Иако креатинот со децении се поврзува исклучиво со спортисти, фитнес-ентузијасти и развивање мускули, сè поголем број истражувања сугерираат дека овој додаток во исхраната има и други потенцијално многу корисни медицински ефекти – вклучително и подобрување на расположението, когнитивната функција и, како што покажува новата пилот-студија, евентуално ублажување на симптомите на Алцхајмерова болест. Ова откритие предизвика голем интерес во научната заедница, бидејќи нуди надеж дека креатинот, како евтин, лесно достапен и релативно безбеден додаток, би можел да игра клучна улога во борбата против оваа тешка невродегенеративна болест.
Креатинот е природно соединение што првенствено се произведува во телото во црниот дроб, бубрезите и во панкреасот, а поголемиот дел од него се складира во мускулите. Главно се користи како додаток во исхраната во спортот, бидејќи помага во обновувањето на аденозин трифосфатот (ATP) – главниот извор на енергија во клетките – што овозможува побрзо закрепнување и поголема сила за време на физички напор. Сепак, помалку познато е дека креатинот се наоѓа и во мозокот и игра важна улога во енергетскиот метаболизам на мозочните клетки. Токму поради ова својство, научниците се прашуваа дали додавањето креатин може да го забави развојот на невродегенеративни состојби како што е Алцхајмеровата болест.
Неодамна објавена студија во списанието „Алцхајмерова болест и деменција: транслационо истражување и клинички интервенции“ ги испитува ефектите од високи дози креатин монохидрат (20 грама дневно) во текот на осум недели кај луѓе со дијагностицирана Алцхајмерова болест. Станува збор за мала студија со само 20 учесници, но резултатите се охрабрувачки.
Учесниците земале креатин секојдневно, додека научниците ги мереле нивоата на креатин во нивната крв и мозок на почетокот, по четири недели и на крајот од осумнеделниот период. Покрај тоа, беа тестирани и нивните когнитивни способности.
Резултатите покажаа дека кај 19 од 20 испитаници што редовно земале креатин, нивото на ова соединение во мозокот се зголемило за околу 11 проценти. Поважно, беа забележани подобрувања во тестовите за внимание, брзина на реакција, способност за читање и сортирање информации.
Иако оваа студија не го испитала детално механизмот на дејство, постојат разумни претпоставки зошто креатинот може да биде корисен. Мозокот троши огромни количества енергија, а кај луѓето со Алцхајмерова болест, митохондриите – „фабриките за енергија“ во клетките – се оштетени, што доведува до енергетски дефицит.
Креатинот помага во зачувувањето на клеточната енергија преку подобрување на транспортот и регенерацијата на АТП. Исто така, постојат докази дека суплементацијата со креатин може да ги намали воспалението и оксидативниот стрес, кои се фактори поврзани со прогресијата на Алцхајмеровата болест.
– Креатинот не само што го поддржува енергетскиот метаболизам во клетките туку потенцијално има и невропротективни својства. Нашето истражување е првиот чекор во испитувањето дали креатинот може да игра клинички значајна улога во третманот на Алцхајмеровата болест кај луѓето – објаснува д-р Метју Тејлор од Универзитетот во Канзас, еден од авторите на студијата.
И покрај охрабрувачките резултати, експертите предупредуваат дека сè уште е прерано да се дадат конкретни препораки за третман. Пилот-студијата имаше мал број учесници и не вклучуваше контролна плацебо-група, што е неопходно за да се извлечат сигурни заклучоци.
Неврологот д-р Амит Сачдев, од Државниот универзитет во Мичиген, истакнува:
„Не препорачувам луѓето сами да земаат креатин за да ја подобрат когнитивната функција. Потребни се многу поголеми и поригорозни студии“.
Д-р Клифорд Сегил од Калифорнија има слично мислење:
„Креатинот моментално не е препознаен како додаток за одржување на здравјето на мозокот“.
Д-р Тејлор, исто така, повикува на претпазливост:
„Нашето истражување е далеку од дефинитивен одговор. Потребни се клинички испитувања контролирани со плацебо. Дотогаш, им советуваме на сите да се консултираат со својот невролог пред да земат какви било додатоци во исхраната“.
Драгана Шубаревиќ