Ако не ни се случеше 2001-та и јас ќе се сместев меѓу вас многубројните, кои беа без дилема, на правото би му ја дале супремација, а не на одлуките на ОБСЕ. Впрочем, „2001-та“ беше случката што мене ме тргна од сонот. Македонија имаше обезбедено високи права за малцинствата, речиси и немаше друга земја со такви права. Па и покрај тоа што беше така, Македонија сурово и безмилосно беше нападната од УЧК, која се бореше за територии. Погореспомената крвава година ми беше моментот откога јас тргнав да пребарувам на интернет, за да откријам што и зошто ни се случи тоа.
Актуелен кај нас во овој момент е договорот од Нивици, особено по изјавата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која при инаугурацијата, името го изговори како Македонија, без додавката Северна. Затоа се нагласува прашањето каде е врската со ОБСЕ и договорот од Нивици. Моето потрошено огромно време по барањето на правдата за 2001-та ме турна и на оваа патека или кон врската на ОБСЕ и Нивици. Еве како! Најпрво ја пронајдов Париската повелба од 1989 година во која им е загарантирано правото на сите слободни демократски држави, на кои ќе им биде загрозена територијата по распаѓањето на комунизмот, да поднесат барање за заштита на своите интереси. Ова откритие мене најпрво не ме упати на проблемот дека нашето име Македонија ја загрозува територијата на Грција. Но откако дојдов до работниот материјал на проф. д-р Денис Сендоул, „Решавање на конфликтите во Европа по Студената војна: работење со етничкото насилство во нова Европа“, на Институтот за анализа и решавање на конфликтите, од Универзитетот „Џорџ Мејсон“, од САД, мене веќе ми стана јасно дека Грција на ангро и поодамна работи да докаже дека нашето име ѝ го загрозува територијалниот интегритет. На сето ова треба да се додаде дека Грција уште од 1984 година активно работеше и се подготвуваше за Нивици. Имено, тогаш во Атина се одржа конференција на ОБСЕ, на која се измени концептот за решавање на конфликтите меѓу државите од консензуален, воспоставен во Монтре, во преговарачки. Сосема попатно морам да споменам дека на тој начин, на овие земји во принципиелното преговарање за интересите изразени како загрозени територии, им се даруваше „ројал флеш раката“, позната во покерот, како сигурна победничка ситуација, а во преговарањето во добитничка позиција. За другата страна сосема сигурно губитничка. Со тоа на Грција веќе во 1987 година ширум ѝ се отворија вратите за промена на името на северната покраина во Македонија. Откако започна процесот на распаѓање на СФРЈ, стана јасно зошто настана обраќањето на оваа земја до ЕУ, ОБСЕ, а потоа и до Советот за безбедност на ООН и се донесоа резолуции со кои се бара решавање на разликите во името за да не се загрози територијалниот интегритет на Грција, односно да се стопираат нашите „иредентистички“ намери, што беше грчка оцена, едноставно разбирлива и за ЕУ. Така ни беа суспендирани сите меѓународни права: суверенитет, интегритет, идентитет, човекови права и сл. Едноставно се запостави Повелбата на ООН во интерес на Повелбата од Париз.
Почитувани, ве молам, не би сакал погрешно да ме разберете дека се ставам на страната на Грција, со погореизнесените нејзини политики на надворешен план. Напротив, мојата намера не е воопшто таква.
Намерата ми е, прво, да споменам еден сериозен пристап кон одбрана на нашите интереси на меѓународен план, макар и ирационален, користејќи ги сите историски и актуелни политички моменти. И, второ, што е многу побитно, посакувам таков секојдневен пристап да изрази и нашата надворешна политика во одбраната на нашите интереси, а не интересот да биде свртен кон интересите на своите соседи (признавањето на Косово или тесната соработка со Бугарија и сл.), каков што катадневно ни го презентираше претходниот министер за надворешни работи. Значи изнесеното нека ни послужи како основа за актуелно консензуално утврдување на нашата македонска стратегиска надворешна политика за во иднина. Но не сакам и да го заборавам и заспаниот однос на нашите експерти од меѓународните односи и политика, кои не успеаја да ги предвидат споменатите намери на грчката страна, кои јас погоре ги споменав. И тие да бидат постојано будни и тоа да им биде основниот критериум за заслугите!
И сега некој може да се запраша зошто толку непотребна врева надвор од темата. Одговорот е дека темата е зачната со Париската повелба за мирна Европа и документот на ОБСЕ, подготвен во Ла Валета, кој го подготвија сите министри за надворешни работи и потоа го потпишаа сите членки на ЕУ. Така ѝ се даде шанса на Грција да ја заокружи својата територија како единствена и според народот што живее на таа територија, изразено во мегали-идејата. Така, политиката се наметна над правото и нашите преговарачи. Не знам дали знаеја за друг преговарачки пристап, кој би бил поповолен за нас и нашите интереси, па го прифатија концептот на преговарање за идентитетот или преговарање за непреговорливото. Беа сосема заслепени во овој концепт, кој нѐ водеше кон наша загуба, која денес е очигледна, бидејќи во ситуацијата во која бевме доведени со одлуката на ОБСЕ и немаше друг излез, освен обидот за употреба на една од познатите спортски борби. Но тоа се игнорираше поради незнаење. Во врска со овој проблем јас пишував на страниците на овој весник. Но тоа остана нечуено, не само од преговарачите туку и од другите, иако беа известени дека се на погрешен пат. За таквиот однос кон проблемот придонес даде и насоката на правната наука, која воопшто не го прифаќаше преговарачкиот пристап и беше убедена само во правните аргументи при решавањето на проблемот за името. Но сето тоа не излезе така.
Јас, почитувани, по професија сум од економската струка. Ова споменување на моето занимање не го правам заради конкуренција за некаква функција бидејќи сум пензионер, туку заради тоа што јас поминав низ тунелот на мракот за мене да ја решам загатката на приоритетот или предноста на правото врз политиката или обратно. Еве што видов јас по излезот од мракот за моето правното знаење! Иако не сум ниту правник ниту политиколог, јас сум убеден дека политиката има предност над правото. Врз основа на сѐ што прочитав и дознав, политиката се дефинира преку своите делови. На правото или уредување на односите во општеството се надоврзува средување на конфликтите, кои се производ на судирот меѓу неусогласените интереси. Така, основите на документите на ОБСЕ од кои произлегуваа правните одредби наложуваа решение на конфликтот за името со Грција по пат на преговарање. Не само за правниците и за мене лично и сега овој пристап е надвор од правните одредби на меѓународното право и Повелбата на ООН. Но политиката си го кажа своето околу проблемот за името. Ако се потсетиме на одлуката на Меѓународниот суд на правдата, околу нашиот поднесок за проблемите околу примената на Привремената спогодба, јасно е дека не го добивме очекуваното решение, а потрошивме мошне завидна сума на пари. Мене и денес многу битно ми е прашањето зошто се поведе таа постапка. Јас и за тоа однапред пишував во еден наш сајт дека пукаме во празно. Тоа мене ми зборува дека сѐ би било празно ако се потпираме и понатаму само на правото, па макар и да бараме повторување на процесот со Грција, без да бараме решенија во преговарањето.
Која е мојата оцена за последните реакции на Грција за неизговарањето на придавката од името. Да ти се поклони сѐ од договорот за името, како што гласи добитната позиција „ројал флеш“, со актите на ОБСЕ, од една страна и со занемарлив број преземени обврски, кои не ни мислиш да ги исполниш, значи крајно неодговорен и дрзок однос на оваа земја кон правдата и преземените обврски многу далеку од добрососедството. Примерот сосема јасно укажува дека за Грција не важат обврските од договорот од Нивици, туку само правата или нашите обврски.
Да завршам, иако нема да ставам точка на проблемот, со споменувањето на следната брана со многу вода. Ни следува решавањето на проблемот со Бугарија за нашиот влез во ЕУ. Не дека прифаќам, туку вистината е дека овој проблем е речиси сличен на преговарањето за името со Грција. И сега треба да преговараме за идентитетот. Ако со Грција идентитетот беше релациски утврден во членот 7 од договорот, сега следува негово дооформување. А како што нашите политичари не го знаат новиот концепт на преговарање, кој во суштина се потпира на добрососедските односи тогаш идентитетот може да биде и целосно променет. Досегашниот пристап на историската комисија за мене не е адекватен на потребата за одбрана на нашиот идентитет. Но за мене натамошните подготовки треба да бидат базирани на брејнстормингот, кој би го водел познавач на преговарањето во постојан договор со министерот. Историската комисија мора да настапува само по консултациите со преговарачот што ќе го води брејнстормингот, поради тоа што кој било друг нема знаење за наметнатиот концепт на преговарање.
Околу внесувањето на Бугарите во Уставот мора да се бара гаранција дека сѐ до нашиот влез во ЕУ нема да имаат никакви права што ќе ги бараат од нивна страна или условување со вето на секое ново отворено поглавје, освен ако тоа условување не се наоѓа во познатите критериуми. Ако тоа не се прифати, треба да се бара друго чаре, каде што ние нема да бидеме боксерска вреќа за тренинг на секое поглавје на спротивната страна. Затоа таа гаранција можеме самите да ја обезбедиме, на тој начин што ќе ги ставиме Бугарите во Уставот, но со повеќе додавки на нивниот идентитет, кои кај нас се познати. Тие додавки потоа ќе отпаѓаат по секое отворено ново поглавје, сѐ до нашиот прием во ЕУ.
М-р Ѓорѓи Трипков
Авторот е економист аналитичар, пензионер