Новата антропофилозофија на Трамп

  • Мене, драг читателу, ме привлекоа пред сè неколку концепти на Трамп, кои ги зафатив и во мојот прв текст за него, но сега нив ги посматрам и како шифри што сакам да ги доразгатнам во куси црти. Нека биде тоа и поглед не на стручен политаналитичар, туку едноставно на еден писател што работи и со инструментот на интуицијата за осветлување и дефинирање на сликата на цивилизацијата
  • Трамп е личност, индивидуа воопшто земено – сивиот, линеарен и безличен свет на политиката. Доволно е само да се погледне сивата бриселска политбирократија на ЕУ, па да ни е јасно тоа
  • Тој сега покажуваа толку многу самоувереност и волја што е, фигуративно речено, и Архимед и лост со кој се обидува да ја преврти наопаку анемичната западна цивилизација. А судејќи според почетокот, по сè изгледа дека и ќе му успее тоа
  • Прво, тука е антрополошкиот политички концепт на Трамп за енергично уривање на моќната трансродова и ЛГТБ-тврдина на западната либералкапиталистичка цивилизација, кој не е господов. Тој го стори тоа по брза поставка со закон како еден вид ефикасен лек на гангренозното канцерогено ткиво на либералната цивилизација на Сорос, Бил Гејтс и сличните пробисвети, кои неа ја моделираа според старозаветната библиска слика на Содом. Ја содомизираа, а велеа: демократизираа
  • Втор за мене особено впечатлив е Трамповиот концепт, драг читателу, за уривање на надуваната и канцерогената слика на западниот либерален глобализам, обликуван од корпоративниот капитализам или корпоративната либерална мафија. Сеедно

По кусо време, како што гледаш, драг читателу, пак сме каj Трамп како некој вид на фасцинација од неговиот лик и политички визии, без разлика колку од нив се позитивни, а колку негативни, пред сè по однос на западната цивилизација, но и по човештвото воопшто. Тој е личност, индивидуа воопшто земено сивиот, линеарен и безличен свет на политиката. Доволно е само да се погледне сивата бриселска политбирократија на ЕУ, па да ни е јасно тоа. Кога се говори за личност, обичниот човек мисли на неjзините изразити позитивни квалитети. Но не е така. Тука се и негативните, темните наспроти светлите. Оти во таа смисла кај Достоевски, на пример, личност се и христоликите Зосима и Аљоша во „Браќа Карамазови“, но и Димитриј Карамазов и Раскољников во „Злосторство и казна“. Личност е и Ганди, но, колку и да звучи парадоксално, во таа смисла и Хитлер. Дури негативните личности (тоа е особено познато од литературата) се многу поекспресивни и, без да сакаме, подлабоко се втиснуваат во свеста.
Доволно, А каков е тука Трамп? Драстично амбивалентен на почетокот, со знаци дека понатаму темното можеби и докрај ќе го потисне светлото, негативното позитивното. Тoj е тука сега – а сега истоветен со карактерот на симболите, кои по дефиниција се амбивалентни, полни со креативна, но истовремено и со деструктивна енергија. И огнот и водата како наjблиски човекови егзистенцијални придружници ја демонстрираат таа амбивалентност на благотворност и катастрофичност. Дали и во природата на Трамп не гледаме нешто такво, радикална издиференцираност на светлото и темното, позитивното и негативното. По сè изгледа да, но има знаци дека темното во него како да му се заканува на светлото. Газа! Му се допаѓало некому или не, Трамп е индивидуа што располага со огромен енергетски потенцијал за реализирање на своите, позитивни или негативни сеедно, политички идеи и визии. Тој сега покажуваа толку многу самоувереност и волја што е, фигуративно речено, и Архимед и лост со кој се обидува да ја преврти наопаку анемичната западна цивилизација. А судејќи според почетокот, по сè изгледа дека и ќе му успее тоа. Веќе изгледа дека неговиот лост најде некои ефектни потпорни точки за да го стори тоа. А откако многу наскоро ќе се случи тоа, следува и таканаречениот ефект на пеперутката, барем во некои делови, и на планетарната цивилизација. Во секој случај, јасно е, уште на почетокот на својот претседателски мандат Трамп енергично работи на тој свој проект на американска цивилизациска поплава, која веќе силно удира во кревките европски брегови, па таму, иако збунети, ништо не преземаат бриселските политбирократи, иако го вклучиле алармот на својот условен рефлекс на стравот и размислуваат да прават според моделот на Ное некаков каков-таков кораб за спасение. Да. Ама којзнае дали и тоа ќе биде доволно, оти по сè изгледа дека американскиот цивилизациски потоп, како што го замислил него Трамп, ќе се извиши и над европскиот клапнат ЕУ-Арарат.

Едноставно неговиот план е да ја направи in medias res Америка апсолутен центар на западната цивилизациja, од коj по нејзина волја ќе се шират нејзините кругови, обидувајќи се да стигнат до и да ја префатат и мистична Ази ја, иако на Трамп секако му е јасно дека е тоа невозможна мисија. Но, судејќи според неговиот карактер, не е исклучиво да се обиде, макар и по цена неговата империја да си ги искрши забите од Кинескиот ѕид.
Да. Но мене, драг читателу, ме привлекоа пред сè неколку концепти на Трамп, кои ги зафатив и во мојот прв текст за него, но сега нив ги посматрам и како шифри, кои сакам да ги доразгатнам во куси црти. Нека биде тоа и поглед не на стручен политаналитичар, туку едноставно на еден писател што работи и со инструментот на интуицијата за осветлување и дефинирање на сликата на цивилизацијата. Конкретно за тоа одбрав три од палетата Трампови концепти, кои мене ми се чинат посебно карактеристични за тоа. Тие како моќни вулкани веќе предизвикаа силен потрес во западниот планетарен појас на моќните европски колонијалистички нации и народи. Прво, тука е антрополошкиот политички концепт на Трамп за енергично уривање на моќната трансродова и ЛГТБ-тврдина на западната либералкапиталистичка цивилизација, кој не е господов. Со еден збор, тука Трамп се послужи со методот на силен електрошок, безмалку, ако не и целосно сличен на оној славен, сега исфрлен од употреба, американски електричен стол на смртта за осудените на смрт. Тој го стори тоа по брза поставка со закон како еден вид ефикасен лек на гангренозното канцерогено ткиво на либералната цивилизација на Сорос, Бил Гејтс и сличните пробисвети, кои неа ја моделираа според старозаветната библиска слика на Содом. Ја содомизираа, а велеа: демократизираа. Тие со нивниот либерален проект на таканаречената апсолутна слобода, во која е погрешно разбран Ниче со неговото „отаде границата на моралот и законот“, само го воведоа во неа моралниот распад, ја содомизираа. Веројатно, пак, дека таквиот вид на исчашена либерална слобода и го мотивира, убеден сум, и Фукујама да ја напише неговата славна книга „Крајот на историјата“.
Да. Но Содом на либералниот Запад, драг читателу, го надминува во моралниот разврат дури и библискиот. За да го илустрираме тоа, пак, ќе се послужиме и тука со клучот на аналогијата. Имено, станува збор за една карактеристична парабола за тоа во библискиот Содом во врска со праведникот Лот. Кај него една вечер му доаѓаат на гости и господовите гласници – ангелите. Но за тоа дознаваат развратните Содомци и утредента взори доаѓаат пред неговата врата, барајќи му ги нив за сексуален блуд. Вчудовиден од тоа, Лот за да ги спаси своите небесни гости, во замена за нив им ги понудил на натрапниците своите две прекрасни ќерки. На тој начин, спасувајќи ги ангелите со жртвување на ќерките, Лот го спасил божественото, светото, и тоа не фигуративно како што може лесно да се помисли, туку реално, не затворајќи го неговиот хоризонт за поколенијата што доаѓаат по него. Тој им го дал за пример примерот на саможртвата како чин за тоа. За зачувување на најважното и според Кант, кое е најблиску до бог и божественото: моралните вредности. Но западната цивилизација, која силно ја обнови старозаветната библиска слика на Содом во сликата на својот морален разврат, ништо не научи од тоа, како што не научи ништо и од трампата на Фауст (нејзин основен симбол) со Мефистофел (ѓаволот), кому тој му ја продаде душата за знаење и сензуална наслада, за што jа доби убавата и невина Маргарита, но не да ја гради кулата на Содом во морален разврат со неа. Понапред Фауст тука беше со едната половина трубадурски настроен кон неа.

Но модерниот или сега постмодерниот европски Запад во морално растројство отиде дотаму што го надмина развратот на библискиот Содом како озаконет архетип за тоа. Имено, Лот во оваа морално расипана цивилизација не успеа ни со жртвување на своите прекрасни ќерки да го одбрани божественото по кое толку силно пекаше Хелдерлин, кога виде дека ги нема, дека се загубени „трагите на светото“. Во новоцивилизацискиот постмодерен Содом натрапниците што ја водат цивилизацијата (сега собрани во Брисел) со ултраанимален нагон на својот болен Ерос, покрај ќерките на Лот, ги силуваа и неговите небесни гости: ангелите. На тој начин тие му ставија крај на божественото во оваа цивилизација. Да, а гледам, драг читателу, ти прашуваш кога и на кое место точно се случи тоа одвратно богохулие. A jac те прекорувам. Па, зарем не знаеш? Тоа се случи на 18 јуни 2024 во Преспа, во Македонија, која тука не само што беше силувана како и ангелите туку и беше заклана заедно со нив. Така. Тука беа со нив истовремено убиени и Бог и божественото во таа безбожна цивилизација.
Втор за мене особено впечатлив е Трамповиот концепт, драг читателу, за уривање на надуваната и канцерогената слика на западниот либерален глобализам, обликуван од корпоративниот капитализам или корпоративната либерална мафија. Сеедно. Таа која, како што вели мојот Филип, го избриша целосно идентитетот на работничката класа, укинувајќи го со тоа и Маркс, како и можноста за нова Октомвриска револуција. Укинати се пролетаријатот и химната на Интернационалата за нов моден лудизам по оној во Манчестер, кога работниците ги кршеа машините мислејќи дека тие се виновни за нивното егзистенцијално страдање. А всушност тоа беа монструмите што стоеја зад нив и ја цицаа како вампири нивната крв за да го остварат својот „невидлив“ метафизички профит, за кој подоцна, за да го објасни, на Маркс во „Капиталот“ му требаа цели 1.000 страници. А за да не се случи повторно таков „лудизам“, оти пролетерското лудило е навистина опасно, драг читателу, либералите здружени и со нивната фармацевтска мафија во нивната менгеловска лабораторија ги произведоа и планетарната пандемија ковид-19 и вакцината, со кои се наполнија со пари, и пак врз грбот на сиромаштијата.
Така. Проектот на Трамп за in medias res детронизација на либералниот корпоративен глобализам е на прв поглед, априори позитивен за човештвото, иако, рака на срце, тој и не мисли на таква полза од него. Него тука, промовирајќи го суверенизмот како концепт наместо глобализмот со светска влада со кукаст крст, сепак во прв план го интересира само Америка. Ништо друго. Го интересира оживувањето на нејзиниот расклатен хегемонизам како планетарен. Тoa е вистината. Па сепак тука, драг читателу, Трамп превидел, како да страда од кокошкино слепило, нешто многу сериозно. Тој од една страна ги укинува либералниот концепт на Сорос и компанија и нивниот профитерски дарвинизам од тоа, а од друга страна е очигледна неговата намера на негово место да го воведе сега неговиот американски дарвинистички глобализам под лукавата маска на политфилозофијата на суверенизмот. Но крупниот со кокошкино слепило превид на новиот американски претседател тука е во тоа што тоj планетарно ја гледа само американската, но не и универзалната цивилизациска слика. А тоа е во прв план големата и страшна за него Кина, која го глобализира светот на еден поинаков начин. Светот како едно семејство, кое не го негира внатре во него суверенизмот на секој еден народ и нација, со почит кон сите различни култури, традиции и религии. Сличен концепт на културолошко обединување на светот имаа Античките Македонци. Што значи дека културолошкиот глобализам, наспроти западниот корпоративен и колонијалистички, не го укинува суверенизмот. Напротив, тој е со него во хармонична рамнотежа: јин и јанг.
Трето. Од широката палета на Трампови радикални концепти за „ренесанса“ на Америка оној што посебно ми го привлече вниманието, драг читателу, е и образовниот „културолошки“ концепт за рехабилитација на белата раса, на која ѝ е нетоварен комплексот на вина за многубројните нејзини цивилизациски злосторства низ светот. А тоа значи и тотално бришење на критичката расна теорија во врска со таа тема. Таа теорија, според Трамп, пак, е плод на исчашениот, според него лев либерализам, кој ги упропастил традиционалните вредности на американското општество. Според него, американското образование ги учи децата „да се срамат од себе и во многу случаи да ја мразат својата земја“.

А всушност со овој свој концепт со расистички мирис Трамп се јавува како егзорцист, кој сака да го избрка демонот на вина за злосторствата на предците од незгодната трауматична потсвест за тоа кај нивните потомци. Но и Фројд кажа дека со потсвеста нема играчка, таа е сериозен демон и тој не може механички со закон или репресија да се избрка (може само да се зајакне), туку само со негова сублимација или трансценденција на негова преобразба, не со потиснување на вината, туку со отворено и храбро соочување со неа, со каење и извинување на жртвите. А американската гордост на хегемон не му го дозволува тоа на Трамп и суетата целосно му го затвора пред очи хоризонтот на космополитизмот и хуманизмот. Тука е сериозно во прашање комплексот на стеснет ум и душа до сериозно нивно помрачение. Така. Но на интелигентниот ум, драг читателу, не му е тешко да ја открие и демонтира Трамповата абракадабра на неговиот образовен концепт со јак расистички мирис за бришење не само на американската туку и на потсвеста и совеста на целата западна колонијалистичка цивилизација за нејзините многубројни злосторства низ светот, за кои (мислејќи пред сè на Европа) Џани Инфантино рече дека треба да му се извинува на светот ни помалку ни повеќе туку цели три илјади години. Да. Многу провидно е дека Трамп со новиот американски образовен концепт сака да ја избрише од потсвеста на новото поколение вината за злосторствата на англосаксонските и на другите европски колонијалисти, кои по Колумбо убија една цела домородна цивилизација во Америка: Индијанците. Една цела култура богата со изворни митови и легенди, за на крајот по таа гибел американските колонизатори да воспостават на новиот континент свои кич-митови, како што се тоа Мики Маус, Бетмен и Том и Џери. Лорка при неговата посета на Америка добро го согледал тоа, a и Есенин при неговиот американски престол со Исидора Данкан. И прашуваш, драг читателу, што е тука поентата на Трамп. Каква алтернатива нуди тој за укинување на постојниот образован систем што ја протежира критичката теорија на расизмот и бришење со законска репресивна гума на потсвеста на новото американско поколение во која е скриен синдромот на вината? Што мислиш, драг читателу? Јас ќе ти кажам. Негова алтернатива тука сeгa се кayбojските филмови со Гари Купер и Џон Вејн, во кои белите каубои, Англосаксонци и преостанатиот западен колонизаторски пробисвет се херои и праведници а црвенокожите Индијанци злосторници. Тоа!
Точка. При крај сме. Ние мислевме, драг читателу, дека суверенистот Трамп ќе ja разбeре Македонија и ќе помогне за укинување на Преспанскиот договор, но тука нема место за илузии, особено по објавата на неговиот план за етничко чистење на два милиона Палестинци од Газа. А тоа веќе мириса на фашизам. Истиот, пак, концепт на Трамп со Газа го примени и Черчил со етничкото чистење на Македонците од Егеjска Mакедонија во 1948 година. И западната колонизаторска ариевска цивилизација и ден-денес функционира според нејзиниот утврден рецепт на сила и бришење цели народи, цивилизации и култури. Па, што се во тој контекст за неа Палестинците и Македонците!!! „Хитлер е победен, но не и фашизмот“ (Томас Ман). И нема друго чаре, драг читателу, изгледа ни во новиот западен концепт на суровата капиталистичка цивилизација на профитот освен со црниот и црвениот конец Јана повторно на македонското сончево знаме да ја навезе паролата „Смрт или слобода“. Nocturno, de profundis, memento mori. „Свршено е“, рече Исус на крстот!