Окси(морон)

Ми доаѓа да ја напишам истата колумна од минатата недела.
Ха, ха, ха, мислиш дека некој ќе забележи?
Секако. Ќе забележат оние што ме читаат.
А да не мислиш дека нешто ќе промениш ако пишуваш?
Без разлика, пишувањето е нешто без кое не можам да живеам.
Каква корист имаме ние, јавноста, од вашите книги и шкрабања? Еве јас немам две книги прочитано и ми фали ли нешто?
Работи во администрација, предава на деца една наука, нема ред прочитано за она што се менува во областа што ја учел, зашто заврши со ука откако магистрира бидејќи му се отвори можност да го вработат. Не ја сака својата работа, оти „за тие пари толку“. Не ја љуби ни жената со која дели постела, има љубовница, не затоа што ја сака, туку „затрескана е во мене уште од средно, кутрата“, а децата мора да ги имаат неговите светогледи, оти во сè се разбира. Го нарекуваат успешен човек, бидејќи имотноста што ја стекнал поради потта на родителите, го прави комфорен во средината што го опкружува. Плус, „стариот на мојана бил успешен глауч, па сите го почитуваат, освен јас кој знае каква мувла е, ама си ќутам, корисен е“. Затоа го сметаат и за снаодлив. Фактот дека е паметен се темели на тоа што низ животот стекнал врвни заклучоци дека сите се исти, а во игра е само интерес.
Ја труеш јавноста, треба да ти се забрани да пишуваш.
Тој е јавноста. А да, отсекогаш се чувствувал како левичар затоа што му се прогресивни ставовите, ама има и разбирање за оние што различно размислуваат, освен некои пискарала и кретени за кои „само Тито беше лек, тогаш кога Господ шеташе по земјата“, иако да се разбереме, тој е атеист, ја слуша само науката, а „Бог ви го измислија поповите за да ве манипулираат вас, јадната сиромаштија, иако стариот мој беше со крст на чело, сите го ашкаа, ама јас собрав два и два, влегов во партија и црвената буржоазија сконта дека ми работи кликер, ама тоа други времиња беа, добро е што дојде демократија, иако, не е демократија за неписмена багра како тебе“.

Баграта не е јавност. Тој ќе ти објасни дека таа багра најчесто има десничарска физиономија што значи сиромашен џган верници што се палат на расизам и нацистичка идеологија, „како оној Џеј Ди Венс кому треба да му се забрани да зборува“. Отсекогаш бил разумен и со две нозе на земја кога станува збор за идеологија и политика. Веднаш може да намириса десничарско копиле што „се пали на Кју клукс клан и сонува нацистичка Германија“. Секогаш е спремен да ти објасни дека републиканците во САД се расисти „на кои, за среќа, прогресивниот Линколн им го спопика, а на демохристијаните од национал-социјалистичката партија на Хитлер, слободоумниот Черчил им го начука“. Откако почна лудилото во Украина, не ја споменува Русија во контекст на Втората светска војна, оти фактите сега покажуваат дека на терен нивната улога била минорна.
Ама ти би да ја спомнам, бидејќи си руски бот, така?
Секогаш е оригинален во своите коментари кога сака на вакви како мене да им ја затвори муцката. Тоа сите го знаат уште кога првпат ја внесе паролата „нема правда, нема мир“ низ населба, а потоа и сруши режим со пенкало, режим поддржан од Русија, па затоа и лесно препознава руски ботови под влијание на Кремљ, оти, „историјата покажала, Русија секогаш била диктатура, а Путин е нацист, затоа и се разбираат со Трамп“. Нему му е сосема јасно дека Русија е вечен непријател на вредностите на западната цивилизација за кои тој е спремен да се жртвува како што сега тоа го прави Украина, иако, „се гледа дека Русија е на колена, проблем е што Русите може светот да го освојат“.
Сите знаат дека тој ја владее историјата, таа му е потребна аналитички да ѝ пристапи на политиката и да процени што е добро, а што зло, па оттука, „само вака треба со оние во Романија што се палат на десничарски нацизам, сè тоа треба да се забрани, вклучително и Трамп и Венс, за овие шовинисти лек се само прогресивни левичарки како Меркел и Урсула“.

Згрешив кога му реков дека освен Хитлер, сите други што ги спомена припаѓаат на десничарската идеологија, бидејќи „небањат џган вообичаено е на погрешна страна од историјата, која Фукујама, за среќа, ја погреба, ама ти сигурно мислиш, ха, ха, дека Фукујама е вулкан и што ти значи ова дека сите што ги спомнав, освен Хитлер, се десничари? И Мусолини да не излезе левичар?“
Па, излезе од екстремна левица. Се палеше на лев интервенционизам, а тоа либераливе го доведоа до налудничаво совршенство. Патем, читав прекрасна книга „Желбата да се биде бескорисен“ во која Хуго Прат зборува за себе. Објаснувајќи ја сексуалната револуција, која доаѓа со Мусолини, вели: „Фашизмот нè ослободи од репресијата на Црквата и фамилијата“.
Црквата? Не знам кој е тој кретен Прат, ама вас националистите, црквата ве храни со фашистичка идеологија. Јас верувам само во наука.
Добро е што не му реков дека националисти ги создадоа републиките и ја донесоа демократијата. Ама неоспорна вистина е дека тој е фанатичен поборник за наука. Секој ден им аплаудираше на Фаучи и Светската здравствена организација. Пропагираше постојан карантин до крај на пандемијата. Ги натера сите по дома да носат маски, децата не ги пушти да излезат цела година, а кога фатија вирус ги изолираше со мајка им во нивната соба. Го викаа пикадо, поради вакцинацијата. Лично ги пријавуваше соседите ако за време на полициски час седеа на клупа пред зградата или во погрешен термин шетаа кучиња. Се залагаше невакцинираните да се изолираат на посебни места од кои не можат да излезат, а во затвор да се стават теоретичари на заговор, кои тврдат дека пандемијата е социјален експеримент со кој моќта проверува како може на цела планета да ѝ се одземе слободата и притоа, да се бустаат со отрови телата за потоа уште повеќе да профитира фармацијата. Беше човек оксиморон, бидејќи сонуваше научна инквизиција.
Ти си морон и многу си дозволуваш, зашто твоите фашисти од Вашингтон, преку Скопје, до Москва сега владеат, ама чекај, ќе се врати слободата и таквите како тебе ќе ги изеде мракот на демократијата.
Тој е слобода и демократија, често го среќавам каде и да се завртам.