Пенсилванија, непосредно пред крајот на 19 век: весникот „Питсбург диспеч“ објавил статија „Од каква корист се девојките“. Според текстот, тие се корисни за малку работи, главно да бидат домаќинки и да раѓаат деца. Набрзо по објавувањето, уредничкиот тим добил луто писмо од една читателка. Авторка на писмото била една млада жена по име Елизабет Кокран. Уредничкиот тим бил толку импресиониран од нејзиниот темперамент што ѝ понудил работа. Тоа е почеток на една новинарска кариера што ќе го обликува светот на медиумите, особено за жените. Во следните години Елизабет Кокран пишувала под две нови имиња: го сменила Кокран во Кокрејн едноставно затоа што ѝ се допаѓало повеќе, а своите написи ги пишувала под псевдонимот Нели Блај.
Под името Нели Блај таа се занимавала со теми што биле невообичаени за новинарките од тој период, иако била многу млада – во своите рани дваесетти години. Во тоа време многу весници имале т.н. „женски страници“, кои биле исполнети со теми што се сметале интересни за жени. Најчесто овие страници обработувале теми поврзани со домаќинството, градинарството и децата. Новинарството што се фокусирало на општествено критички теми било во домен на мажите. И покрај тоа, првите текстови на Блај биле за жените работнички, на пример во челичната индустрија, во кои ги критикувала условите за работа на жените. Поради тие текстови била цел на критики, но наместо да го промени фокусот, се откажала од работата во „Питсбург диспеч“ за да стане хонорарка. Како млада репортерка, патувала низ Мексико и испраќала дописи до својот весник за условите за живот на сиромашните и за последиците од корупција во политиката и владините агенции. Не поминало долго време пред да ја налути мексиканската влада, па морала да ја напушти земјата. Блај била на почетокот на својата кариера. Во 1887 година отпатувала во Њујорк и била ангажирана од Џозеф Пулицер во „Њујорк ворлд“. Во тоа време весникот бил еден од најголемите дневни весници во САД и тоа ѝ помогнало на Нели Блај да излезе пред очите на јавноста.
Со тајното известување од женското психијатриско одделение на островот Блеквел создала сторија формулирана како мешавина од репортерски текст и запис од личен дневник. Во неа раскажува како лажирала ментална болест за да биде примена во установата. Зборува за третманот и злоупотребата на пациентите, како и за пациенти кај кои состојбите драстично се влошиле по приемот. Со набљудување, Блај добила впечаток дека секој што претходно не бил болен, се разболувал по престојот во установата. Текстот наишол на бурни реакции од јавноста и довел до судска истрага. Конечно, биле ставени на располагање средства за подобрување на условите во психијатриските установи.
Со „Десет дена во лудница“, Блај не само што го променила општеството туку создала и еден од првите примери на истражувачко новинарство. Оттогаш, Нели Блај често работела со таен идентитет, понекогаш како проститутка, понекогаш како пациентка на операциона маса. Постојано се ставала во ризични ситуации, а како жена понекогаш успевала да дознае работи што новинар маж не би можел да ги дознае. Откако ќе ги соберела информациите, известувала за нив на прецизен и интересен начин. Таа станала пионер на женското движење на т.н. новинарки-каскадерки* (girl stunt reporters).
Новинарките-каскадерки биле жени како Блај, кои често спроведувале тајни истражувања за да ги разоткријат социјалните неправди и да донесат промени. Со тоа создале нов правец во известувањето што сега често се нарекува „врховна дисциплина“ во новинарството, а тоа е истражувачкото новинарство.
Не само што тајните истражувања биле новина туку и тонот на пишување се разликувал од вообичаениот. Статиите често биле хумористични, напишани во прво лице и обработувале табу-теми. Она што може да изгледа сензационалистички од денешна перспектива во тоа време отворило нови можности за раскажување што го привлекло вниманието на читателите. Стилските иновации биле зачетоци за „новото новинарство“, термин популаризиран од новинарот Том Волф во 70-тите години од 20 век.
Покрај тоа, текстовите на новинарките биле популарни кај читателите и им дале можност на репортерките да бидат слушнати во медиумскиот свет во кој доминирале мажи. Во исто време, често опасните ситуации во кои се наоѓале покажуваат колку далеку морале да одат за да успеат. Но тоа што нивните стории биле популарни не значи дека и самите новинарки уживале во таквата популарност. Поради нивните екстремни методи на истражување и смели маневри, во време кога истражувањето во матни води се сметало за нешто што „не ѝ прилега на една дама“, тие ја изгубиле почитта во делови од општеството и покрај нивниот успех. Терминот „новинарка-каскадерка“ (girl stunt reporters) е јасна индикација за ова и често се користел со погрдно значење. Тие не биле девојчиња, туку возрасни жени, иако многу млади. Терминот „каскадер“ исто така бил наменет да ја потцени нивната работа односно тајното новинарство кое често ги откривало социјалните неправди.
Хелен Кјузак го напишала серијалот „Робинките од градот“ за „Чикаго тајмс“ во 1888 година под псевдонимот Нел Нелсон, во кој ги документирала и критикувала работните услови и екстремно ниските плати на работничките во фабриките. За да успее, самата се инфилтрирала во индустријата како работничка. Во 1890 година, Винифред Свит пишувала како Ени Лори за третманот на жени во јавна болница во Сан Франциско. Докторот што физички малтретирал жени откако ќе ги дијагностицирал како „хистерични“ бил отпуштен. Свит исценирала циркулаторен колапс односно шок на улица заради нејзината сторија, па и самата била примена во болницата како пациентка. Други жени останале анонимни во нивното пишување и со тоа непознати до ден-денес. Сепак, нивната новинарска работа непобитно влијаела на медиумскиот свет.
Со „Десет дена во лудница“, Нели Блај го започнала движењето што го променило новинарството. Нејзините кариерни успеси допрва следувале. Целосната сторија за Блај може да ја слушнете во поткастот „Frauensachen“ (или „Женски теми“). Поткастот е продуциран од студенти на Техничкиот универзитет во Дортмунд и се емитува, меѓу другото, на радиото на кампусот „Елдорадио“. Авторката на овој текст е една од продуцентките на „Frauensachen“.
(республика.еду.мк)