Телевизиската драмска серија „Огледало на граѓанинот покорен“ беше еден од првите обиди во некогашната Југословенска радио-телевизија да се третира стварноста преку создавање и развој на специфичен телевизиски хумористичен жанр – пресек на моментот на живење, согледби, мислење, низ кој контролирано се пропуштаа содржини, проблесоци на креативниот, слободоумен, хумористичен и сатиричен ум. Притоа, низ таквата своевидна медиумска интеракција и задача се тестираа и се контролираа степенот на демократизација и на разнообразност и нивото на општествениот развој и севкупното битие. Уште од тие пионерски денови и почетни години на внимателно и строго контролирана експанзија на електронските медиуми, политиката ги насети шансата за силата на медиумската ментална навигација и можноста за сопствена промоција. Во виртуелната хумористична транспозиција и низ т.н. празнење на стварноста по пат на масмедиумска симулација понуди играна серија во која на тогашното хетерогено југословенско гледалиште во ударен термин му сервираше поинакво толкување на духот на времето. Граѓанското незадоволство беше предизвикано од контроверзиите на прокламираниот социјалистички морал и политичките лицемерства. Драматуршки, дозирано претпазливо, се коментираа одредени појави и проблеми, со добро одбрани карактери од авторите Радивое Лола Ѓукиќ и Новак Новак, прецизен врвен кастинг, со Мија Алексиќ, Миодраг Петровиќ-Чкаља, и група талентирани актери од југословенскиот кастинг, кои со емитувањето на серијата на ЈРТ ќе доживеат незапаметена популарност во рамките на тогашната федерална југословенска заедница. Во тие пионерски денови на Југословенската радио-телевизија, во терминот на популарната серија улиците беа празни. Секоја епизода се доживуваше бурно и се коментираше долго и широко и во наредните денови по емитувањето. Во „Огледалото на граѓанинот покорен“, гледалиштето го препознаваше сопственото незадоволство, се идентификуваше со јунаците во серијалот, професионалците во медиумите ја констатираа и ја освојуваа силата на жанрот.
Во македонската понова телевизиска историја, жанрот современа телевизиска серија згасна заедно со претенциозните журналистички концепции што го инфицираа и исполитизираа медиумскиот амбиент до степен на онтолошка понизност.
Практично сите жанрови и сиот бурен транзициски период се во служба на „Нејзиното Височество – политиката“, која со посредство на медиумите стана и главна сила, и во нашите домови и во нашите животи. Сѐ помалку простор и волја, во програмските шеми на редицата многубројни национални концесионери, останаа за т.н. огледала на покорните граѓани. ТВ-продукциите сѐ помалку успеваат во востановување и градење линк со медијализираната информативна до понизност стварност и заробени во мрежата се прпелкаат и се обидуваат да го видат и распознаат сопствениот медиумски одраз во етерот.
Гледалиштето сѐ повеќе се претвора во потрошувач наместо производител на реалноста, односно, свесно се занемарува и се потчинува на анонимниот глас на јавното исполитизирано мнение, кое го следи послушно.
Од збирката пеења и мислења „ХИПЕРЖИВОТ“ до следната средба по зимскиот одмор… Почитувани почитувачи на весникот „Нова Македонија“ и читатели на серијалот писанија и колумни потпишани од моето име и презиме, ве известувам дека ќе бидам отсутен поради зафатеност и посветеност во филмската дејност. До скора средба… читање, согласување, препрочитување…
Аљоша Симјановски