Образованието е столбот на економијата, тоа значи дека нема економија во иднина без квалитетно образование денес, кое ќе обезбедува поголема продуктивност во работењето и зголемување на производството и квалитетот на производите, влијание на долгорочното планирање на развојот на бизнисот, новите инвестиции и на неговата извозна дејност и конкурентност на домашниот и на меѓународниот пазар
Клучот на квалитетното образование е инвестирањето во него, зашто тоа е инвестиција во човечки капитал со стручни вештини и компетенции неопходни за развој на економијата и исплатлив влог за иднината, а дуалниот модел на образование е обезбедување на човечкиот капитал со потребните вештини и компетенции.
Улогата на Стопанската комора на Македонија
Тргнувајќи од фактот за важната функција на образованието, чии последици можат да се почувствуваат во сите пори на општественото и економското живеење, значајна е улогата на Стопанската комора на Македонија како мост меѓу образованието и потребите на реалниот сектор во обезбедувањето стручен кадар. Стручен кадар значи подигање на продуктивноста во работењето и зголемување на ликвидноста на компаниите што придонесува за економски раст и развој, конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар и вмрежување со релевантни партнери. Но реалноста укажува дека реалниот сектор се соочува со недостиг од стручен кадар, и покрај високата стапка на невработеност. Согледувајќи ја реалноста, како што истакнуваат од комората, не мудрувавме, туку дејствувавме. Во рамките на своето функционирање, приоритетно беше прашањето за системски промени во образованието, нудеше предлог-мерки и решенија за подобрување на состојбите во образованието и преземаше низа активности, ќе истакне советничката за образование во кабинетот на претседателот на Стопанската комора и претседателка на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора на Македонија, м-р Наташа Јаневска.
На што укажуваше комората во изминативе години?
Прво, да се идентификува визијата на образованието, која ќе ги следи политиките за економски раст на земјата, и подготовка на стратегија со точна цел – каде ќе се движи образованието во наредните 10 години со прецизирање на улогите на сите чинители;
Второ, да се обезбеди стабилен и одржлив систем на финансирање и зголемување на јавните трошоци за образование – околу 5 отсто од БДП;
Трето, да се обезбеди функционално стручно образование и системски да се уреди дуалното образование со фокус на зајакнување на стручните и транверзалните вештини и креирање образовни програми за потребите на реалниот сектор;
Четврто, да се хармонизира законската регулатива во областа на образованието што ја ограничува флексибилноста на образованието;
Петто, да се измени уписната политика, која мора да ги следи потребите за квалификации на реалниот сектор и да се направи рационализација и соодветна реалокација на мрежата на стручни училишта;
Шесто, да се подигне нивото на квалитет при реализација на практичната обука на учениците во компаниите, која треба да биде синергија меѓу училиштето, ученикот, компаниите и коморите;
Седмо, да се воспостави систем за кариерно советување уште во основно образование за насочување на учениците кон образование според нивните можности, амбиции и талент.
Од предложените иницијативи на Стопанската комора на Македонија, системот за кариерно советување беше ставен во новиот Закон за основното образование; заеднички со образовните институции се работи на поттикнување на компаниите за прием на ученици за реализација на практична обука и подигање на квалитетот на практичната обука; интензивно се работи на новиот Закон за стручно образование и обука во кој системски ќе се уреди и дуалното образование, а стручното образование ќе го направи да биде пофункционално. Истовремено се хармонизираат законите од областа на образованието.

Што детектираше Стопанската комора во делот на дуалното образование
Ако пред неколку години дуалното образование беше процес на препознавање, денес со околу 600 вклучени компании во дуалниот модел на образование, дуалното образование стана реалност и потреба за компаниите, ќе истакне советничката за образование во кабинетот на претседателот на Стопанската комора и претседателка на Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуките при Стопанската комора на Македонија, м-р Наташа Јаневска, и ќе додаде дека:
Фактите и бројките од 2021 до 2025 година, говорат:
· Зголемен процент на запишани ученици во стручното образование и обука од 64 на 70 отсто од вкупниот број ученици.
· Воспоставен дијалог меѓу образовниот сектор и деловната заедница.
· Зголемен бројот на вклучени компании од 16 на 600.
· Зголемен бројот на средни стручни училишта од осум на 66.
· Зголемен бројот на дуални паралелки од 11 на 259.
· Зголемен бројот на опфатени квалификации од четири во два сектора на 78 квалификации во 14 сектори.
· Зголемен бројот на сертифицирани ментори за практична обука од 450 на 1.500.
· Зголемен бројот на верификувани компании за практична обука на ученици од 10 на 200.
(продолжува утре: Седумдесет отсто од учениците се дел од стручното образование и обука)
Автор: Ѓорѓи Илиевски
Авторот е виш просветен инспектор во пензија