Нулта точка на постчовечност

Постмодернизмот од модернизмот /во медиумите и виртуелниот бескрај/ се разликува според тоа што за него наместо епистемолошките прашања примарни стануваат онтолошките. Наместо „што можам да знам за светот“, сега прашањето е „кој е овој од световите“ и како во тој демократски капацитет и пандемониум скриен во мрежата сме подготвени за негово восприемање, детерминирање, доживување, живеење. И како да ги препознаеме, да ги разликуваме и да ги третираме световите и милијардите информации што секојдневно ни се нудат, ни се поттураат преку скокањето по каналите, со притискање на далечинскиот управувач, обред налик на транс, гледање и со секвенционално стопување на педесет различни светови, од што произлегува композитен видеодискурс, налик на мозаик во кој високите ги скратуваме, ниските ги издолжуваме, сѐ додека сите содржини, сите емисии, убиства, квизови, илјада и една разновидна содржина и радости, ужасни вистини и фантазии, не добијат еднаква тежина.
Во напорите за ослободување од прекумерната стварност што ни ја сервираат многубројните медиуми, АИ и многубројните технолошки иновации во вид на бескрајна, непрегледна секвенца од паралелни фикционални и алтернативни емпириски светови, со алатките за глобалната медиумска поддршка секојдневно се движиме, се снаоѓаме и се навикнуваме на тој медиумски вртеж со благ напор, но и сѐ поспокојно и без последици се претвораме во своевидна заедница „танатоиди“ – дигитализирани суштества насукани меѓу битието и небитието, кои во своите информациски тела ги преживуваат секојдневието, стварноста, па дури и сопствената смрт и исчезнувањето, осознавајќи ги единствено како метафизичка апсолутна граница и конечна онтолошка недофатност.
Денес кога постојано сѐ се менува и ништо нe е статично ниту стабилно, нашиот обзор сѐ повеќе наликува на зона на немапирани ментални територии, создадени како последица на немуштото однесување и неснаоѓање во услови на апсолутната медијализација на стварноста и дивиот, малку очекуван либерализам во медиумите. Од друга страна, пак, одвреме-навреме, на мигови се наѕираат симптоми во кои се чувствува зреењето на јавноста, која е претворена во зона каде што малку е видлива стварноста, која е плодна почва за никнување, растење и востановување кибермитови и лажни пророци. Во таквиот виртуелен хаос сѐ е во постојано движење, насочување и забрзување кон некоја нулта точка на постчовечност.
Наспроти првичните катастрофични предвидувања за зајакнување на тоталитаризмите од секој вид, многубројни се примерите каде што мали и анонимни субјекти прават силен пробив ползувајќи го „умно“ демократскиот потенцијал што е скриен во мрежата, се наметнуваат и ги реализираат своите планови, остварувајќи ги притоа своите соништа и претворајќи го виртуелниот занес во реална придобивка.
Сѐ повеќе во современото живеење наслушнуваме за извонредни поединци „од нашиот сокак“, најчесто во анализите и написите за т.н. одлив на мозоци, кој капирајќи го правовремено потенцијалот на новите информатички технологии и усвојувајќи ја како важен дел од сопствената визија вртоглаво пораснуваат и се верифицираат како релевантен креативен потенцијал и со своите успеси нѐ уверуваат дека за умните, вредни и амбициозни продолжетоци на нашата реалност постои извесна надеж.

Тој своевиден продолжен простор низ кој се движиме според нашите сопствени временски ритми е во некоја рака демократска придобивка и стварност, која по својот карактер иако претежно електронска, во нашите стеснети економски услови е вид психолошки баланс.
Оваа на изглед цинична мистификација, во суштина е добар показател за правците на општествено-политичкиот ангажман за развивање и демократизирање на овие суптилни сфери на нашата реалност на кои мора да ѝ се пријде со полна сериозност. Оставањето на овие деликатни задачи на транзициските и рецесиските ветрометини и корпорациските апетити на бизнис-елитите и политичкиот волунтаризам е рискантно и долгорочно гледано може да создаде трагичен дисконтинуитет и дезориентираност.
Што се однесува до прашањето на фундаментални промени во економијата и во глобалниот општествен поредок, сѐ поизвесна и поприфатлива е тезата /теориски аспект/ дека во постинформатичкото општество се можни утопиите од типот социјализам, социјална правда, комунизам, што во историскиот развиток првенствено имаа третман на економски поими, како резултат на силниот технолошки подем, при што се создадени услови за глобална понуда и распределба на информациски добра. Во услови на демократски амбиент индивидуата, без оглед дали припаѓа на мали или големи народи, добива еднаква информациска вредносна супстанција и еднаква шанса за сопствен квалитетен развој и надградба и понатаму за креативна и квалитетна репродукција и интеграција во светските економски текови.
….И додека скептиците во поглед на распределбата на информациските добра очекуваа почеток на нов тоталитарен надзор и груба, повторна експлоатација на економските и човечки ресурси, ентузијастите и оптимистите предвидуваат ризоматско поткопување на структурите на моќта и вистинско демократско глобално село на интернет.
Во иднина во подем, според предвидувањата, ќе бидат државите со најголеми човечки ресурси и со високоразвиени технологии, а не со суровини во вообичаената смисла на зборот.
…Постинформациските општества ќе бидат мултиетнички заедници што ќе се базираат врз високотехнолошки профитни економии во кои луѓето од најразлични меридијани ќе се движат слободно, носејќи со себе врзопи со високи информатички знаења… од збирката писанија ХИПЕРЖИВОТ…среќни празници…

Аљоша Симјановски