ОМАЖ ЗА МАКЕДОНСКАТА НАУЧНИЧКА ОД СВЕТСКИ ГЛАС
- Светлана Мојсов не е само научник туку и светлина за оние болни што сакаат да гледаат, да читаат, да создаваат. Таа стана биохемиска поетеса, која го напиша најубавиот стих во борбата за човековото здравје, од лабораториската тишина испрати глас што ја менува историјата. Денес ја среќавам Светлана во очите на моите пациенти, во ретините што се спасуваат, во погледите што преживуваат. Плодот на нејзиниот труд лекува таму каде што јас само се обидувам, го стопира она што јас само можам да го забавам
- Се остварија соништата на Блаже, за ука и за спас на дедовиот вид; на Лазар, за ука и за успех на ќерка му, Светлана; но и моите, за ука и за пронајдениот лек што ќе помогне да се намали болката на човештвото предизвикана од шеќерната болест. За да гледам широко, се искачив на рамената на најголемите научници, меѓу кои Светлана Мојсов осветлува најдалеку
Столбови
Свечено чукнаа утринските камбани во тој декемвриски ден, Свети Никола е! Истиот студен ветер помина од Пелагонија кон Повардарие и ги затресе прозорците на двете трошни куќи, низ кои негде далеку и со мечти гледаа детските очи на славениците. За Блаже Конески, непрегледните житни полиња налето, сега станаа бела тишина со мирис на снег. За Лазар Мојсов, замрзнатиот Вардар тонеше во зимски сон, го немаше неговиот весел летен шепот со натежнатите гроздови по лозјата. Во искрените срца им тлееше истата скришна, најтајна роденденска желба: ука да имам, учен да бидам. А потоа се редеа мислите за троа бело лепче и маштеница, за радост да имаат сите… и што уште не.
Средношколските денови, онаа возраст кога сите почнуваме да сонуваме за големи нешта, ги врвеа далеку од домот. Јазикот на кралевината им беше туѓ, како и пејзажите, но мајчината топлина се беше вгнездила во срцата, им даваше закрила и спокој. Сепак, најважна беше уката, како што велеше дедо… а со неа одат и себеспознавањето, самопочитта, храброста – ечеа татковите зборови.
Тие години, во роденденските молитви на Блаже влезе и желбата да се најде лек за болниот дедо и да му прогледаат ослепените очи. Одамна било, но како да го наслушнувам кроткото срце на младиот Конески, кое трепери во квечерините, и во тој момчешки жар почнува да ја преточува селската немаштија во нежен стих, да го стилизира слободниот израз во необично негувани рими, да ја прелева вродената продуховеност со која е благословен во еден силен емотивен набој. Иако сѐ уште не е доволно пораснат, Блаже почнува да ја насетува димензијата на своите национални чувства препеани во „прости и строги“ македонски песни. Подоцна ќе сфати дека тие „ќе го обврзуваат“, бидејќи животот е една долга поема. Тој, инспириран од родната грутка, длабоко замелушен од нејзината природна убавина, воодушевен од широчината на неговата поделена татковина, но и загрижен од историската тежина на своето „смачкано племе“, се изнедрува себеси со идеализираните сеќавања што извираат како река и од измислените совршени метафори што им ги шепоти на македонските другари, неговите први и верни слушатели.
И младото момче Лазар, умен и флексибилен, ја чекори својата патека, наближувајќи се до раната животна раскрсница кога веќе ги согледува големите социјални нееднаквости и културните разлики во секојдневието што го опкружува. Верувам дека тогаш, сосема спонтано, почнува да бара во себе решавачка стратегија, да гради доверба и да постигнува први „политички“ компромиси, за да ги протолкува сите увидени и откриени класни неправди на кралството, кое наскоро ќе падне. Револуционерната мисла му станува водилка. Во повоените години, во контекст на тоа време, Мојсов ќе учествува во политичката изградба на македонската република, ќе ја стимулира општествената структура, националната култура и образование, ќе стане бранител на правата и нејзините демократски вредности. Тие години, во неговите роденденски желби ќе влезат родителските мечти за светла иднина на милата ќеркичка.
За него ми остана сеќавањето на еден разговор со татко ми во далечната 1977 година, додека патувавме на одмор. Тоа беше монолог за Македонецот што стана претседател на Генералното собрание на Обединетите нации. Ги поистоветив неговите чувства на гордост со моите. Десет години подоцна, веќе војник на ЈНА, уморен и подзаспан од пешадиските целодневни активности, како последна обврска пред спиење морав да гледам и слушам вечерни вести, и таму повторно беше тој, овој пат како претседател Македонец на тогашната југословенска држава… која пукаше по шевовите.
Ах, да, и уште нешто: неодамна дознав дека Лазар Мојсов е татко на големата научничка Светлана Мојсов! Повторно се наредиле ѕвездите, како по наредба на неговиот интимен шепот, за да го исполнат дамнешниот сон!
Раните роденденски мечти на Блаже Конески и Лазар Мојсов станаа јаве, силата им дојде од книгата. Такви ќе останат докрај. Оние две слободни и безгрижни деца, па вредни гимназијалци и храбри студенти образовани далеку од родните места, ќе станат уникатни столбови на Македонија: едниот на јазикот, зборот и песната, другиот на дипломатијата и меѓународното право.
Патриотско задојување
Конески го помнам „отсекогаш“, пораснав со него. Допреа до мене и ги разбрав изразените интимни витли на детето од Небрегово, кое од милозвучниот мајчин јазик направи храм. Македонскиот јазик е единствената наша татковина. Зборот е наш корен и наша иднина, рече. Амин.
Првпат го запознав во слаткоречивите македонски народни приказни со кои заспивав во градинката, во тивкиот и ритмичен шепот на милата учителка Зора. Потоа, тој беше присутен во трпението на саканата наставничка Катица, додека певливо ја рецитирав долгата македонска азбука, но и во поправените правописни грешки на моите први детски прозни состави, подвлечени со црвено за да не се повторат. Подоцна, го препознав него во благиот поглед на мојата класна Деница, строга професорка по мајчин јазик и заљубен ангел во богатиот македонски речник. Внимаваше не само на граматичката уредност во мојот израз туку и на тонската драматизацијата, на слоговниот акцент, структурниот редослед во речениците, на родот и бројот, на лицето и времето, на определените и неопределени членови, на познатите и непознати именки… не ѝ беше сеедно! На часовите по македонски јазик таа правеше магија, скромната училница стануваше златна капела за мене.
Се сеќавам, со веќе поминати 12 години, како наизуст и со затворени очи го доживував динамичниот и длабоко емотивен носталгичен разговор на големиот поет со нежната Везилка, која со својот црвен и црн конец везе и создава уметност како дар, но и генетски поврзува. Таа е нашата историја и култура, олицетворена традиција и вредност на мојот чесен, надарен и трудољубив народ. И секогаш кога нурнувам во неговиот поетски спев на Тешкото, до солзи ме стресува исконска болка вградена во тоа машко оро, историската трага и тага, македонскиот непокор и животна стрв, а не страв… поетски овековечени во тежината на меките чекори на игроорците, во енергијата на намуртените погледи, во силата на македонските прегратки, во повторувачката мелодиска ритмика, која повремено грми и повремено стивнува. Нејсе, го чувствувам Конески во моите размислувања, ми се сви во градите, најде стреа во моето срце! Бог да го бие оној што ќе крене рака на него.
Поетот без виделина
Драги мои, јас не станав лекар, а подоцна очен лекар, поради некој учебник, туѓа желба или детски сон, туку поради еден поет што остана без виделина.
Сè започна со зборот. Збор што тивко боли и тивко лечи – како што се стиховите на Блаже Конески за мене, за нас. Тој еднаш, додека се обидуваше да прочита сопствена песна пред широкиот аудиториум, наеднаш се сепна, застана, избриша солза и рече: „Виделцето не ми дозволува да продолжам да читам…“ Набрзо потоа си замина засекогаш.
Силниот, емотивен и трагичен момент стана моја животна пресвртница и Крст. Тој декември, за Свети Ѓорѓија зимен, додека ги дував свеќичките на тортата, желбата ми беше една: да го научам убаво докторскиот занает, за ниеден повеќе да не остане слеп. Тргнав донкихотски бестрашно кон тајните на окото, беспоштедно предаден на најхуманата од сите науки и најнаучна од сите хуманистички теории и знаења, за да стасам до болеста со слатко име, шеќерна, и да ја победам. Сакам да ја излекувам болештината што му ја украде светлината на мојот духовен учител, големиот македонски поет… и на милиони луѓе низ светот. Се борам со неа преку наука и искуство и, ако ме прашате, со борба чемерна.
Глобална револуција
Во јуни минатата година, Фондацијата „Принцеза на Астурија“ (чиј покровител е шпанското кралско семејство) го објави името на Светлана Мојсов како јавна благодарност и наклон за важноста на нејзините истражувања, за пионерската работа во откривањето на активната низа на пептидот сличен на глукагон, што доведе до создавање на еден од најпотребните лекови на денешницата, но и отвори пат за цела низа други научни медицински и фармаколошки студии и лекови што ја менуваат тажната панорама на луѓето со шеќерна болест и обезитет (дебелина). Нејзиниот придонес во современата медицинска наука е огромен, и денес, како резултат на нејзината научна дејност, сме сведоци на една одамна очекувана глобална медицинска револуција – хумана и хуманитарна!
И во срцето на таа тивка, но величествена револуција, чука срцето на Светлана – преполно со љубов за човештвото. Како капка светлина во мракот, лекот стана симбол на надеж за милиони пациенти, симбол на грижа, сочувство и комплетна метаморфоза на модерната медицина. Со неа, како инспиратор на оваа медицинска преродба, науката покажа дека знае да сака и љуби.
На церемонијата во октомври, кратко време пред ракувањето со кралската фамилија и добивањето на големата награда, имав невообичаена чест да ме прими на „аудиенција“ во гламурозниот хотел баш таа лично, прекрасната Светлана Мојсов. Во отворената конверзација добив впечаток дека е скромна, тивка личност, но во очите ѝ видов смелост, цврстина, научен жар. Горда е на своето македонско потекло. Македонија ѝ е во срцето. Неформалниот разговор беше вистинско уживање, со нашата татковина како главна тема, спомени од она време „дома“, но и доживеаните предизвици „надвор“ (таа како биохемичарка и истражувача, професорка на Универзитетот „Рокфелер“ во САД, а јас како лекар ретинолог во Барселона, Шпанија). Вечниот Охрид е нашата заедничка љубов. За крај, на Светлана ѝ подарив црвена книга за македонската историја!
Кругот се затвора
Светлана Мојсов, доловивте и сами, не е само научник туку и светлина за оние болни што сакаат да гледаат, да читаат, да создаваат. Таа стана биохемиска поетеса, која го напиша најубавиот стих во борбата за човековото здравје, од лабораториската тишина испрати глас што ја менува историјата. Денес ја среќавам Светлана во очите на моите пациенти, во ретините што се спасуваат, во погледите што преживуваат. Плодот на нејзиниот труд лекува таму каде што јас само се обидувам, го стопира она што јас само можам да го забавам.
Се остварија соништата на Блаже, за ука и за спас на дедовиот вид; на Лазар, за ука и за успех на ќерка му, Светлана; но и моите, за ука и за пронајдениот лек што ќе помогне да се намали болката на човештвото предизвикана од шеќерната болест. За да гледам широко, се искачив на рамената на најголемите научници, меѓу кои Светлана Мојсов осветлува најдалеку.
И ти си имала свои роденденски желби, драга Светлана Мојсов, знам… прошепотени во најинтимна торжественост на зимниот Свети Климент! И затоа, благодарам што си сонувала со отворени очи сите оние денови и ноќи минати во универзитетската лабораторија. Светска си, но те чувствуваме само наша… и горди сме на тебе! Твојот непроценлив успех ја охрабрува и Македонија да сонува на големо, универзумот ги слуша и исполнува сите искрени и добронамерни молитви на срцето.
Зборот и болката на Блаже Конески, дипломатските висови на Лазар Мојсов и научните достигнувања на Светлана Мојсов станаа големи комплементарни македонски вредности.
*
Кругот се затвора за мене. Можам да ја смирам душата и да му ја пренесам мојата радост на духовниот учител, лингвист и поет, кој ме слуша „таму некаде“: Почитуван Блаже, можеби тогаш виделцето не ти дозволи да продолжиш да читаш, но денес, поради Светлана, многумина ќе можат да ја дочитаат твојата песна и да си напишат своја песна.
Македонија Вечна.
Владимир Попоски
Авторот е очен лекар во Барселона, Шпанија