„Нова Македонија“ е симбол на нашата матична држава Република Македонија

Почитувани новинари на редакцијата на весникот „Нова Македонија“,

Во име на редакцијата на весникот „Преспа“, весник на заедницата на Македонците во Албанија, и во мое лично име, како одговорен уредник на весникот, ви посакувам, како и досега, успешна и плодна работа.
Почитувани новинари, речиси две години вашиот весник „Нова Македонија“ е присутен и кај Македонците во делот на Преспа под Албанија и иако тешко се снаоѓаме со дистрибуцијата, се трудиме весникот „Нова Македонија“ да биде присутен кај учителите и учениците во основните училишта на Преспа.
Во сите наши дискусии за печатените медиуми, споредено со печатените медиуми во Албанија, весникот „Нова Македонија“ содржински е најбогат, најактуелен, квалитетен со разни теми од секојдневниот живот во нашата матична држава Република Македонија, регионот и од светот, има теми од политиката, историјата, геополитиката, економијата, културата, детските творештва и други интересни теми.
Но она што нас како Македонци ни се допаѓа е што редовно пишувате за влијателните личности во историјата на нашата Македонија и уште повеќе ја збогативте содржината на весникот „Нова Македонија“ со темата „Повеќеслојноста на македонскиот суверенизам“. Нашата порака е: ако сте редовен читател на весникот „Нова Македонија“, слободно може да се каже дека вие се образовате повеќе.
Затоа, весникот „Нова Македонија“ треба да постои за секој ден да се шири кај сите Македонци, а особено во соседните држави. Весникот „Нова Македонија“ е симбол на нашата матична држава Република Македонија.
Учтиво ве поздравуваме и ви посакуваме уште повеќе да пишувате за Македонците во соседните држави.

Со почит кон вас од редакцијата на весникот „Преспа“,

Одговорен уредник Ефтим Митревски