Каде се изгуби ДУИ? Руската инвазија врз Украина беше вододелница за меѓународните односи, а 22 февруари 2022 година се впиша во глобалната историја како еден од датумите „по кои веќе ништо не е исто“ (како 28 јуни 2014 или 3 октомври 1989 или 11 септември 2001 и така натаму). Соединетите Американски Држави ја предводат глобалната коалиција во поддршка на Украина, чие јадро се НАТО и Европската Унија, како и најблиските американски сојузници од „остатокот на светот“. Американците се свесни за нивната одговорност како стожерна сила во оваа „украинска коалиција“, ако може така да ја наречеме, па затоа преземаат мерки да обезбедат единство, пред сè во НАТО, но и во целиот проукраински сојуз. Значајна димензија на овие напори е да се одржи фокусот на стратегиската цел – поддршка на Украина – што подразбира дека сите други прашања, како можните билатерални искрења помеѓу членките на коалицијата, треба да се сведат на минимум (убав пример дека тоа се случува е вмешувањето на Вашингтон во актуелните грчко-македонски односи, каде што Пентагон и Фоги Ботом јасно укажаа дека самитот на НАТО не е форум за такви препирки). Втората димензија каде што Вашингтон ја вложува својата дипломатска енергија, со сите орудија што ѝ стојат на располагање на американската надворешна политика, е обезбедувањето внатрешна стабилност во секоја од земјите членки на НАТО, но и на пошироката коалиција. „Меката моќ“ на Западот произлегува од привлечноста на економскиот, политичкиот и културниот модел на демократијата и на слободниот пазар, на човековите права и слободи, конституционализмот и владеењето на правото. Секоја држава членка на НАТО е своевиден излог на овој концепт на „меката моќ“, вклучувајќи ја и Македонија. Може да дебатираме до недоглед за внатрешнополитичките случувања и во самите САД, како и во стожерните земји на Западот (Г7), за пренагласената поларизација, за остриот судир помеѓу глобалистите и суверенистите, за културните војни, образецот за интеграција на дојденците и така натаму. Јасно е дека никогаш порано не сме виделе вакви политички бури во овој дел од светот, обрабен со американски сојузи (поточно никогаш по крајот на Студената војна). Но факт е дека засега демократскиот процес никаде не беше нарушен и дека сите нови политички сили беа интегрирани во главните текови на државите членки на НАТО и на пошироката коалиција предводена од САД. За жал, за разлика од американската стратегиска политика, Европската Унија не се снаоѓа во новата геополитика, што за нас е најочигледно со политиката на проширувањето. Најдобар одговор на руската инвазија врз Украина ќе беше итната целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во Унијата, со што ЕУ ќе ја заокружеше својата географска рамка, ќе ги интегрираше балканските елити и ќе дадеше јасна перспектива и за Украина, Молдавија и Грузија, но шокира оваа геостратегиска миопија на Брисел во однос на регионот.
Покрај тоа, се чини дека во Македонија уште не сме го преџвакале и свариле фактот дека сме полноправна членка на НАТО. Тоа значи дека е промената стратегиската равенка на Вашингтон и на другите клучни политички центри кон Скопје. Ние веќе не сме „ентитет“ надвор од „лимесот“ туку сме партнер и сме целосно интегрирани во сите структури на Алијансата. Ако порано Вашингтон и Брисел нè гледале како една од проблематичните точки произлезени по распадот на поранешна Југославија, каде што треба да се осигури дека нема повторно да дојде до некоја балканска беља што може да ескалира и внатре, но и да се прелее надвор од границите, сега сме партнер што треба да се поддржи. Тоа значи и дека улогите на актерите во внатрешната политика се променети.
Чуму ми беше потребен овој долг вовед, со толку широка геостратегиска слика, кога прашањето што го одговорам со оваа колумна е „Каде се изгуби ДУИ?“
Токму за да може да нацртам што се случува кога еден лидер, Али Ахмети, и неговата структура, ДУИ, ќе заборават да го читаат „духот на времето“, ќе ја пропуштат шансата да се приспособат на новите околности и, по инерција, ќе продолжат да возат по старите шини што ги носат во ирелевантност или во бездна.
Од 2001 година до влезот на Македонија во НАТО, ДУИ играше само на една карта кон Вашингтон и кон Брисел, а мора да се признае дека Али Ахмети многу умешно го правеше тоа. Како структура произлезена од Ослободителната национална армија (македонската УЧК), ДУИ важеше за можен чинител на внатрешна дестабилизација на Македонија по етничка линија. На САД и на ЕУ секако не им одговараше ново жариште на Балканот, па затоа инсистираа „дестабилизаторите“ да се „смират“ преку нивна интеграција во македонското општество, а притоа учеството во власта овозможува најлесна контрола на ваквите структури (или, поточно кажано, дружини). Мајскиот договор од 2008 година произлезе баш од заканите на Али Ахмети и на ДУИ дека повторно ќе заминат во планина (едно од најдобрите политички блефирања во современата македонска историја). Меѓутоа, ако пред влезот на Македонија во НАТО (и особено пред руската инвазија врз Украина) ДУИ можеше многу да добива со својот „углед“ и „репутација“ на „дестабилизатор“, равенката се смени во спротивна насока штом земјата целосно се интегрира во евроатлантскиот воено-политички сојуз. Во НАТО и во ЕУ нема место за „дестабилизатори“, особено во еден толку деликатен политички момент.
Али Ахмети, кој има одличен политички инстинкт, иницијално ја прочита оваа промена, па замина во насока да го преобразува ДУИ во некаква зелена партија. Меѓутоа, тој не успева да додржи на тој пат од многу причини. Прво целата негова лична политичка врвица е на енверист што се бори за голема Албанија, второ неговата политичка аура кај Албанците во Македонија, како некаков „победник врз Македонците“ и во воена униформа и на „зелената маса“ го подзанесе да се изгуби во улогата на херој, трето, по две децении политика, безмалку со истиот политички тим, многу е полесно да се оди по старите политички врвици наместо да се зачекори во немапираните политички беспаќа. Ако претходно Али Ахмети беше лукав политички стратег и вешт политички тактичар, сега тој полека се претвора во еден застарен рецидив од минатото, ехо на балканските националистички 1990-ти и на безумните крвави етнички конфликти, како и лик кого времето го гази (кај помладите генерации тој веќе е и прегазен).
Актуелните три резолуции на ДУИ не се ништо ново во македонската политика. Секогаш кога некоја партија на етничките Албанци во Македонија одела во опозиција, обидот за враќање во игра одел преку неразумни и екстравагантни политички егзибиционизми, со надеж дека запаливата националистичка реторика ќе ги мобилизира Албанците и ќе ги вознемири Македонците за да предизвика маѓепсана спирала на етничка тензија и конфликти. И во минатото сведочевме како по напуштањето на владата се бара воскреснување на Илирида, кантонизации, федерализации, па дури и конфедерација, посебни парламенти, паралелни војски и полиции, културни автономии, па нови територијални поделби и така натаму. Нормално, граѓаните на Македонија не сакаат никој да си подигрува со нивната интелигенција, па секогаш се чекало да завршат тие адреналински изблици и да се изживее политичкиот фолклор. Штом ќе се увиди дека играњето на картата на етничкиот национализам не оди никаде, тогаш опозицијата се свестува дека власта кај нас одамна се менува кога ќе се забега со аздисувањето и злоупотребите, како и кога ќе се претстави кредибилна алтернатива на забеганите властодршци.
Ете, токму тука треба ДУИ да ја фокусира својата политичка енергија. Колку побрзо ги исчисти своите редови од политичките фигури што беа пример за забеганост на власт, колку поитно промовира нов политички концепт за подобро живеење и колку пожестоко ја следи власта во чекор, но не на налудничави етнонационалистички теми, туку на содржински економски, социјални и културни прашања, толку тие побрзо ќе се вратат во седло и ќе може повторно да претендираат на влез во владејачката коалиција.
Македонија е цврсто на шините на европската и на евроатлантската интеграција, па во актуелниот политички живот веќе нема место за етничките лудила од 1990-тите години. Редно време е и ДУИ да се разбуди и да го погледне часовникот, а особено датумот и годината. Се разбира, доколку сакаат да излезат од политичката дивина и да се вратат во главните текови на македонската политика. Во Македонија веќе нема простор за „дестабилизаторите“, независно од нивната политичка боја, етничка припадност, јазик, религија или кој било друг белег.
Ивица Боцевски