Наставната функција одделенски или класен раководител е многу важна и одговорна функција, како во училиштето така и надвор од него. Многу често, и во основно и во средно училиште, се користи називот: класен/класна наместо одделенски/одделенска.
Зошто е важна и одговорна оваа функција?
Оваа одговорност е најважна, затоа што наставникот што води одделение или клас, најпрвин, треба да има многу љубов, пред предизвикот со кој е соочен во тоа што го работи, како и неизмерно трпение во тоа што го води, а тоа се учениците (или популарно кажано: моите деца, моето одделение, мојот клас, итн.), а со нив доаѓа и педагошката евиденција во зголемен обем. Исто како втор родител на учениците, треба да покажува: грижа, внимание и разбирање за своите ученици, да знае да биде нивен другар, но и нивен строг и принципиелен наставник – педагог. Затоа што мора да имаме предвид дека имаме различни карактери на ученици, како и ученици со различни потреби. И тоа е навика и тактика. Само така е можен и очекуван дијалог, како со учениците така и со нивните родители. Во суштина, одделенскиот/класниот не е само еден наставен час, тој е секој наставен ден, секој наставен час на училиште, во училишниот двор, во спортската сала итн. На тој час не се вадат и регулираат само изостаноци (оправдани и неоправдани), ами се води дискусија на предвидени теми за тоа како учениците да бидат подобри, поодговорни и попаметни во семејната средина, во училишната средина и воопшто во општественото опкружување. Да знаат да мислат и да критикуваат, односно да градат сопствени ставови и идеи. За мене лично, одделенскиот час отсекогаш бил исполнет час со дискусија и дебата за одредена тема или, пак, за одредена желба на учениците (макар и низ игра). Оттука, како ние, како наставници, ќе се поставиме со учениците, така тие ќе ни возвратат. Очекувањата треба да бидат на најзадоволително рамниште. Со максимален труд и огромна волја, и тоа го бидува. Чест е да се биде одделенски/класен раководител (знаат сите што посветено, доследно и безусловно ја сакаат и почитуваат наставничката професија), меѓутоа и голема одговорност, која низ годините на воспитание и образование треба да „израсне“ и „искали“ генерации со: знаења, умеења, вештини, култура и почитување и, најважно, со позитивни чувства. Односно, да извади од училишните клупи прави ученици, кои ќе достигнат максимална зрелост и кои ќе знаат да го водат и продолжат својот личен и професионален пат. Најважен е првиот впечаток, а тој исто како добриот глас, надалеку се слуша.
Колку значи оваа функција?
Многу значи, затоа што одделенскиот/класниот раководител мора да има исклучителна контрола на своето одделение, односно на својот клас. Понекогаш интуицијата навистина си го прави своето, очекувано или не. Затоа, важи и кодексот на однесување во рамките на училиштето, па и надвор од него (кој треба да се почитува многу повеќе), нели, тука се и одредени училишни и вонучилишни предавања како од здравствен, така и од социјален карактер, од кои треба да се извлечат морални поуки и пораки (макар биле и онлајн, со актуелниот предизвик на настава). Таква е нивната цел, да се биде од придонес и корист за себе и за другите.
Најважно: да се биде одделенски односно класен раководител е ретка дарба. Не се учи, ами се носи со себе и се практикува, исто како да сте родени за неа. Благодарноста од неа е многу значајна во животот, бидејќи секогаш и секаде се сеќавате на љубов и радост со која сте го поминале работниот век, а таа емоција е посебна, најмила и незаменлива. Доживување и искуство што нема цена.
Не може секој да биде одделенски/класен раководител. За тоа се потребни, кратко и јасно, многу, многу љубов, грст позитивни емоции и, секако, авторитет. Само така, мисијата ќе биде успешна!
Поздрав до сите ученици и просветари, па нека биде среќно и успешно до крајот на учебната година!
Автор: професор Александар Адамовски
































