички дефект како сегашната Олимпијада во Франција. Имено, неа ја организирале раскараните и завојувани во неа грчки држави полиси и како знак на добра волја за нивно хармонично поврзување и живеење во мир. Но и на таа олимпијада, како што се трудат да ја глорифицираат на Запад, на самиот почеток отсуствувал космополитскиот дух, кој го немале Грците, а кој им се припишува од кон нив патолошки заљубената Европа. Имено, Грците не им дозволиле учество на првооснованите Олимписки игри на Античките Македонци што сакале да се натпреваруваат на нив, па така, тие си организирале свои Олимписки игри. Оти, познато е, Македонците отсекогаш имале космополитски дух и агон за натпревар. Сѐ до денес кога сето тоа им се порекнува и од Европа, која, како што би рекол Д.Х. Лоренс, „по инерција сѐ трупа во грчка вреќа“. Впрочем по атавистичка линија на генот тој натпреварувачки агон е карактеристичен како духовна есенција и за македонското битие денес, кој не исчезнал и не избледел во македонските историски помории. За тоа сведочи и животното мото, и како колективна македонска лозинка, на Гоце Делчев за разбирање на светот како „поле за културен натпревар меѓу народите“. Тоа. А како што гледаме уште на самиот почеток, Олимпијадата како грчко спортско чудо, а кое сега се крунисува од Западот со космополитска круна, е духовно тесноградо, нарцистичко, на расна основа и со секакво отсуство на космополитски хоризонт, кој од антиката до денес сѐ до Преспа 2018 не им бил иманентен на Грците. Сепак, и тој најмногу по заслуга на Дројзен, им се припишува ним, натуткан во „грчката вреќа“, но пред сѐ со епохата на хелинизмот, поим што го сковал Германецот, а која всушност е, како што ја викаат некои историчари како Ѓео Бог и други, епоха на македонизмот или на Македонците, кои со Александар Македонски ја создаваат универзалната светска држава на апсолутна демократија на сите народи во неа, нешто што потоа и до денес не се повторило.
Нужна, малку долга дигресија, драг читателу, за да се вклопиме во Олимпијадата во Париз во која, рака на срце, не знаеш дали има повеќе спорт или политика. Оти таа е сега, јунговски речено, темната сенка на душата на денес обездушената Западна цивилизација, која одамна се колебала на тенката линија над бездната меѓу Фауст и Мефистофел, како што сведочи за тоа старогерманската легенда што ја има за основа Гете за неговото генијално дело „Фауст“. И таа едно време, како што вели Освалд Шпенглер и се одредува за Фауст како симбол на жедта за знаење, наука, но и за телесна наслада (примерот со убавата Маргарита), која во крајната инстанта ја сугерира материјалната колонијалистичка темна страст на Западот. Да. Но сето тоа, следено со жедта за знаење, бргу се перветира со појавата на Златното теле на капиталот кога, како што вели драматично Хелдерлин, бргу исчезнуваат „трагите на светото“, па така, од фаустовска со непрегледно длабока перспектива според Шпенглер таа се претвора во мефистофелска: цивилизација на Сатаната, кој патем и пред тоа ја има купено душата на Фауст. Да. А ти велиш, драг читателу, дека веќе отстапуваме од главната тема на колумната олимпијада. Но не е така. Имено, и со оваа дигресија за Фауст и Мефистофел што ја промислувал и Гете, ние сме само длабоко во темата на париската Олимпијада, која сега по сѐ изгледа меѓу Фауст и Мефистофел се одлучила за овој вториот, а на тоа му кумувала политиката, нејзината безгранична западна перверзија, а не спортот, неговиот хуманизам, интелигенција и космополитизам. Тоа, со еден збор, е Олимпијада без озон задушена од смрдеата на политиката. Тоа пред сѐ го потврдуваат нејзините двојни стандарди (синтагма што означува морално лицемерство). Без заобиколување на неа (треба да си аналитички слеп да не го гледаш тоа) доминира евроамериканскиот западен „морален“, политички и филозофски концепт на работите. И не претерувам со овој како што велиш ултрарадикален заклучок, драг читателу. Не. Оти тука станува збор и за спортски од Западот радикализираното „руско прашање“. Русија што е од поодамна ноќна мора за западната европска, а сега евроамериканска цивилизација, посебно по атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки 1945. Русија, која уште од епохата на Петар Велики копнеела за братство со Европа како нејзин природен дом, но таа секогаш била скриено или отворено непријателски настроена и постојано преземала напади кон неа. Англосаксонците касале отстрана, па се повлекувале, а отворено на неа тргнале со цел да ја уништат Французите со Наполеон (нешто сличен план имаше сега и малото француско наполеонче Макрон) и Германците со Хитлер. А се знае како завршија во таа битка и едните и другите, па мислам се знае и како ќе завршат западните демократски варвари сега и во случајот со Украина каде што НАТО веќе си ги скрши забите и не знае што ќе прави сега.
Тоа е вистината. И таа каква таква сега, драг читателу, воленс-ноленс се вглобува како политичка перверзија и во париските Олимписки игри во кои беневолентно од Западот Русите се исклучуваат од нив. Се исклучува една не само духовно туку и спортски монументална нација. А покрај Русија од игрите е исклучена со олимписки политички декрет и Белорусија како руски амалгамизиран пријател, кој демек заедно со големата матушка војува против Украина, која иако сѐ уште не е членка на НАТО, Западот неа ја користи за борба против омразената Русија. Непобивлив факт.
Е, добро, ама што има да страдаат руските и белоруските спортисти ако на Западот не му се допаѓаат Путин и Лукашенко, а му се допаѓаат Нетанјаху и Бајден, а по аналогија со делење на правдата на олимпискиот космополитизам и хуманизам не требаше во Париз да ги има ни израелските (пандан на руските), ни американските (пандан на белоруските) спортисти. И тие да го понесат гревот на злосторството на нивните претседатели и нации за геноцидот во Палестина што е во тек и во кој веќе има убиено над триесет илјади деца и уште се убиваат, родените, и неродените во утробата на нивните мајки, кои ги зачнал Господ за да се родат. Значи, како што гледаш, драг читателу, до гуша е париската Олимпијада во политички перверзии и кал. А тука во неа имплиците, ама директно сурово е вглобена и Макроновата Франција од чии колонијалистички канџи веќе се ослободија 12 африкански земји. Најново беше неодамна ослободувањето на Нигер. Ослободување од, како што се пласира самата себе, најлибералната и најдемократска земја во светот, иако можеби малкумина знаат дека овие „ослободени“ земји сѐ уште се со колонијалистичкиот нож на вратот. Имено, тие сега, којзнае до кога, на својот „благороден“ колонизатор што ги учеше на цивилизација и демократија секоја година му плаќаат колонијална такса од над 50 милијарди долари! И, каков парадокс и расизам, и спортистите на тие земји сега се во Париз на „хуманистичките“ и „хармонизаторски“ игри покрај другото и да ја прослават паролата на Француската револуција: егалите, либерте, фратарните. Така. Па за прослава на таа гласна парола со која Французите и сега ѕвечкаат и се фалат на Олимпијадата во Париз скромно учествуваат и нашите спортисти. Но тие, за жал, според политичкиот кодекс на силеџиската цивилизација не ги претставуваат ни Македонија ни Македонците, туку некојаси злосторнички компонирана во Менгелеовата лабораторија на „демократијата“ во Брисел и Вашингтон, Северна Македонија со некоиси Северни Македонци. Оти вистинската Македонија и Македонци со геноциден бриселовашингтонски декрет им се предадени и на Грција и на Грците. Така, воленс-ноленс олимписката париска слика ја возвеличуваат и спортистите на еден од неодамна идентитетски усмртен народ.
Да. И сега велиш дека многу грубо и остро се изразувам, драг читателу. Се слагам со тебе. Да. Но тоа е говор на Вистината и јас не сакам да ја лажам неа како што го прават тоа на секој чекор и секоја минута политичарите. Тие го нарекуваат тоа, за да ја заштитат својата валкана душа, говор на омраза, синтагмата што се рашири како чума низ либералната западна цивилизација.
Сеедно. Ни остана малку место за естетиката на Олимпијадата, оти до овој ред пред тоа сѐ потрошивме на нејзините политички перверзии и кал во кои тоне таа. Нешто, по длабинска аналогија, како да се реализира „француската рамка“ со Бугарите на Макрон во заднина. Но за олимписката естетика! Таа естетика може да се дефинира со еден единствен збор: ужасно невкусна. Естетика на еден речиси брутален постмодернизам на мешање на сѐ со сѐ. Манџа од која неизоставно добиваш нагон за повраќање. Еден ултрарококо изнатрупан стил на разноразни спрдарии, покрај другото и со Христос, Тајната вечера на Да Винчи и Христијанството. Но беа поштедени јудаизмот и исламот, веројатно можеби и како рефлексија на Шарли Ебдо. Тие што се сеќаваат на тероризмот во париски Батаклан знаат за што се работи. Така. Ништо ни оддалеку во таа брутална олимписка естетика немаше од префинетоста, од звучно обоените нијанси на францускиот импресионизам, до денес неповторлив. Напротив, може естетските работи на париската Олимпијада повеќе мирисаат на германскиот експресионизам на кој неправедно се повика и Хитлер, како што го стори тоа тој и со Ниче и Вагнер. Но пак и од жестоката естетска моќ на тој експресионизам немаше ни трага во Париз, освен од неговата катастрофична визија за уривање и крај на светот. Но и од тие сега веќе повеќе идеолошки отколку естетски и визионерски алузии исплови на површина само олимпискиот естетски и секаков друг вид ултракичот. Мораме тука со тоа ултра да ги зајакнеме термините на грдото, драг читателу. Но тоа нема ништо заедничко со модерната естетика на грдото што ја промовираше Бодлер, а што ја илустрираше покрај другото маестрално Пикасо на неговата слика „Госпоѓиците од Авињон“. Не, драг читателу. Имаше (има) во олимписката естетика на Макрон и нешто многу морбидно во кое е надминат во тоа и Маркиз де Сад, двојникот на францускиот претседател, според сето она како се однесува со садистичката рамка тој кон нас. Тука мислиме на два морбидни детали од големата олимписка ултрарококо слика: отсечената глава на Марија Антоанета, која таа си ја држи во дланките, и оној морбиден јавач на железен коњ што галопираше на екранот низ некои ултратемни метафизички простори. Тие два детала најмногу беа воленс-ноленс пророчки и мирисаа на катастрофа. А јас, знаеш драг читателу, стопати сум рекол по Преспа 2018 дека Македонија и Македонците сега може да ги спаси за да се вратат во лежиштето на својот генерички одземен идентитет само голема катастрофа, како онаа на Втората светска војна од која во дијамантот на милениумскиот господов идентитет нѐ изнесоа храбрите асномци на кои им се помоча оној мочко од Муртино заедно и со неговиот министер со она фалусно пенкало на злото.
Тоа. Пресечената глава на Антоанета воленс-ноленс нѐ потсети на кралицата што беше гилотирана поради нејзината дрскост кон гладните на кои им порача дека ако немаат леб можат да јадат слатки. Нешто по аналогија што им го препорачуваат во завиена „демократска“ форма либералкапиталистичките дебели корпорации на сиромашните, понижените и навредените народи, па може тие еден ден како обединети пролетери да ја зграпчат гилотината и да ѝ ја пресечат главата на лакомата и експлоататорска либералкапиталистичка цивилизација. А таква, главата на Марија Антоанета, драг читателу, по аналогија воленс-ноленс нѐ води и кон пресечената глава на Македонците во Преспа 2018, па имаме право да ја претставиме која е следната глава што според божјата правда и вистина треба да биде пресечена: грчката, англиската, француската, германската… Реторичко, но екстремно сериозно прашање во контекст на божјата вистина и правда разгледувано и од старозаветните библиски пророци, но со него сега немаме ни простор ни време да се занимаваме, драг читателу. Друг пат.
Ѝ посветивме мошне внимание на несреќната Марија Антоанета, иако помалку несреќна од народот што го терала да јаде слатки во недостиг од леб. Сега остана уште сомнабулниот јавач на железен коњ и да ја завршиме оваа колумна, оти ѝ здосадив на „Нова Македонија“ со моите бескрајни дигресии, иако сите како матица се множат од самото средиште на темата. Тој јавач на металниот олимписки коњ, драг читателу, јас го доживеав, мислам и не случајно, како јавачот од Апокалипсата на апостол Јован на сивиот коњ на смртта. Конечно, попрецизно, тоа е јавачот што сега го јава коњот на дигиталната апокалипса. Како да е во него супституирана целокупната вештачка интелигенција на металниот ум на кого ние толку многу му се радуваме, без да знаеме дека тој не е само (или и воопшто не е) божји дар туку и дар на другата, темната страна, на сатаната, на и според Библијата на најсветлиот ангел, но чија светлина најпосле ги спепели и Хирошима и Нагаски. Да. А ти и јас во јанѕа трепериме и се прашуваме, драг читателу, дали факелот на олимпискиот јавач на металниот коњ на апокалипсата (присутен и на Диреровата графика „Витезот, смртта и ѓаволот“) во целиот контекст на политиката и олимписката морбидна симболика не ги вести последните времиња за кои говорат покрај Библијата и прастарите митови. Па и Христос рече во таа смисла пред да го испушти здивот на крстот „Свршено е“. А всушност тоа коинцидира со неговата изјава порано дека космосот е дотраен (изеден од молците на ентропијата), па Отецот ќе создаде Ново Небо и Нова Земја. А тоа нам Македонците по Преспа 2018 совршено ни одговара, драг читателу. Па во таа смисла и ние како експресионистите да ѝ кренеме здравица на апокалипсата како на наше спасение! Што сакаат нека мислат другите: Грците, Брисел, Вашингтон… Амин!