Од идеја до светски авторитет

МЕМОРИЈАЛОТ НА ХОЛОКАУСТОТ И ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА СЕГАШНОСТА

  • Центар на холокаустот и мир во Македонија. Тој стекнува сѐ поголемо светско реноме и за нас е гордост што сме оставиле белег и сеќавање за убиените Евреи. Се одржаа и неколку состаноци на ОБСЕ и други, што е индикатор за светското значење на овој центар. Дали успеавме да ја намалиме омразата во светот? За жал, не! Тоа никој не може во општата тензија и хаосот денес. Со борбите на Израел и околните земји, антисемитизмот рапидно се зголемува, како и несигурноста на Евреите во Европа и Америка. Кај нас, иако нема конфликти, антиизраелизмот се чувствува во медиумите и меѓу луѓето. Ционизмот го идентификуваат со нацизам иако поим немаат што значи

Идеја е нов свет. Има многу генијални идеи за подобар свет, но малку од нив се остваруваат. Успехот е оган, раѓа спротивности, маки, сизифизам, љубомори, неразбирања и разочарувања. Ако се качуваш, те чека лавина. Качувај се. Оваа приказна почнува во 1995 година, кога при една прошетка покрај Вардар со академикот Иван Дејанов ми рече: „Досега бевме во медицината, но сега почнуваме нешто друго, многу значајно – изградба на холокауст-центар на Македонија“. Јас реагирав: „Па тоа ќе предизвика антисемитизам – ќе никнат кукасти крстови. Таков центар треба да има во Полска или Франција“. А тој рече: „Не, Полска, Франција и други земји не сакаат да ги покажат злосторствата. Во Македонија нема да има нацистички реакции“. И Љубомир Гајдов, силен јудеофил. Јас не го знаев, но подоцна станавме другари и видов дека „дечкото“ има галерија на интересни идеи, секако многуте од нив не се остварија, бидејќи вирееме во „инкубатор“ на опонирање. Потоа Дејанов рече: „Неопходна е подршка од Еврејската заедница, а во тоа може да помогнат само твоите родители, а не ние“. Идејата беше прифатена, со акламација од јавноста, политичарите и сите политички партии, па дури и меѓународен фактор. Но, она најважното го нема – пари! Академикот Дејанов почина во 2001 година и не ја виде својата идеја. Останав со празнина од илузија изгубена.
Но клучни промени, си дозволив да ги наречам „историски“, дојдоа кога на сцена настапија сопружниците Мизрахи – Лилјана и Виктор. Еден ден тие ми кажаа: „Сериозно работиме на формирање фонд што ќе ја финансира изградбата на Центарот на холокауст. Сакаме ти да бидеш претседател… имаме јака екипа – Здравко, Мелпомени…“ Секако, чест не се одбива и тоа го смени мојот живот. Лиле и Виктор го дадоа името Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија (ФХЕМ). Парите легално беа од денационализираните имоти на оние Евреи што се убиени во логорот Треблинка, а немаат наследници. Финансиската база ја водеше Љиљана Мизрахи, а помош дадоа Горан Трајковски, Стефан Георгиевски и други. Загинатите се близу 99 отсто од Евреите на Македонија, а вистинска смрт е само заборавот. Следуваше огромна бирократско–правна процедура за легализација, со посебен закон, урбанистички план, дозвола за градба и добивање на одредените средства. За волја на вистината, сите партии нѐ поддржаа, иако се „глодаа“ меѓу себе, па дури со војна во 2001 година, што нѐ потресе сите. Да ја истакнам и улогата на господинот Љубомир Фармаковски, значаен економист и уште поважно – политички фактор, без чии „интервенции“ работата немаше да биде завршена. Морам да кажам дека се соочивме со сериозни конфликти, судири, па дури и закани заради „привлечноста“, „бизнисогеноста“ и „стратегичноста“ на територијата каде што е лоциран Центарот. Но тоа е местото на некогашното Еврејско Маало, кое за нас Евреите е „Светата Земја на Македонија“ и по никаква цена – отстапување нема!

Според процените на Пепо Леви (сегашен претседател на Еврејската заедница), вредноста на имотите таму била над 60 милиони евра, но ни беа доделени 17. Да не ги елаборираме вредностите на животите на убиените Евреи (по список 7.314, но има и повеќе). Според ФЕМА во САД, вредноста на еден живот е 7,5 милиони долари, а во западните земји од еден до десет милиони, но Балканот си е Балкан, друга „планета“. Борбите за теренот беа секакви, сурови, брутални, „Балкан-кан“ и „Холивуд“. Голема помош ни даде и американската амбасада, а особено светските личности како нобеловецот Ели Визел со големо влијание врз владата на САД и личен пријател на претседателите Буш и Клинтон, Ричард Шифтер, член на ЦФР, Раби Ендрју Бејкер и Дејвид Харис од Еврејско-американскиот комитет во Вашингтон, некои советници од Белата Куќа, Овадиа Софер (тогашен член на Кнесетот во Израел), Мартин Гилберт (главниот биограф на Винстон Черчил), Лоренс Иглбергер, Виктор Комрас, Лео Крамер (одговорен за нуклеарен отпад и оружје за време на претседателот Реган), Бар Хаим (претседател на „Џоинт“), амбасадори од земјите на ЕУ во Македонија, Холокауст-центарот во Вашингтон, членови од Јад Вашем–Израел, неколку еврејски заедници од САД, Македонско-израелското друштво, моите пријатели и учители нобеловците Леон Купер, Милтон Фридман, Пол Самуелсон и Јакоб Ротшилд и разни влијателни личности и институции од светот. Така, од идеја, Центарот станува меѓународна обврска и меѓународна нужност.
Дадоа разни идеи за формата на центарот. На пример Жамила Колономос (преживеана партизанка) и Мориц Романо предлагаа да се реконструираат старите куќи на Еврејското Маало и тие да бидат музеј и центар. Моите другари инженерите Јован Манев и Кире Бадев предлагаа да биде како Давидова ѕвезда, а министерката Мелпомени Корнети да биде во еден корпус со чаршијата – цел кварт уметност. Госпоѓата Јасмина Намичева, експертка за музеологија даде многу идеи, колекција на експонати и неколку изложби. Но на крајот ние, во Одборот во согласност со урбанистичкиот план, одлучивме тоа да го решат архитектите Мирко Андоновски и Никола Бошку. Изведбата на проектот ја доби фирмата „Бетон“ од Штип, со контрола на инженерот Предраг Кенинг. Во 2005 година, по големи турбуленции, беше поставен темел на Центарот (иден музеј), со присуство на високиот политичар Томи Лапид од Израел, претседателот Киро Глигоров, амбасадори, сите лидери на тогашните политички партии, градоначалниците на Скопје и скопските општини и верските заедници. Проектот тогаш формално беше и заеднички со МАНУ (тогашен претседател Цветан Грозданов) и МНР (Министерството за надворешни работи). За директор на тогаш идниот центар-музеј одлучивме да биде Горан Садикарио, кој помогна во правењето на синагогата „Бет Јаков“, а е директор и денес. Тој заедно со светскиот експерт за холокауст Мајкл Беренбаум ги осмислија уредувањето и содржината на музејот. По тоа, јас ѝ се посветив на медицината и го напуштив проектот, но го следам цело време. Следбеник беше Здравко Шами, докрај на проектот, претседател на Еврејската заедница (ЕЗРМ) беше Виктор Мизрахи, а потоа Благоја Младеновски и Бјанка Хелман. И тие доживеаја удари и закани за проектот.

  • Еден бугарски професор од САД вели дека „Центарот е само пропаганда“. Срам да му е! Хорор ксенофобикум. И добрите стануваат лоши! Не само што не сакаат да го признаат срамот на холокаустот туку сакаат и „награда“. Жесток контраудар на Центарот беа бугарските т.н. „културни центри“, наци-франкенштајнизам, чума, повик за крв, но Македонија покажа дека не е подготвена да се самогеноцидира

Беше направена владина комисија за доизградба на центарот на чело со тогашниот премиер Никола Груевски сѐ до отворањето во 2011 година. Тогаш како музеј тој беше еден од трите големи музеи на холокаустот во светот – музејот во Вашингтон, „Јад Вашем“ и нашиот во Скопје.
Пред две години музејот е трансформиран во Центар на холокаустот и мир во Македонија. Тој стекнува сѐ поголемо светско реноме и за нас е гордост што сме оставиле белег и сеќавање за убиените Евреи. Се одржаа и неколку состаноци на ОБСЕ и други, што е индикатор за светското значење на овој центар. Дали успеавме да ја намалиме омразата во светот? За жал, не! Тоа никој не може во општата тензија и хаосот денес. Со борбите на Израел и околните земји, антисемитизмот рапидно се зголемува, како и несигурноста на Евреите во Европа и Америка. Кај нас, иако нема конфликти, антиизраелизмот се чувствува во медиумите и меѓу луѓето. Ционизмот го идентификуваат со нацизам иако немаат поим што значи. Нацизмот во Европа само што не дошол на власт, а исто така и џихадизмот. Жалам, но населението, политичките фактори, па и „интелектуалците“ се слепи кон овие опасности. Медиумите во светот малку кажуваат вистини, не знаат ни за холокаустот што е мраз и амнезија во дигитален потоп. Еден бугарски професор од САД вели дека „Центарот е само пропаганда“. Срам да му е! Хорор ксенофобикум. И добрите стануваат лоши! Не само што не сакаат да го признаат срамот на холокаустот туку сакаат и „награда“. Жесток контраудар на Центарот беа бугарските т.н. „културни центри“, наци-франкенштајнизам, чума, повик за крв, но Македонија покажа дека не е подготвена да се самогеноцидира. Не живееме во розов и романтичен свет. Богами, пазете се и од пријатели! Искуството ми ечи во ушите. Така одговорноста на Центарот станува огромна не само кон Евреите туку и кон сите граѓани. Како ќе се справи со тоа во иднина, останува на креативноста на нејзините членови, но и подршката од Евреите и влијателните фактори кај нас и во светот.

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио