Ивица Боцевски
Што значи изборот на Џ.Д. Венс за американската политика и дали е ова сигнал и за глобално идеолошко порамнување? Доналд Трамп ќе остане запаметен како лик што ја отелотворува промената на глобалната политичка парадигма, онаа вододелница кога светот зачекорува во нова историска епоха. Ништо околу него не е типично, од отворањето на неговата кампања во 2015 година со веќе легендарното симнување по златниот ескалатор на „Кулата Трамп“ во Њујорк, па до скорешниот обид за негов атентат во близината на Питсбург. Меѓутоа денеска ќе пишувам за изборот на неговиот потпретседателски кандидат и, како вообичаено, ќе бегам од сочните озборувачки детали на ликот и делото на Доналд Трамп, без разлика колку се привлечни за читање и за коментирање.
Уште од фамозниот 15 септември 2008 година знаеме дека „нешто е гнило со глобализацијата“. Банкротот на финансискиот џин Лиман брадерс ги изнесе на виделина сите противречности на ерата на глобализацијата, која започна со падот на Берлинскиот ѕид и крајот на Студената војна (не случајно во таа година се случи и првата директна руска воена интервенција во постсоветскиот простор). Зад блескавата фасада на глобализацијата се покажаа наталожените економски, социјални и културни проблеми, кои дотогаш беа запоставувани. „Глобализмот“, како идеолошка потпора на глобализацијата, се соголи како пропаганда зад победниците од глобализацијата, па неговите главни протагонисти, од филозофот Френсис Фукујама до новинарот Томас Фридман, започнаа да се објаснуваат што всушност мислеле со нивните поранешни дела за „крајот на историјата“ и за „златната лудачка кошула“.
Ја имав таа среќа да студирам токму во Питсбург, благодарение на најдобрата државна американска стипендија „Рон Браун“, која веќе не постои. Американската американска заедница навистина се одликува со критичка мисла, а Универзитетот од Питсбург е добро познат и по својата постдипломска школа за јавни и меѓународни работи, но и по школите за јавно здравство и за социјални прашања. Иако фокусот на моите студии беа меѓународните односи, глобалната политичка економија и глобалната безбедност, сепак не пропуштав да се запознаам и со другите аспекти на јавните политики. Уште ми е живо во сеќавање еден семинар што ни го организира професорката по јавни политики, во соработка со еден од професорите по социјални прашања. Тие нè однесоа во едно помало гратче, кое некогаш било просперитетно поради една од многубројните железарници, поради кои Питсбург гордо го носеше прекарот на светски главен град на челикот. За жал, по пропаста на оваа индустрија поради серијата погрешни потези од федералните власти, местото наликуваше на „град на духови“, а како дел од посетата отидовме и до локалниот „бувљак“ каде што се судривме со страшни сцени на сиромаштија и на луѓе заробени во маѓепсаната спирала на сиромаштијата. За мене тоа беше огромен шок дека е можно да постојат такви сцени во Америка. Слични нешта видовме и во пропаднатите рударски заедници во Западна Вирџинија.
Зошто го пишувам ова? Питсбург важи за неформален главен град на Апалачија, културен регион во САД, кој се одликува со специфични етнички црти и сопствен културен образец. Тешко дека ќе пронајдете подлабока Америка од Апалачија. Уште потешко е, пак, да се изнајдат културни сличности помеѓу Апалачијанците и Македонците, освен можеби поривот за градење цврсти локални заедници и желбата да се зачува семејното единство дури и со подалечните роднини, но сите други аспекти ни се многу различни.
Сепак, економската и социјалната пустош што ја остави глобализацијата во овој регион на САД наликува многу на катастрофата што остана зад приватизацијата во Македонија. Пазарната револуција на Роналд Реган веројатно била неопходна за да се раздвижи зачмаената американска година по стагнацијата во 1970-тите, но, за жал, неолибералната економија доведе до деиндустријализација во САД и преселба на стабилните и добро платени работни места кон Мексико, по спогодбата НАФТА, како и кон Кина, по влезот на оваа земја во Светската трговска организација. За жителите на Апалачија овие процеси доведуваат до безработица, отсуство на каква било перспектива и појава на сите можни општествени зла, а особено на алкохолизмот, наркоманијата, подемот на семејното насилство и заробеништво во маѓепсаниот круг на сиромаштијата. Глобализмот и ден-денес е слеп, поточно свесно одбива да ги согледа маките на некогашната стабилна работничка класа и на сиромаштијата во Апалачија, исто како што ништо не им значи економската беда и социјалната пустош низ Македонија. Некако стана тренд кога се зборува за дискриминација, таа да се дефинира социокултурно, односно расно во САД, етнички во Македонија, а сега глобално и во делот на сексуалните малцинства. Никој не се дрзнува да тврди дека во Америка нема расна дискриминација, ниту пак дека во Македонија нема етничка дискриминација, како и дека сексуалните малцинства уште се соочуваат со огромни предизвици. Меѓутоа, има ли поголема дискриминација од тоа да се родиш како дете во семејство на пропадната работничка класа во Питсбург или во Прилеп, или како дете на рудар во Западна Вирџинија или во источниот дел на Македонија? За актуелната глобална елитна култура белото момче од Апалачија и младиот Македонец од Злетово не може никако да бидат дефинирани како дискриминирани и за нив нема никакви специјални социјални програми затоа што припаѓаат кон „доминантните култури“ во САД и во Македонија. А ретко може да се најдат подискриминирани слоеви на општеството токму од овие категории. Ситуацијата е уште полоша за жените од овие региони затоа што тие се просто заклучени во своите региони, без никакви можности за каков било личен прогрес.
Токму ова го опиша Џ.Д. Венс во својата книга „Елегијата на горштакот“. Покрај тоа, тој се обидува како активист и како политичар да се изнајдат политики што ќе бидат насочени кон оваа „заборавена Америка“ и кон маките на просечниот жител од социјално и економски уништените региони по налетот на силите на глобализацијата. За значаен дел од американските бизнис-елити тоа што го предлага Џ.Д. Венс е анатема, затоа што неговите решенија ќе доведат до контрола на миграцијата, до поголеми минимални плати, повторна индустријализација на Америка, некои форми на економски протекционизам во специфични индустрии, па дури и до повторна изградба на демонтираната „држава на благосостојбата“ во САД. Исто така, културните елити жестоко ќе се противат на политиките што целат кон поддршка на семејствата, на изградба на цврсти и моќни локални заедници, на патриотизмот и сите други политики на новиот конзервативизам. Џ.Д. Венс е ликот на новата американска десница што економски и социјално врти лево и зема многу од социјалдемократските политики на повоената ера, но во делот на културата оди уште подесно, посебно кон потенцирање на националното („Америка прва!“), но и во делот на животните стилови. Токму оваа позиција за една политичка партија е безмалку идеална доколку успеваат да ги реализираат тие политики и да се останат имуни на преголеми скандали.
Веројатно оваа политика може да ја наречеме „суверенистичка“ како антипод на досегашната „глобалистичка“ идеологија. Интересно е тоа што „глобализмот“ навлезе и кај традиционална десница, но и кај традиционалната левица, па социјалдемократите заборавија дека го бранат општеството, а конзервативците изумија дека се борат за нацијата. Резултатот е тоа што тие идеолошки толку се стопија што актуелниот граѓанин веќе не ги разликува како различни политички движења. Но поделбата помеѓу „суверенистите“ и „глобалистите“ е многу остра и затоа политичката борба станува толку лута. Постојат вградени интереси на елитите што израснаа од глобализацијата, кои тие грчевито ќе ги бранат затоа што многу ќе изгубат ако се обноват некои класични социјалдемократски политики што економски и социјално ќе го порамнат општеството. Аргументите на „глобалистите“ се дека глобализацијата уште испорачува резултати, дека борбата против дискриминацијата е легитимна кауза и дека интеграцијата треба да биде одговор на предизвиците, а не економскиот изолационизам и протекционизам. Легитимни се и политичките позиции на „глобалистите“, па човештвото, поточно западните општества повторно имаат јасен идеолошки избор.
Во Македонија успеваме да ги препознаеме проблемите и да дадеме дијагноза, меѓутоа уште лутаме во дефинирањето на „суверенистичкиот“ дискурс во политика, а и „глобалистите“ кај нас не успеваат да консолидираат свој политички наратив и да објаснат за што се залагаат. Меѓутоа, овие глобални политички ветришта ќе ја зафатат и Македонија затоа што ние сме интегрален дел од западната економија, но и од западниот стил на живеење и организација на општествата. За почеток, би било убаво некој да ја напише македонската „Елегија на горштакот“, па да опише како беше да се израсне и да се живее во транзициска Македонија во 1990-тите, а потоа лесно ќе дојдеме и до дефинирањето на македонскиот „суверенистички“ и „глобалистички“ наратив.