Новогодишни желби во културата

Од еден медиум бев прашан за моите новогодишни желби во културата – неколку реченици, ништо повеќе. Искрено, освен повторување на истите теми со кои веќе си здосадив и себеси, немав јасна идеја што да кажам. Но штом седнав пред празниот ворд-документ, неколкуте реченици прераснаа во цела страница, а страницата во колумна. Така настана оваа моја новогодишна резолуција во културата за 2026-та.
Веќе неколку години ги повторувам истите забелешки и никако да се случат суштински промени, па не знам колку е веројатно тоа да се случи во новата година. Но, сепак, да се обидеме.
Најпрвин, посакувам помалку политикантство, а повеќе култура во самата култура. Мора да прекине праксата културните институции да се доживуваат како политички плен за задоволување на клиентелистички или коалициски потреби на власта.
Дополнителен проблем е што раководствата на културните институции сè почесто функционираат исклучиво како административни продолжетоци на системот, а не како носители на културна визија. Наместо да бидат двигатели на програмски развој, тие се сведени на менаџери на статус кво состојбата, чија главна задача е да „не направат политички проблем“. Во таква поставеност, секоја посериозна уметничка или програмска амбиција однапред е осудена на компромис или автоцензура.
Таквиот клиентелизам во културата не функционира само преку директни притисоци или забрани. Таа непишана цензура е можеби и поопасна од отворената, бидејќи се интернализира. Кога цензурата се прифаќа како нормална состојба, самоограничувањето станува норма, а критичкото дејствување во културата, наместо конфликт и критика, станува комфор.
Второ, за да има култура, неопходни се и функционални институции. Тоа подразбира јасна комуникација меѓу надлежните и раководствата околу реалните потреби, поголеми буџети, нов и квалитетен кадар, неопходни вработувања, како и капитални инвестиции за реновирање, опрема и набавки.

Не знам дали забележувате, но приматот во културниот живот, наместо културните институции, кои во голем дел се нефункционални, без кадар, без опрема или физички распаднати, го преземаат шопинг-моловите, кафулињата и слични „алтернативни“ простори. Изложби, поетски читања и концерти се одржуваат помеѓу излози и ескалатори, што делумно е разбирливо, ако се земат предвид бирократизираноста и нефункционалноста на институциите. Ова можеби изгледа како знак на адаптибилност на културата, но всушност е показател за сериозен институционален вакуум. Кога културните институции не можат да ја извршуваат својата основна функција поради бирократизираност, нефункционалност или затвореност, културата е принудена да бара засолниште таму каде што има слободен простор, па макар тоа бил и трговски центар.
Да се разбереме: образованието и културата се темелот на секое општество. Не можете да градите зграда од вториот кат, исто како што не можете да градите општество без културнa наобразба, со елементарно неписмени политичари или институционален кадар што ги креира насоките по кои ќе функционираме и живееме.
Во тој контекст, не изненадува што културата најчесто се третира како трошок, а не како инвестиција. Таа е прва на удар при кратење на буџетите и последна на листата на приоритети. А притоа се заборава дека културата не е луксуз, туку јавна услуга и клучен дел од образовниот и општествениот екосистем. Општество што штеди на култура, всушност штеди на сопствената иднина, па затоа и ја нема.
Дополнително, културата сè повеќе се сведува на проектна логика без континуитет. Се финансираат настани, фестивали, но не и долгорочен развој на институциите, програмите и кадарот. Сè се мери по бројки, извештаи и фотографии за јавноста, додека суштинските прашања за квалитет, влијание и одржливост остануваат на маргините. Така културата станува потрошен материјал, а не процес.
Прашањето за публиката ми е посебна болка и бара подетална експликација, па ќе го оставам за некоја следна колумна. Но констатацијата дека интересот за културата опаѓа е факт. Публиката не исчезнала; таа е оттурната и е неедуцирана. Во услови кога институциите се затворени, нефункционални или програмски празни, публиката логично бара алтернативи. Наместо да се прашуваме зошто луѓето не доаѓаат во театрите, музеите и галериите, вистинското прашање е што медиумите и што ние, како институции, им нудиме.
Во пресрет на реализацијата на титулата европска престолнина на културата за Град Скопје, шансите барем дел од овие желби да се остварат се нешто поголеми од изминатите години. Но останува да видиме дали оваа шанса навистина ќе биде искористена или ќе се сведе на уште еден проект без суштински реформи. Ова е можност, но и тест да видиме дали културата конечно ќе се третира како јавен интерес и темел на општеството, или повторно ќе послужи како декор за политички маркетинг. Одговорот, како и секогаш, нема да биде во програмите, туку во тоа дали институциите навистина ќе почнат да функционираат.
Затоа, ако навистина сакаме промени, тие нема да дојдат само од еднократни титули и богати програми, туку од промена на начинот на кој институциите се однесуваат кон својата публика. Потребна е суштинска политичка и институционална храброст, да се прекине со партизацијата, да се инвестира во луѓе и да се врати автономијата на културата. Во спротивно, ќе продолжиме да се лажеме дека имаме културна политика, додека културата опстојува по маргините, во молови, кафулиња и привремени простори.

Тони димитров