Сум го кажал и напишал и ова, ама изгледа некои работи мора да се повторуваат. Образованието е приватна работа! Знаењето и вештините со кои ќе се стекнете во животот се личен избор. Сѐ што се прави со сила е осудено на неуспех, на антагонизми и комплекси што водат кон пропаст на тој што ја применува и на тој што ја прифаќа таа сила. Ако пак сте учител, наставник или професор на универзитет и со образование и знаење и вештини сте се стекнале со сила на закон, или заради силата на преживувањето, тогаш вие создавате катастрофа кај илјадници други луѓе на кои им ги пренесувате вашите лични фрустрации и им ги уништувате животите. Да потсетам ли на онаа идеја на Владимир Илич Ленин дека „му требаат само четири години да учи деца и семето што ќе го посее никогаш нема да биде искоренето“! Наследниците на идеологот на болшевизмот во Македонија речиси осумдесет години го сеат семето на Ленин насекаде, на секое место, па дури и на камена плоча. И ете сме, драги мои, на почетокот на сите проблеми. Во Македонија е посеано семе што има длабоки корени, кое многу тешко и со многу труд може да биде искорнато и фрлено на буништето на незнаењето.
Дали ни треба нов закон за високо образование? Да. Каков? Радикален. Во секоја смисла. Зошто? Едноставно е. Тие што го симнале високото образование на ова ниво, немале, немаат и нема да се стекнат со образование, знаење и вештини за да го променат и кренат квалитетот на она што како формално платена услуга се нарекува – пр(о)едавање на знаење. Оние што сега управуваат со современите текови на јавното образование во Македонија, од тоа што досега можев да го слушнам и видам, бараат да се намалат критериумите со кои наставниците треба да се оценуваат како компетентни и, секако, формално да се почитуваат законите што оневозможуваат ретроактивност. Значи, да дефинираме: сѐ што се предлага и дебатира, се однесува на оние што допрва сакаат да влезат во светот на високото образование во Македонија. И тука, според мене, е онаа „квака“ од филмот „Квака 22“. Да му се сневиди, па зошто мислите дека некој што има помалку образование, знаење и вештини од вас би ви овозможил вие да може да му конкурирате во светот на најголемиот интелектуален конформизам во Македонија – звањето редовен професор на државен универзитет? Не разбирам како и на кој начин со сила на закон или правила ќе натерате да се промени некој што во триесет години работа како наставник не разбрал дека процесот на образование на учителот е вечен и бескраен, дека предавањето значи да предаваш и да ти предадат знаење во исто време. Некој што не сака да прифати дека заради себе самиот мора постојано да се образова, да истражува, да анализира, да пишува, да се соочува со светот како конкуренција на неговиот ум тешко дека ќе се мотивира да ги промени другите и светот околу него. И на крајот, тој некој треба да се натера, со сила на закон, да се бори тоа негово знаење да предизвика образовен и научен интерес, односно да биде цитирано, дебатирано и применето од некој друг и накаде на друго место и со тоа да произведе пр(o)едавање на сопственото знаење!? Одговорив погоре. Сѐ што е со сила создава фрустрација.
Се повикувам на есенцијата на учителствувањето – знаењето поговорки, па ете: со сила не бидува убавина! Особено ако сето тоа вие треба да го направите со светот на образованието за убавото и возвишеното – уметностите. Се вртиме во круг? Така е. Како и во сѐ друго, не сакаме да разбереме дека оној што го создал проблемот не може да го реши, од причина што ако ги разбирал и согледувал последиците, немало да ги создаде ниту причините. Секако, останува да се повтори уште еднаш дека ако со истите луѓе ги правиш истите работи, големи се шансите да добиеш исти резултати!
И ете сме до антилогиката! Ете сме до невозможноста да се соочиме со фактот дека боледуваме од сериозна болест и дека лекувањето со добри намери нема да води кон здравје и живот. Ќе биде огромна пропуштена шанса ако дозволиме повторно медиокритети и конформисти да ги определуваат критериумите. Тој што се самосогласил со средна вредност да застане на место од кое ќе ги вреднува другите и нивните високи вредности, дури и да сака, дури и да се труди, тој себеси може да се надмине, како што кажува, повторно есенцијалната мудрост – само за една глава. А нам во овој момент ни се потребни луѓе што имаат потенцијал да се надминат за еден бој. Нам ни се потребни луѓе што имаат образование, знаење и вештини колку за двајца, споредени со себе самите. За жал, веќе ги правиме компромисите. Министерката Весна Јаневска, на која ѝ честитам на решителноста и упорноста да застане наспроти ова од Ленина посеано семе на општествена просечност, на крајот од овој процес ќе мора да седне на маса и да преговара. Тоа ми е совршено јасно. Предлогот идните докторанди да мора да објават најмалку три научни труда да се симне на два, според мене, е девалвација на идејата за тоа што во суштина значи да се биде – доктор, филозоф, даскал. Не сакам воопшто и да зборувам за критериумите што се бараат во однос на изборот на звања кај универзитетите и факултетите за уметности. Боже, живееме во време кога буквално секој ден се случуваат нови откритија во светот на применетите уметности. Пред нашите очи се раѓаат нови медиуми. Се создаваат сосема нови и досега непознати алатки за создавање филм, телевизија, театар, музика, слики, дизајн и објекти. Ние сме исправени пред прашања и предизвици што провоцираат секојдневни истражувања, анализи, споредби и експерименти во сите уметности. Живееме во време кога сѐ што сме знаеле за уметноста се менува од корен. Живееме во времето на Да Винчи, кога науката станува уметност – а уметноста наука. Денес, за да создадете уметност мора да познавате наука. Мора да применувате наука и научни достигнувања ако сакате да создадете уметничко дело. За жал, или за среќа, за кого како, денес без наука нема уметност. Денес се поставува прашањето дали човекот актер до крајот на оваа декада ќе постои како средиште на уметноста на екранот!? Во театарот се случуваат тектонски промени со примена на нова технологија, која допира холографија и ефекти што одамна го имаат избришано четвртиот ѕид, а публиката е претворена во творец, во автор, во уметник и консумент во исто време! Во уметноста на музиката анологните инструменти одамна се заменети со плагини. Се произведуваат жичени инструменти – без жици! Постои машина за совршено 3Д-обликување, па се поставува прашањето за вајарството како елементарна потреба! Вештачката интелигенција слика подобро од сите ренесансни и фламански мајстори заедно! И сето ова е во парадоксален антагонизам со феноменот на „постковиднo“ враќање на интересот на публиката кон сите форми на живи изведби во кои средиште на интересот е живиот човек – уметник и неговата интеракција со живите луѓе – публиката! Салоните се полни. Се консумира сѐ. Од стендап, преку кабаре, до театар, концерти, опера, балет, филхармонија и мултумедија. Каков избор!? Какви можности за работа, истражувања и пишување научни трудови на сите уметнички факултети?! Драги мои, идни докторанди, колеги, ако денеска треба со сила на закон да ве натераат да истражите и напишете 2, и словом ДВА, труда, одбијте го тоа! Не прифаќајте да ве симнат на нивното ниво на незнаење! Тој што ве советува на помалку труд и помалку знаење ве советува да знаете колку што тој некој – не знае!
А нели идејата на образованието е да се знае повеќе и подобро?! Да имам трошка помалку дневни обврски, ќе докторирам по втор и по трет пат. Не ми дава мир фактот дека живеам во време кога паралелно работам на пет медиуми – театар, филм, класична телевизија, платформи и мрежи! Ги живееме минатото, сегашноста и иднината. Ја живееме синкретиката во нејзината совршена форма. Шанса што се случува еднаш во циклус од неколку стотини години!
Драги мои, ова е време во кое само општества што можат да се борат и да ја победат сопствената просечност ќе опстанат и ќе се развиваат во времето пред нив. Ова е време во кое секој облик на релативизација, конформизам, медиокритетство и полтронство на крајот ќе ја доведе таа заедница до амбис што е толку длабок каде што паѓањето ќе биде без крај и без дно! И да, сите вие што се сомневате дека само затоа што сме знаеле сме преживеале и опстанеле, ете вие, на крајот од сѐ, ќе завршите точно на она место што природата ќе го определи како – ваше незнаење. Таа, мајката на образованието – природата, секогаш има најточен критериум, најдобро образование, најголеми знаења и најкорисни вештини.
Јани Бојаџи
Авторот е режисер и професор на универзитетот „Еуропа Прима“

































