Постапката на заменикот и последователното реагирање на премиерот се надвор од пристојно однесување на јавна сцена. Политичар што не е ладнокрвно подготвен, нема нерви и не може да трпи критика не е добар политичар. Најверојатно емоционално понесен во одбрана на колегата Битиќи, премиерот Ковачевски, лесен на збор, отиде предалеку, излезе надвор од ситуацијата и надвор од времето. Квалификувајќи го прашањето како апсолутно некоректно, давајќи му атрибути на популизам, етнонационализам дури и ксенофобија, тој самиот слични епитети си залепи врз сопственото лице. Претседателот на Владата се приклучи кон фалшивиот став дека секоја критика упатена кон Албанците е македонски национализам и ксенофобија, а секоја нивна одбрана е израз на патриотизам и градење меѓусебна доверба.
Сосема неумесно и прелесно изговорено е дека прашањето на новинарот било „форма на модерен фашизам“. Што претера, претера, но не му е првпат. Ова не треба да му го кажувам јас, туку некој во неговата партија, некој близок пријател, некој што му мисли добро, што не го турка во пропаст
Власта е во облаци и живее во светот на своите фантазии
Стара е максимата дека новинарите се расиплива стока и затоа треба одвреме–навреме да се држат во фрижидер. Уште постара е максимата дека политичарите се расипана стока за која не секогаш е препорачливо да се консумира во свежа состојба. Требало да се преџвака за да се голтне. Да повторам во пократка верзија: новинарите се расиплива, а политичарите расипана стока. Овој контекст ми се наметна како некаква основа за еден краток осврт на однесувањето кон новинарите и новинарството на претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, и неговиот заменик Фатмир Битиќи.
Одамна се имам заветено дека никогаш нема да пишувам или да се мешам во работите на македонското новинарство, да не учествувам во дебати за него и да не давам какво било, дури ни приватно, мислење за состојбите во таа јавна сфера. Причини има повеќе, тие главно се потпираат на долгогодишното искуство со редакциите, новинарите, со голем дел од моите многубројни ученици и со личните грешки што сум ги правел во текот на кариерата.
Овој пат го прекршувам заветот бидејќи настанот што е тема на текстот е повеќе политички, помалку новинарски, иако политиката и новинарството мошне често се поклопуваат како интереси и професии. Одамна било речено дека секој новинар може да стане политичар, а секој политичар не може да биде новинар. Така било, но денес поминало. Политичарите се возвишија до небото, новинарите во Македонија се сведени на сантиметри од земјата.
Значи: поводот за текстот е инцидентот на средбата со медиуми на која заменик-претседателот на Владата за економски прашања, Фатмир Битиќи, ја напушти демонстративно локацијата. Причина беше незадоволство од поставеното прашање на еден телевизиски новинар. А прашањето упатено до премиерот Ковачевски беше дали се спремни, доколку не успеат изборите за претседател на државата, целата власт да биде во рацете на ДУИ. Поточно, во таков случај, Талат Џафери би бил привремен претседател на државата и претседател на Собранието, а според договорот СДС – ДУИ и привремениот премиер да биде Албанец од истата партија.
Какви се моите коментари?
Прашањето што го постави новинарот на ТВ Алфа е легитимно, коректно, професионално и актуелно. Бидејќи тоа прашање си го поставува половина политизирана Македонија, нема уредништво што не би сакало да го чуе одговорот и да го пласира пред својата публика. Во него нема елементи на национална нетрпеливост, меѓунационална омраза или новинарско подметнување. Имајќи ги предвид и претстојните претседателски и собраниски избори, многу сигнали навестуваат дека е можно тоа сценарио да се оствари.
Несомнено дека прашањето на новинарот има подлабока суштина. Кажано поотворено, тоа е израз на стравот меѓу Македонците за сѐ поприсутната албанска политичка доминација на државната власт и во државната администрација. Со бројот на своите министри, партијата ДУИ и другите коалициски партнери во Владата од албанскиот политички блок далеку ги надминуваат Бадинтеровото мнозинство и цензусот од 20 отсто.
Албанскиот фактор има министер за надворешни работи кому му е доверена најчувствителната тема за Македонците – впишувањето на Бугарите во Уставот. Преку Артан Груби раководи со секторот за политички систем во кој се ангажирани 400 луѓе, како и со работната група за историските и културни прашања со Бугарија. Преку министерот за финансии располага со буџетот и решава на дневна основа кому и колку пари треба да му се доделат, кому и колку да му се одземат. Со свои министри ги држат ресорите за правда, економија, образование и здравство. Силни позиции имаат во мрежата на полицијата и правосудството.
Албанските кадри се на чело на најбогатите јавни претпријатија. Тие се инспиратори, организатори и реализатори на најголемата инвестиција во историјата на Македонија вредна над 2 милијарди долари. Договорот со „Бехтел и Енка“ е финансиско елдорадо. Нивниот приватен сектор е далеку послободен, поразгранет и побогат од македонскиот.
Сѐ е јасно и чисто, ништо не е противзаконски, но боде очи и предизвикува загриженост кај обичните Македонци. Не гледам причина зошто би се криеле наведените факти или зошто некој би имал страв тие јавно да се изнесуваат и повторуваат. Нели транспарентната политика е лек за лошата политика. Ако македонската политичка елита решила да се движи во таа насока, ако форсираната доктрина „едно општество за сите“ претпоставува брза минимизација на македонскиот фактор на сметка на величање на албанскиот, тогаш сите постапки и односи се израз на идеалната слика за соживотот и напредокот.
Од друга страна, постапката на заменикот и последователното реагирање на премиерот се надвор од пристојно однесување на јавна сцена. Политичар што не е ладнокрвно подготвен, нема нерви и не може да трпи критика не е добар политичар. Најверојатно емоционално понесен во одбрана на колегата Битиќи, премиерот Ковачевски, лесен на збор, отиде предалеку, излезе надвор од ситуацијата и надвор од времето. Квалификувајќи го прашањето како апсолутно некоректно, давајќи му атрибути на популизам, етнонационализам дури и ксенофобија, тој самиот слични епитети си залепи врз сопственото лице. Претседателот на Владата се приклучи кон фалшивиот став дека секоја критика упатена кон Албанците е македонски национализам и ксенофобија, а секоја нивна одбрана е израз на патриотизам и градење меѓусебна доверба.
Сосема неумесно и прелесно изговорено е дека прашањето на новинарот било „форма на модерен фашизам“. Што претера, претера, но не му е првпат. Ова не треба да му го кажувам јас, туку некој во неговата партија, некој близок пријател, некој што му мисли добро, што не го турка во пропаст.
Да не заборавиме дека Ковачевски и Битиќи, освен во Владата, се водечката двојка на Социјалдемократскиот сојуз. Едниот претседател, другиот потпретседател. Нервозата што ја покажаа сигурно е состојба што владее во партијата и Владата, обете растргнати од критиките за неуспешната политика, внатрешните кавги за позиции, тендери и пари. Добар сон не им овозможуваат ниту анкетите, кои навестуваат дебакл на идните собраниски избори.
Нивното тивко наметнато барање за цензура на новинарските прашања, нивната подготвеност кој било новинар да го обвинат за ширење расна и меѓунационална омраза, да му накалемат фашистички намери води кон автократија и замолчување на новинарите. Нивна задача е да прашуваат, одговорност е на Владата да дава одговори.
Оние од Владата (и партијата) живеат во светот на своите фантазии. Мислат дека се добри политичари, но состојбите не велат дека е така. И колку што погласно зборуваат дека се добри (а зборуваат секој ден), граѓаните стануваат сѐ понедоверливи и мислат дека се полоши. Тоа е така не поради тоа што граѓаните не разбираат што зборува власта, туку власта не разбира што зборува народот. Власта живее во облаци. Но коалицијата СДС и ДУИ се спушта на земја само за тендери (препознатливи во јавноста по атрибутот „криминални“). Толку се сложни што ако треба и крокодилот ќе го прогласат за птица, експресно во Собранието, со закон со европско знаменце.