Новиот постмодерен херој на дигиталната цивилизација Асанж (по класичните: Спартак, Сандански и Че Гевара)

Записи во несоница

Како што знаеш, драг читателу, никогаш не сум брз за актуелните дневнични теми, покрај другото и затоа што некои, како што е и темата на нашата денешна колумна, имаат продолжена метафизичка димензија. Јас сега ќе изнесам некои свои размисли за постмодерниот феномен Асанж, надоврзувајќи се на одличната колумна за него на Христо Ивановски (Н.М. 27 јуни). Првин со насловот, а потоа и со поднасловот на мојот текст е повлечена остра линија меѓу Асанж како постмодерен херој и херојот на класичната преддигитална класична епоха за чии архетипови ги земам уште од античкиот период наваму: Спартак, Сандански и Че Гевара. Тие се хероите, урнеци за Побунетиот роб на Микеланџело, заговорници за пролетерската револуција за ослободување на човекот од ропството на робовладетелите. Спартак се бореше против Римската Империја за идеалот на Слободата и Правдата, Сандански против Отоманската, а Че Гевара против модерната империја на капиталот. На тројцата нив им беше водилка девизата на Сандански: „Робот се бори за слобода, а кога ќе се ослободи за совршенство“.

Сите тие, тројцата, според самата симболошка семантика на поимот херој, во основа имаат планетарна димензија. Посебно таков и де факто беше примерот со Че Гевара, кој беше и остана последниот голем планетарен креатор на светската револуција на пролетаријатот на која работеше. Револуционер, кој слично на нашиот Рацин, ја имаше визијата за „белите мугри“ и „силно светнатиот ден“ што ќе го огреат човештвото заробено од либералкапиталистичкиот ѕвер на капиталот. Златното теле околу кое како негова претслика играа и Евреите по излегувањето од Египет, додека Мојсеј ги снесуваше низ Синај камените плочи со божјите закони. Но тоа не се случи. Американските волци на ЦИА што се грижат за тоа Теле го гонеа Че како ѕвер сè додека не го ликвидираа во боливиските шуми во шеесеттите години од минатиот век.

Тоа убиство јас и мојата генерација, тогаш во цветот на младоста, го доживеавме како психолошки потрес и претчувство дека конечно во светот се уриваат границите на хуманоста. А наскоро паднавме во разочарување и апатија од кои до денес не излеговме на свеж воздух. Човештвото конечно го поклопи моќната рака на капиталот на западната либералкапиталистичка империја, целосно корпоративна и експлоататорска кон малите, сиромашни и понижени народи, par excellence дарвинистичка во својот менталитет. Одвреме-навреме ќе се појавеше некој бунт, како она со Волстрит во Америка или Жолтите елеци во Франција, но ентузијазмот и револуционерниот елен-витал бргу спласнуваа. Полициските кербери на богатите и капиталот бргу им ставаа крај на таквите ситуации.

Да. Па сепак и во таквото стушено и подмолно заканувачко време на безличност и психолошка агонија во еден определен можеби и од Господ момент ќе изникне неуништливиот херој од ѓубриштето на цивилизацијата. Така, имено, се случи сега, кога моќната ЦИА мислеше дека го обезбедила трајно спокојот на богатите и капиталот на моќната колонијалистичка Империја да владее со светот, еве се појави по Спартак, Сандански и Че Гевара новиот постмодерен херој Џулијан Асанж. Неговата појава со значење на цивилизациско откровение ги подгреа илузиите на угнетените, понижените и навредените дека нешто ќе се смени на подобро во човештвото. А во што беше подвигот на бескомпромисниот Австралиец, борец за Вистината, која не му е многу мила на либералкапитализмот со колонијалистички нарав и лажна демократија? Во тоа што тој не зеде пушка, туку ја пушти низ светот како страшна поплава во оптек Вистината криена во илјадници тајни документи на ЦИА и Стејт департментот до кои дојде. Ја пушти низ неговиот веќе историски славен „Викиликс“ за да се запознае светот со сите валкани дејствија на Америка, со целата нејзина пропагандна машинерија за инсталирање на „демократијата“ низ него, а со крајна цел за негово материјално ограбување и вазалско потчинување на Империјата. И објавувањето на тие подземни документи на „Викиликс“, драг читателу, претставуваше вистински болен потрес за Америка, но воопшто и за целата западна либералкапиталистичка цивилизација од Вашингтон до Брисел. Асанж му ја претстави на човештвото од крај на крај на планетата дарвинистичката слика на новото ропство и лажната демократија. Македонија, како што знаеш, драг читателу, најсурово ја искуси таа лага, која покрај другото му донесе и идентитетска смрт (Преспа 2018). Со храбриот чин Асанж не само што го напукна лажното огледало во кое се огледува либералкапиталистичкото лице на Западната империја, туку целото го испокрши на парчиња од кои по него тоа никогаш повеќе не ќе може да се состави. Тоа не би можел да го направи со својата тоталитарна експертиза дури ни Орвел. Асанж така ја разби и фингираната, веројатно, од центарот на Империјата илузија, или поарно лага, за крајот на историјата на Фукујама во неговата ексклузивна книга со хипотезата дека конечно либералната западна демократија ќе ја реши еднаш засекогаш енигмата на човековите историски страдања.

Со еден збор, ништо како Асанж не беше револуционерно во постмодерната епоха на Западната колонијалистичка цивилизација по Хирошима и Нагасаки. Тој фактички во име на Вистината го употреби новото смртоносно за либералкапитализмот постмодерно оружје на технолошката цивилизација со разорен дигитален полнеж интернетот што го собра светот во само едно мало микросело (Маклуан), за да направи Хирошима од нејзината лажна слика на демократијата и либералниот антихуманизам.
|По Че Гевара, Асанж е првиот јунак со постмодерен, според начинот и оружјето, печат, кој излезе лице в лице на мегдан со целата Империја на капиталот и колонијализмот и нејзиниот страшен левијатан НАТО што ги брани по цена и на страдање на цели невини народи нејзиниот капитал и „демократија“ со кои таа војува против преостанатиот свет.

И тој покажа дека и таа, која се мисли себеси за недопирлива, е ранлива безмалку смртно и ставена во болнички кревет. Нешто по него на ист начин се појави и Сноуден за да ја доразобличи сликата на Империјата во морален распад. Но тој навреме се извлече од канџите на ЦИА и избра посреќна дестинација за спас ‒ Русија. За разлика од него, Асанж ја одбра амбасадата на Еквадор во Лондон, кој е како што вели Черчил во своите Мемоари мозокот, а Америка мускулите на новата светска Империја по Втората светска војна. На крајот и се покажа несигурна екстериторијалната безбедност на Асанж во неа. Под силниот англоамерикански притисок Еквадор попушти и тој беше екстрадиран и конечно зграпчен од канџите на Империјата по 12 години мартирски азил. Така и се најде пред нејзиниот Страшен суд со сите севозможни империјални инквизициски справи за мачење од физички и психолошки карактер. Веројатно тука некаде меѓу нив стрчеше и познатиот електричен стол со кој се извршуваше едно време смртната казна во Америка. Во секој случај денес тој е жив макар и како метафора, една од најекспресивните, на либералкапиталистичката цивилизација. Електричниот стол на смртта, кој го злоупотреби најблескавиот пронајдок на Тесла струјата што ја крена, заедно и со другите негови изуми, на ента степен американската индустриска револуција. Да, ама како што гледаме Американците, а и целиот западен либералкапиталистички свет, знае таквите и сличните божествени изуми да ги користи не само за живот туку и за смрт. Но во случајот на Асанж сега беше применет методот на претсмртна психолошка тортура, кога агентите на ЦИА го префрлија него од Лондон во Вашингтон. Таа тортура траеше три години во американскиот затвор за конечно на крајот неодамна да биде ослободен на за сите необичен начин: во договор со правосудните органи со признавање на вината окарактеризирана како велепредавство на американските интереси и безбедносни тајни. Со еден збор требаше да биде понижен, а судот на либералкапиталистичката „демократија“ да се претстави во овој случај во врвно хуманистичко светло на системот, кој, и според Фукујама, ќе доведе до крајот на историјата, поимот што ја симболизира несреќата на човештвото. Воленс/ноленс Асанж, планетарниот постмодерен јунак на дигиталната технолошка цивилизација се сложи на тоа за да го избегне месарскиот нож со кој беше убиен Јозеф К. на Кафка во каменоломот во близината на судницата низ чии бескрајни лавиринти го влечеа невин.

А можеше ли сепак Асанж докрај да ја издржи либералната цивилизациска тортура за да го прими, конечно канонизиран, венецот на херој и светец. Конечно и да го одбегне месарскиот нож на смртта на „хуманата“ либералкапиталистичка цивилизација? Прашање екстремно есенцијално и важно во рамките на метафизиката на модерниот либерален филозофски концепт што го практикува на перверзен начин таа. Прашање за кое, за да се објасни филозофски, се потребни можеби и неколку дебели томови, ама и кое, парадоксално, може да се одговори и со само една или со неколку куси реченици. Имено, по Спартак, Сандански и Че Гевара, кои покажаа невидено херојство, новиот постмодерен херој на Цивилизацијата и покрај сето негово херојство треба да заврши десакрализиран и понижен, да му се одземе венецот на мартир и херој. Тоа и беше всушност стратегијата со Асанж со договорот меѓу џелатот, „хуманата“ фигура на тивко крвожедниот либералкапитализам и жртвата. Јас така мислам, драг читателу. А ти? А со тоа беше пратена од западниот систем глобална порака и дека времето на херојот и херојството конечно е завршено. Во новата епоха на Златното теле на капиталот нема место за нив. И тоа е, драг читателу, најтажната планетарна вест за човештвото примена од неа, која ги радува само идиотите со кои е штедро богата и Македонија, почнувајќи од оној од Муртино и оној негов министер што ја потпиша нашата идентитетска смрт наваму.

Веќе сме на крајот од нашите, за жал, депресивни размисли, драг читателу. Но, да не бидеме неправедни, останува во нашата анализа за херојството и херојот во кукавичката епоха на капиталот и една важна, не помалку херојска личност од Асанж, кој, за жал, ја игра (можеби и праведно) највеличествената улога на незнајниот јунак, за кого, како што вели Рождественски во песната „Оловното војниче“ за која го доби Златниот венец на СВП, иако мало непознато човече со зината уста кога загинува во војната не може да се најде доволно мермер за да се изваја во полн раст неговата величествена скулптура. Да. И тој сега јунак во сенка е простодушниот американски маринец Менинг, кој всушност му ги даде компромитирачките за Империјата материјали на Асанж што ги објави нив на екранот на светското интернет-село. Па така и тој беше во иста, дури и во поголема опасност од керберите на ЦИА, чувари на подземниот валкан свет на Империјата. Но тој, екстраинтелигентен, се покажа како генијален симулакрум (Бодријар), кој ја впи во себе целата цивилизациска перверзија за да излезе на површина од нејзините лајна обновен и чист, иако на некој начин пак перверзно како ново битие во кое, јунговски речено, анимусот е трансформиран во анима: Данте во Беатриче. Пред вратите на пеколот на кои пишува „Оставете секаква надеж“. Веќе сфаќаш, драг читателу: тој за да ја избегне физичката и психолошка тортура, до перверзија интелигентен, одбра да ја искористи за сопствен спас, а со тоа и да ѝ удри шлаканица на аморалната либерална цивилизација, нејзината трансродова филозофија на хуманизам и демократија. Таа што е поаморална, и од библискиот Содом во кој праведникот Лот за да ги спаси своите небесни гости ангелите, да не бидат силувани од Содомци, им ги понудува за блуд своите две прекрасни ќерки, дијаманти од прстенот на раката на Господ. Тоа. Но во денешниот Содом на либералната Империја на капиталот, драг читателу, како што знаеш, се силуваат заедно со ќерките на Лот и ангелите. Нема граница. Сè е, како што вели Ниче, отаде границата на моралот и законот, или Бог, како што мисли мојот руски пријател Достоевски. Имено, да не должиме, Менинг ингениозно ја искористи ситуацијата на постродовата филозофија на перверзната трансродова либерална Империја, па за да се спаси го промени полот од господин Менинг стана госпоѓа Челзи. И ајде нека му се фатат сега агентите на ЦИА за опашката. Брилијантна слика за мртовечкиот хаос на цивилизацијата, морален и секаков. Цивилизацијата, која ја уби всушност и сликата на хаосот како жива космичка енергија како што го сфаќаат него Хокинг и Ајнштајн. De profundis, nocturno, memento mori. Секоја чест, госпоѓо Челзи!

И уште ова на крајот, драг читателу. Не само Асанж, Сноуден и Менинг туку ЦИА го гонеше како ѕвер по Морфи, Аљехин и Таљ најголемиот шаховски гениј на сите времиња Боби Фишер затоа што наравно затаил некој ситен данок на корпоративната држава, па да се спаси тој побара азил во Јапонија, која ги издржа американските атомски бомби на Хирошима и Нагасаки, кои де факто беа сигнал дека по Хитлер веднаш почнува новиот фашизам облечен во фалшивиот фустан на божемната демократија. Но што се случи со Боби Фишер, кој играше и во Скопје? Своето упокоение тој на крајот не го најде во родната Америка, туку во Исланд, во Рејкјавик. Со тоа Америка изгуби еден драгоцен гроб, нешто, по далечна аналогија, слично со Фиренца, која го загуби гробот на Данте во Џенова по неговото прогонство, а Џенова исправно не сака да го врати него назад во родниот град на поетот.

И најпосле поентата од сè кажано напред, драг читателу, со главниот лик на приказната на оваа колумна новиот постмодерен херој Џулијан Асанж, чие убиство имаше исто така постмодерен перверзен печат. За разлика од Че Гевара со вистински, тој беше убиен со куршумот на понижението, натеран спогодбено да ја признае вината, која не е ништо друго туку чин на херојство. Во секој случај и со тоа либералкапиталистичката корпоративна цивилизација се обиде да им стави точка на Херојот и Херојството и ги исфрли нив целосно од сцената на историјата како непотребни и за неа опасни нешта. Со еден збор, со тоа и да се избрише секоја помисла на поимот Револуција и поткревање на светскиот пролетаријат, нешто што го имаа предвид и Че Гевара и Асанж. И така, драг читателу, се спушти врз светот дистописката завеса на капиталот зад која останаа да чмаат во геноцидна Преспа Рациновите Бели мугри на утопијата дека ќе самне во светот по долгата историска ноќ. Преспа (2018) со која Западот со знаци на обновен фашизам либералкапиталистички свет си изгради уште еден монументален споменик на своите злосторства над Македонците и светот.