Не е лесно да се одговори на прашањето дали навистина се толку лоши времињата, годините и условите или се лоши и неспособни луѓето што управуваат со нашата држава и нашите судбини во минативе 35 години од прогласувањето на референдумската независност. Ваквото прашање е едно од редовните што се поставуваат на почетокот од секоја календарска година исправена пред предизвиците за власта и очекувањата од граѓаните. Одговорите се сложени, зависат од многу испреплетени фактори, меѓу кои човечкиот се смета за најглавен.
Во минатите три и пол децении оптимизмот и песимизмот кај граѓаните доживуваат час нагорна, час надолна линија. Еднаш оди горе оптимизмот, другпат песимизмот. Поточно, речиси сѐ досега започнувало оптимистички, а завршувало песимистички. И најлаичките анализи покажуваат дека оптимизмот е масовен при секои нови избори, односно по секоја нова победа на некоја од партиите и формирањето влада.
И, што се случува? Од голема надеж, следува уште поголемо разочарување. Просто за неверување. Сите лидери, предводници на партии и изборни кампањи, претседатели на влади, претседатели на државата, речиси без исклучок, заминаа од функциите како големо разочарување за граѓаните. Од силна поддршка при доаѓањето на тронот на власта завршија со жестока критика, по судови, пред вратите на затвори на крајот од мандатот, до бегства од државата и до бегства во земји кај што законот не ги допира. Од блескави почетоци до неславен крај, со товар на основани сомненија и сериозни обвинувања за грандиозен криминал и ограбување на буџетот, до распродажба на националните интереси и на името како врв на политичката незрелост и неодговорност.
Да си припомниме: во 1991 година со голема надеж дека навистина ќе се случува нешто убаво, со голем оптимизам беше дочекана првата влада на суверена Република Македонија, предводена од професорот по економија Никола Кљусев. Горда беше атмосферата дека таа е прва таканаречена „македонска национална влада“ пред отворените врати на недооформената македонска државност. Ентузијастичка, желна за успех, неискусна, но не и наивна како што се чинеше. Политичкото комунистичко искуство на претседателот Киро Глигоров беше позитивната страна на владината политика, но брзо дојде до разидување, така што тој состав траеше кратко и недокажано.
Оптимизмот владееше и со формирањето на првата на влада на тогаш младиот политичар Бранко Црвенковски, предводник на Социјалдемократскиот сојуз, кој владееше со првата таканаречена „прва политичка влада“ составена од коалициски партнери на македонски и албански партии. Загуби избори и заврши власт неславно со политички товар од неколку „октоподни“ афери.
Во 1998 година со еуфорија беа пречекани неговиот пораз и големата победа на ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива, предводени од војводата Љубчо Георгиевски и комунистот Васил Тупурковски. Првиот леташе на крилјата на македонскиот национализам со пробугарска происториска заднина, а вториот ветуваше милијарда долари, кои изгледаа огромна сума. Македонската општа сиромаштија ја сфаќаше милијардата како планина од пари, а всушност излезе едно суво, исцедено дрво. Георгиевски наместо во легенда, се преобрази во ефемерна фигура неослободена од својата национална двојност меѓу Македонец и Бугарин. Легендарниот Циле поради кредитите од Тајван со години се влечеше по судови, доби ослободителни пресуди по долги перипетии низ судските лавиринти.
Во 2002 година беше триумфалното доаѓање по вторпат меѓу Македонците на Бранко Црвенковски, кој остана запаметен по тоа што вети „кока-кола“ за секое дете и по еден вработен во семејството. По избор на самиот Црвенковски, на партиското и на владиното чело го постави Владо Бучкоски, кој исто така со години се влечеше по судови. Самиот тој и неговите блиски знаат како се извлече од тие канџи.
Во 2006 година повторно победи ВМРО-ДПМНЕ, но овој пат на чело со Никола Груевски, таканаречениот економски технократ, овенчан со слава на успешен менаџер и министер, убедлив победник на избори и човек на нова надеж. Наместо економски напредок, како што се очекуваше, тој и неговата влада се заплеткаа во некомерцијални градби и потемкинови села, во сериозни тендерски и корупциски криминали. За да избегне издржување затворска казна се реши на чекор вообичаен за недемократски земји чии диктатори завршуваат како азиланти во други земји. Во Македонија тоа е прв случај од вака висок ранг, најверојатно не и последен.
Народот вели дека и над врвот има врв. Тој „надврв“ го достигнаа владата на Зоран Заев и самиот Заев лично. Без срам и перде, без елементарно познавање на македонската историја, опериран од национални чувства, безобѕирно лажејќи ги граѓаните, потпиша договори со Грција и Бугарија, со кои ги понижи Македонците од својата држава, ги доведе во прашање нивната историја, јазик, писмо, традиции и култура. Над него виси големата морална одговорност за тоа што го стори, многумина се прашуваат дали ќе го стигне и материјалната.
Освен премиерите, слично поминаа и поранешните претседатели на државата. Никому не му остана во сопственост венецот на славата.
За сите важи истото: од блескави почетоци до неславен крај. Тие и оние околу нив го потрошија речиси сиот оптимизам на чиј бурен бран Македонија се оформуваше како чисто своја независна, суверена држава, со свои национални симболи, со свои природни ресурси и човечки потенцијали. Го потрошија, го раздробија, политичките елити што ја користеа Македонија само за покритие за своите лични и партиски интереси.
Со недоветни политички проекти, со реформи што 35 години водат кон полошо наместо кон подобро, со носење надуставни или противуставни закони, со постизборни пресврти, измами, изневерување идеали и програми, владеење со криминал и корупција, од национален оптимизам и радост донесоа загорчување, неизвесност, несигурност, да не речам очај. Една општа невротична, фрустрирачка сегашност и неизвесна иднина. БЕЛКИ НЕМА ДА СЕ ПОВТОРИ.

































