За иницијативата на координативното тело составено од универзитетски професори од повеќе научни области во врска со возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид (3)
Денеска го објавуваме третото продолжение со ставовите на Ѓорѓи Илиевски, наш колумнист, виш просветен инспектор во пензија, во врска со иницијативата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет во Охрид, иницирана од предлагачите и од координативното тело составено од универзитетски професори од повеќе научни области, а потоа развиена во елаборат подготвен во согласност со законски поставените нормативи и стандарди
Во согласност со овој модел возобновениот Светиклиментов универзитет ќе вклучува:
1.Факултет за информатички науки технологии – трансформиран од Универзитетот „Свети Апостол Павле“, со следниве (постојни) студиски програми:
1.1 Компјутерски науки и инженерство;
1.2 Комуникациски мрежи и безбедност;
1.3 Машинска интелигенција и роботика;
1.4 Информациони системи, визуализација, мултимедија и анимација;
1.5 Информациони теории и анализи;
Замислата е универзитетот за информациски технологии и науки да се трансформира/претвори во единица на Светиклиментовиот универзитет. Досегашните факултети на универзитетот ќе станат студиски програми и ќе се задржи целокупниот наставен и студентски кадар;
2. Факултет за македонски јазик и книжевност – програми каде што покрај македонскиот ќе се изучуваат: старомакедонски, старогрчки, латински и хебрејски јазик, заради потребите на Факултет за историски науки за студиските програми: археологија, архивистика, етнологија и историја;
3. Факултет за историски науки со студиски програми: археологија, архивистика, етнологија и историја;
4. Факултет за применети уметности (ликовна уметност и мултимедија);
5. Факултет за економски науки, претприемаштво и туризам – за овој факултет се предвидува да биде трансформиран од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и припојување на Одделението за економски науки од Струга; Во рамките на овој факултет би се изучувале следните студиски програми: меѓународна економија, финансиски менаџмент, дигитален маркетинг, проект-менаџмент, туризам, банкарски менаџмент и претприемаштво, сметководство и ревизија и др.;
6. Факултет за правни и безбедносни науки – се предвидува да биде припоен од Факултетот за правни науки од Кичево со задржување на постојното седиште и одделението во Струга; Во рамките на овој факултет би се изучувале правни и безбедносни науки, како и програмата за безбедност и финансиска контрола;
7. Хидробиолошкиот институт со студиските програми ќе прерасне во Факултет за заштита на животната средина, со следните насоки: лимнологија, хидрологија, биохидрологија, биолошки инженеринг, екологија, еколошки инженеринг, педологија и метрологија;
8. Филмската академија – од институтот за филм, кој беше отворен во соработка со ФАМУ од Прага, Р Чешка, ќе прерасне во Факултет за визуелни уметности (филм, фотографија, режија, сценарио, монтажа на звук и слика, дигитална уметност и продукција);
9. Факултет за медицински науки, кој ќе ги користи Општата болница во Охрид и Струга, Коснозглобната болница „Св. Еразмо“ – Охрид, Кардиолошкиот центар – Охрид, Центарот за нефрологија – Струга и просториите на детската болница и детското одморалиште во Охрид, кои би прераснале во Клинички центар – Охрид;
10. Факултет за комуникологија и комуникациска технологија;
11. Теолошки факултет – во договор со МПЦ;
12. Институт за стратешки истражувања;
13. Институт за „одличност“ – развој на надарените ученици и студенти;
14. Институт за нови (нано)технологии – нанотехнологии, бионика, фотоника и биоинженеринг;
15. Центар за кариера – студентски сервис за кариерен развој, заради овозможување постојани врски меѓу студентите и деловната заедница, подобрување на пристапот до пазарот на трудот, насочување на студентите во процесот на вработување и олеснување на пристапот до работните места;
16. Универзитетска библиотека – создавањето национален фонд на литературата во високото образование е запоставен. Моменталната состојба е дека студентите немаат доволно соодветна литература од сите полиња, области, подрачја. Издавачката дејност на постојните универзитети/факултети е различна и зависи од финансиските можности на универзитетот/факултетот. Литературата во високото образование често има ограничена читателска публика и оттука не е атрактивна за комерцијалните издавачи. Затоа, во рамките на Светиклиментовиот универзитет ќе биде отворена и нова современа библиотека, која ќе им овозможи бесплатен пристап на наставниците и студентите до современа стручна и поширока литература, мултимедијални содржини, странски стручни списанија, интернет итн. до кои ќе може да имаат пристап и сите заинтересирани жители и туристи на градот Охрид што ќе бидат заинтересирани да го надградат и прошират своето знаење.
Факултетите и насоките ќе се допрецизираат, со тоа и иницијативата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет ќе претрпи измени и дополнувања.
Инфраструктура
Светиклиментовиот универзитет ќе ги користи просториите и инфраструктурата на: постојниот Универзитет за информатички науки и технологии „Св.Апостол Павле“ во Охрид со неговите факултети, Факултетот за туризам и угостителство во Охрид и Одделението за економски науки од Струга, Факултетот за правни науки во Кичево со постојното седиште и одделението во Струга, студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, спортско-рекреативниот центар „Билјанини Извори“, постојни центри од средните и основните училишта за одржување клиничка настава и други простории во сопственост на Република Македонија и Општина Охрид. Во рамките на касарната во Охрид веќе има адаптиран простор, кој е комплетно уреден и може веднаш да се стави на располагање на новиот универзитет. Во согласност со донесениот ДУП на делот од касарната е предвидена и изградба на спортска сала, која дополнително ќе придонесе за атрактивноста на самиот универзитетски кампус. Новоизградените објекти на Плаошник исто така ќе бидат атрактивен простор што универзитетот ќе го користи.
Местоположбата на Охрид, а со тоа и на Светиклиментовиот универзитет, големиот број угостителски објекти, приватни капацитети за сместување, аеродромот „Свети Апостол Павле“ и други ќе бидат во функција на одржливиот развој и организирањето квалитетна настава и пракса. Со развивање на идејата за возобновување на Светиклиментовиот универзитет ќе се разбуди духот на стариот дел од градот Охрид, градот Охрид и околните места.
Поради споменатите карактеристики на Охрид секоја година универзитетот ќе организира меѓународни конференции, форуми, семинари, работилници, практични обуки, дебати, летни школи, истражувања, ископувања, размена на студенти, кои активности ќе значат и поддршка за развој на туризмот во градот Охрид и околината во текот на целата година, што индиректно ќе придонесе за поголем економски развој во целиот Југозападен Регион. Овој континуитет ќе се дополни со давање одредени бенефиции доколку учесниците во образовниот процес по разни основи во текот на летото сакаат да летуваат во Охрид. На тој начин ќе се воспостави организиран систем на посета, а градот ќе живее речиси во текот на целата година. Во оваа насока треба да се користи и студентскиот дом во Охрид „Никола Карев“, кој ќе биде во функција на универзитетот, каде што покрај студентите ќе престојува и наставно-научен кадар вклучен во наставата на универзитетот од други градови и држави.
Како придружни активности на универзитетскиот систем заради подигнување на универзитетско ниво да се вклопат и летно–зимските школи водени од државни институции што веќе егзистираат во Охрид и регионот. Како најважни тука би ги спомнале: Летната школа за млади лидери под покровителство на поранешниот претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, за која на новиот универзитет би се нашла можност да продолжи да опстојува како еден многу успешен проект, летна школа за претприемаштво, вклучување на сите академии на науките и уметностите од целиот свет, летна општословенска научна истражувачка школа и други.
Новиот универзитет ќе значи нов економски и духовен развој за градот Охрид и негова меѓународна промоција не само како град на УНЕСКО, но и како град во кој бил основан најстариот универзитет во Европа. Сериозно економски ќе влијае врз состојбата во градот, а ќе предизвика и движење на нови луѓе, нешто што навистина недостига во Охрид по завршувањето на туристичката сезона.
НА ПОТЕГ Е ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
Благословот на Свети Климент и љубовта негова нека бидат со нас.
Ѓорѓи Илиевски
(Крај)