Новогодишен поздрав до Европа

Еве да ја поздравам новогодишно и Европа, драг читателу, со поздрав што го заслужува, таква каква што е кон нас веќе едно цело столетие и нешто, почнувајќи со најновата македонска историска Голгота од 1913 наваму сè до Преспа 2018 и понатаму. Како да сме фрлени како ни еден друг европски народ во устата на оној ѕвер и во прегратката на онаа блудница од Откровението на апостол Јован во Новиот завет, како искушение над искушенијата пред да нè огреат во полн сјај божјата Правда и Вистина.
Поздравот сега до бриселска Европа е поетски. Никогаш не сум ни сонувал дека ќе пишувам за неа песни, префрлајќи го возот на мојата поезија од метафизички на ангажиран колосек. Но се случи и тоа по Преспа 2018. Во тие песни мотивирани директно од менталната болка, лична и колективна, на мојот род, од преспанската гробница во која нè закопа Европа, сега пеам, како што ќе видиш, драг читателу, како заклан славеј во беломугрото грло на Рацин чии Бели мугри и „силно светнатиот ден“ не ги дочекавме чекајќи ги со столетија, а кои постојано го отвораат како визија хоризонтот на вечноста во нашиот сон: Македонија вечна. Но да не должиме повеќе со Блудницата сега удобно сместена во палатите на Брисел. А, воопшто, Европа е планетарно позната по нејзините колонијалистички грабежи низ светот на сите четири страни. И Македонија не е поштедена од нив.
Но да не должиме. Почнуваме со поетскиот поздрав до Европа на еден проколнатички поет и племе, кои меѓутоа не се отфрлени од Господ и чие време над времињата допрва доаѓа, како што го испланира тоа Создателот уште тогаш кога го испрати во Македонија неговиот најревносен апостол Павле. Иако сега по преспанската гробница Грците „лицем светци срцем волци“ (Прличев) со кражбата на Името мислат дека е пратен кај нив. А така мисли и Европа. Ама Светото писмо непоткупливо сведочи, оти Павле во своето послание до Ахајците (така ги вика Грците) им советува „небогољубиви“ да се угледаат на „богољубивите Македонци“, кои тој толку многу ги засакал што, како што вели, сака да се пофали со нивната христолика душа и пред Господа. Тоа. Почнуваме, со мало објаснување. Со големи букви се означени насловите на песните. Коса танките што ги изучував јас по предметот краснопис, небаре божји честички, се меѓата меѓу еден и друг стих, а двете коса тенки, разбирливо, се меѓу строфите и една и друга песна.

Одиме.

ЕВРОПА // Тоа е за нас Европа, / нож гладен за смрт, / а ние сме живот, / иако создаден од рани, / само живот / и од смртта дури што се / обновува и храни // Затоа е во паника и збрка / ороспијата од Брисел / и постојано го води на кланица // нашето златно стадо, / ама и по колежот, кој / сака да стави точка на родот наш, / не е во кусок тоа, / и пак е цело во светиот број. //
БРИСЕЛ. ЦИВИЛИЗАЦИЈА // Без наша согласност иако ништо / не нè боли, освен душата за која / од Фауст наваму и ништо не знаат, / тие нè носат во операциона сала / и нè скенираат до последен квант / со нивниот нацифаши рендген, / ама за нивна жал не откриваат болест, / поздраво е и од вечноста нашето Име. // Сеедно. Нивниот хируршки нож / е нестрплив и гладен за смрт, / за нашиот од живот пожив организам. / затоа за да го задоволат неговиот / волчешки апетит хирурзите од Брисел / во недостиг од болест одлучуваат / да го оперираат без анестезија / нашето здравје, за што употребуваат / најостро сечило / измислено некогаш од нив. // Донесуваат одлука да отворат рана / на здраво место во нашето срце тие / и во нашата свадбарска песна, / магиска формула посилна и од онаа / на Ајнштајн за енергијата, материјата / и светлината, оти само со неа може да се излекува карциномот на Европа / и на нејзините хирурзи што ги оперираа / со ножот на смртта Маите, Инките и Ацтеките.

РАНАТА ПРЕСПА // Катастрофа голема е тоа сега / до врв со есхатолошки слики полна, / и галички вез од рани е сега светот. / Наопаку тие саатот на вселената го навија / да го мери и отчукува времето на смртта, / варварите од Европа кои во гробница / во Преспа народот мој го ставија. // Ама и кога го погребуваа него, / како венчален празник пред олтар да е тоа, / толку се храбри македонските љубовници / смртта за живот ја разменуваа во бакнежот, / огнени елипси, и го зачуваа / новото поколение од иднината што иде, / а херувимот испратен од Господ лично / да направи запис за колежот се чуди / и мрмори: „Само што легнало во смртта тоа мартирско племе, а веќе со оро / и со песна во постелата свадбарска се буди. //

ДО КОГА // До кога, нејзини слуги / ќе ја храните со нас / смртта вие, самите смрт, / сакаме да знаеме ние? //

МАКЕДОНСКА КВАНТНА ФИЗИКА // Со чеканот на историјата / е разбиена карпата на вечноста, / нашето теме на кванти, / светиот жртвеник околу кој, саноќ пеат темни песни варварите, / а секој квант е ранет ангел, / и полни се црквите наши со престолни / ружи и младоженци пред олтарите. //

ЈА ДОВЕДЕ ПАВЛЕ // Ја доведе Павле / Невестата Христова / Црквата во Македонија. / Тука доби олтар таа / и златен прстен, / престолни икони / со позлата што сјаат. // Тоа е вистината свадбарска. / Потоа откако се засводи / тука со радосната вест / од невремето под стреа, / и за Европа замина таа, / ама таму во бордел ја ставија / и ја обесветија неа. //

ФУСТАНОТ НА ЕВРОПА // Тој фустан толку фален од Европа / на слободата и демократијата, / во кусок на квалитетен штоф / се распаднал и ја разгологазил, / ѝ ја открил космичката вагина, / сингуларитетот на цивилизацијата / што голта цели соѕвездија / од племиња и народи. / Меѓу нив и Македонците од дамнина / што ѝ се мора и несоница во сонот, / ама не за нив, туку за неа, / праведно го смислил Господ тоа, / се ткае сега мртовечки покров / и бие на смртта црното ѕвоно. //

ЧАС ПО ЦРТАЊЕ // Како да го нацртам / крилото столчено на птицата, / прашуваш збунет тоа. / Нацртај го со каменот / што го фрли на неа, / како што го нацрта со него / гробот на Авел Каин. // А како да ја нацрташ / смртта на родот мој во Преспа, / прашуваш уште ти. / Нацртај ја со ножот на Ирод / што ги закла витлеемските деца / и што го држи во својата / крвничка рака Европа сега. // нацртај ја, само внимавај / да го заобиколи сечилото / срцето на родот во кој е / смртно заљубен европскиот нож / а веќе нема за убод место таму. / Нема, оти е толку многу, како густа сребрена икра / во Млечниот пат што грее, / навезено со бодежи / и е со длабоки рани тоа, / а сè уште чука свадбарски и пее. //

КАКО ВИТЛЕЕМСКИТЕ ДЕЦА // Како витлеемските деца / се сега Македонците под ножот / на новиот Ирод од Брисел. / Повторно, до врвот полни со смрт, / го бараат меѓу нас / да го убијат Спасителот тие. // Тие, крвници исплашени од откровението / што излета од утробата на Марија, / која со Богомладенецот во прегратка / наместо кон Египет / се упатува кон Македонија сега. // И бијат за добредојде, / камбаните во македонските цркви ѕвонат, / и светците на малтерот се будат, / додека варварите од запад / до гуша во смрт и злосторство тонат. // Тонат оти не за нив, накази страшни, / е ова откровение чест, / и оти во Македонија од Витлеем / и за Македонците низ светска ноќ / патува сега Радосната вест.

СЛОБОДА ИЛИ СМРТ // Слобода или смрт / пеат кај нас електроните / во атомите во кои блеска, / наспроти ентропијата, / формулата на Ајнштајн // Песната моќна на Македонците / од која веднат глава дрвјата / и трепери во Брисел ороспијата. //

ВИСТИНАТА // И подземи во смртта, / по она што се случи во Преспа / и погромот што нè снајде нас, / ќе ми остане устата подзината / да ја говори на сет глас / за колежот на Македонците / и за фашизмот на Европа вистината. //

НА ПАТ КОН ЕВРОПА // На секој чекор, на секој свијок / на патот проклет кон Европа / нè чека смртта гладна за смрт, / облечена во фустанот на демократијата / со фракот на Мефистофел / и чизмите на Фауст. // На секој чекор, на секој свијок / тотеми потемни од гроб / со пресечената глава на Светецот / за добредојде нè пречекуваат, / а потоа од секој рид голгота за нас / прават и со клинците на цивилизацијата / како Исус на крст нè распнуваат. //

ЕВРОПСКИ СПЕЦИЈАЛИСТИ // Специјалисти се тие. / Со три прсти само / ти го вадат срцето / и лакомо го јадат. И добитокот невин само затоа / што го виде рождеството / на Богомладенецот тогаш / ја искуси нивната уметност, / и витлеемските деца / заклани во касапницата на Ирод, / Европа, цивилизација што се вика. / Уметноста која таа / на цели народи ја вежба. / Македонците добро, / може и најдобро го знаат тоа.

МОЈОТ НАРОД // Мојот народ катаден го убиваат / и му ја гаснат искрата на здивот, / ама тој одамна знае дека смртта не е смрт, оти ја научил науката на Исус / како од неа да твори живот. // Сè уште којзнае до кога, / го изведуваат на Голгота, / сè уште му го копаат гробот, / ама како амбар до врвот тој е полн / со електроните на воскресението. / Не го знаат неговите убијци тоа, / ни дека раната негова / расте и цвета Дрвото на спасението. // СРЦЕ // Го слушам сè уште, во седумосмински такт / свадбарски отчукува „Слобода или смрт“ / срцето на мојот народ, / рана Исусова со толку многу убоди / што нема место за нов бодеж, додека удира во брегот / морето на жалта и гладна за смрт / завива глутницата на Европа / со секачите волчешки околу него. //

РАНАТА НА ИСУС // Раната на Исус венчално злато, / проклета или блажена за нас? / Прашање екстремно важно / додека вселената ја аби молецот / на ентропијата во овој небичас. // Рана од која квасецот што пушта крило / го крева за Новата тајна вечера лебот, и отецот, како што рече Синот, / со Македонија во центарот, / создава Нова земја и небо.//

ВИЕ ОД ЕВРОПА // Вие, трговци вешти од Европа, / и денес го разменувате Исус за бараба, / а потоа без грижа на совеста / се враќате спокојно дома / и со пешкирот на Пилат / ги бришете валканите раце, / пред да му ги заковате на Спасителот, / во униформата на римските војници, / клинците во дланките на крстот. // Потоа од Голгота пак се враќате дома, и легнувате во постелата на вавилонската / блудница, лишени од срам и грев, / а наутро од устата на Јуда / како нафора го разнесувате / меѓу народите бакнежот на Исус. / И меѓу Македонците го раздавате / за Исусов тој јудински бакнеж. / И во Преспа, пред да ги усмртите нив, / од Брисел во златна чинија го донесовте / него со пресечената глава на Крстителот, / да го одиграте во делириум / танцот крвав на Саломе, / ама Македонците видоа како с’ска / со отров змијата во него што се крие.

Толку. Доволно ѝ е како новогодишна честитка-поезија на Бриселска Европа, таа што е темната слика на оваа цивилизација, за разлика од светлата, духовната на Шекспир, Бајрон, Њутн, Волтер, Иго, Декарт, Паскал, Кант, Гете, Хелдерлин, Шилер, Пламк, Ајнштајн, Цвајг, Фројд и многу други фрлени од господ во неа за да ја просветлат и да го кренат својот глас против нејзиното варварство на кое до денес не му е ставено крај и кое и ние којзнае колку пати сме го искусиле, посебно и сега со нејзиниот идентитетски геноцид кон нас кој уште трае и е во тек, додека ние глупаво се држиме до глупавата филозофија на безалтернативност, иако, како што ни откри Исус, дури и мртвите имаат алтернатива – воскресението, а пред него селењето на душата. А тоа од своја страна, драг читателу, значи дека мртвите, нашите предци и прапредци, се помудри и постамени од нас, гнило поколение, кои им ги предаваме сосе гробовите на нашите канибалистички соседи, а со геноциден притисок и амин на вавилонската ороспија сега со седиште во Брисел. Таа го игра сега, како Саломе на гозбата на Ирод со главата на Крстителот, танцот со пресечената идентитетска глава на Македонците. А ние во несоница и мора само вториме и вториме: Боже како да се преболи таа болка.