Веројатно се чудите што значи кратенката од насловот. Оваа инвенција е на германскиот новинар Ерих Ратфелдер („Дие тац“ (Die Taz), весник близок до социјалдемократите, од 7 мај 2019 г.), редовен известувач од Балканот, кој во налет на еуфорија веднаш по завршувањето на нашите претседателски избори со победа на „проевропските сили“, сакал да направи контратежа на брегзит. За оние што не знаат англиски да појаснам дека брегзит е кратенка/кованица од Британија и exit, што на англиски значи излез (во случајов, од ЕУ). По таа логика, „номентри“ треба да биде креативна кованица, која ќе го поздрави отворањето на портите на ЕУ за (Северна) Македонија (North Macedonia + entry). Пријателот од Германија, кој ми ја испрати оваа будалаштина (да, баш така реагирав кога слушнав за номентри), го замолив за секој случај да провери да не се збунил, и новинарот да не мислел на извесниот влез во НАТО. Но целата статија била посветена на перспективите за влез во ЕУ. Резимето би било, Британија (можеби) заминува, но Северна Македонија влегува (ги отвори портите на ЕУ) – европскиот проект не само што не е мртов, туку и покажува знаци на живот.
Не знам што мисли сега авторот на номентри, и дали ќе го коментира фактот дека токму Германија, односно канцеларката, ја дигна кочницата. Тоа е онаа иста Меркел, која ја посети Македонија во предвечерјето на ланскиот референдум, со намера да изврши влијание врз јавното мислење и да го помогне референдумскиот исход. А таа беше само една од армијата високи гости, кои се вклучија во внатрешен демократски процес на одлучување од страна на граѓаните. (Во светлина на нејзиниот говор пред студентите на „Харвард“, очигледно ѝ се може она што не им се може на другите; што се однесува до овациите, критичарите аргументирано укажуваат зошто таа не е икона на либералните вредности, кои дури и во Германија, во изминатите 13 години, се промовирани не заради неа, туку наспроти нејзините политики).
Веќе е извесно дека кованицата би требала да гласи: NO ENTRY, (нема влез); поточно, нема почеток на преговори за влез во ЕУ. Не станува збор само за изоставање на она на „М“ (мислам на Македонија, се разбира, а не на „мерцедесот“ на кој му купуваат нови гуми со астрономска цена на чинење, колку што чини ново луксузно возило или стан), туку во скоро време нема ни да има проширување. Тврдината Европа, чесно е да се каже, не се затвора само за мигрантите, туку и за нејзиното „блиско соседство“, земјите во кои надежта за членство се одржува со систем „капка по капка“.
Објективниот поглед на резултатите од владеењето на оваа гарнитура го објаснува и значењето на уште една кованица: стабилитократија. Нејзин автор е канадскиот професор Срѓа Павловиќ, а потоа беше широко прифатен. Накратко, надежта станува панацеа, универзален лек за сите болести за пациенти на кои им нема спас. Сѐ додека политичките елити водат љубов со народот, ама му се верни на Брисел (на геополитичките приоритети и на неолибералниот компас, а подалеку од Русија, Кина и сл.), ќе им се гледа низ прсти за сите пропусти и неостварени реформи. Максимумот што европската политика на проширување го остварува е стабилноста, а тоа е само друго име за статус кво. Затоа и „револуциите“ се диригиран и контролиран „хаос“, во функција на стабилноста. Секое друго порадикално решение, особено партиципативно и автентично одоздола, е ризично – за стабилноста. Зарем е чудно што балканскиве инсталирани лидери се закануваат со нарушена стабилност ако не го добијат тоа што им беше ветено? Тоа е последната, очајничка карта на лузерите.
Но македонската влада, и особено Заев, играа коцкарски – all in – и затоа сега бараат нешто со што ќе го оправдаат секој чекор што го презедоа наспроти волјата на народот, а за што им беше ветена награда. Некои шеговито (и горчливо) велат дека постои добра причина за нова владина забава: не е мала работа да добиеш десет позитивни препораки за почеток на преговори од Европската комисија, па макар таа траела само до одржувањето на Советот на ЕУ. Бројчаникот на триумфалната порта ќе ги одбројува. Шампиони, шампиони – ти доаѓа да викнеш! Арно ама, кога ќе се сетиш дека Турција е многу поголем „маратонец“ на патот кон ЕУ, плус тоа и суспендиран по казна, тогаш не е за славење. Операцијата „метла“ не само што пластично ја одразува авторитарната политичка и ментална матрица, туку е и замајување на јавноста. Бидејќи, за да смениш неуспешни и неодговорни министри, не ти треба датум за преговори, туку чувство за демократска одговорност и отчетност. Утешната награда ќе биде членството во НАТО: NATO entry е алфа и омега на преспанскиот процес, и попусто е сега да велиме „I told you so“ (Нели ви кажав!). Ете, импозантни воени игри (вежба) во Криволак, и надлетување на најсовремени борбени авиони (до душа, колку сме големи, дури да ги видиме – тие ќе го напуштат нашиот воздушен простор) – тоа е она што ќе нудат наместо леб.
По малку е забавна аргументацијата на социјалдемократските интелектуални икони според кои опозициските повици за недобивање датум, или не дај боже – повици за напуштање на идејата за влез во НАТО и во ЕУ – се погубни идеи против сопствената држава и народ и израз на злорадост. Велам забавно, затоа што паметиме исти хистерични извици на нивните пулени додека беа во опозиција, и тоа среде Брисел.
Уште посмешно и попатетично е што мнозина сериозно веруваат дека влезот во ЕУ (ќе) зависи од владините перформанси (со други зборови, ако ги исполниме реформските задачи, членството во ЕУ не ни бега). Периодот на преговарање (дури и ако обезбедиме преговарачки тимови, купиме експерти, и обезбедиме политички консензус) е само повисока фаза на стабилитократија, која ќе трае и трае и трае… It’s geopolitics, stupid! (Станува збор за геополитика, глупави!) Зарем некој мисли дека оние во Берлин и/или Брисел веруваат дека со замената на етикетата на шишето, оцетот ќе се претвори во вино?! Северна Македонија не само што не е подобро место за живеење од Република Македонија, туку е и понестабилно и понеизвесно. Северна е можна само во авторитарна форма, но тоа е друга приказна. Стабилитократијата има и јатрогени ефекти (негативни ефекти предизвикани токму од „терапијата“ што му се дава на пациентот). Можеби не со ваква терминологија, но ова ќе ви го раскаже секој просечен граѓанин кога ќе го прашате како живее.
Расправата во Бундестагот може да се гледа и низ хумористична призма: Македонија (о)станува „буре барут“, се чини како да има потенцијал да ги раскара сите. Се разбира, не е така, бидејќи темата „Македонија“ е попатна, безначајна (исто како и нашето име, интереси, чувства), но е добра илустрација за потресите низ кои минува и германската, но и европската политичка сцена. Фактот што токму нашиот најголем сојузник во интеграциите, Германија, која – заедно со САД, или обратно, како сакате – му кумуваше на „решавањето на спорот за името“, е и најголемата пречка за „напредокот кон ЕУ“, отвора неочекувана перспектива за јакнење на регионалната соработка и солидарноста. Сега и Грците и Македонците можат да покажат со прст кон Берлин и да ламентираат над својата тешка судбина (до душа, ние не им бараме репарации, ама сме во гуша во долгови, како и нашите соседи). Звучи можеби бизарно, но ова е смртно сериозна констелација, која го отсликува третманот на европската периферија од страна на моќните земји на центарот, а првенствено од хегемонот (за мнозина, во вид на беневолентен четврт рајх). Дека Македонците, Грците, Албанците, Бугарите и сите други имаат заеднички непријател во неолиберализмот е нешто што останува да го осознаат. Тоа што двете најголеми германски партии излегоа ослабени од европските избори, не треба да залажува никого. Германија не го испушта кормилото на ЕУ – во ликот на новиот претседател на комисијата, и повеќе од тоа.
„Шпигел“ го анализира темното расположение на канцеларката во заминување, за која најголема грижа е светот над кој се надвиснале темни облаци, бледнеењето на лекциите од Втората светска војна и нестабилниот меѓународен поредок. Во нејзините зборови има многу вистина, дури и кога човек не се согласува со нејзините политички позиции. Меркел загрижена, Заев „блеска“! Иако политичарите се професионални оптимисти (кога се на власт) дали е одговорно воопшто и да се поттикнува и изразува непримерен оптимизам во свет кој пропаѓа? Да се ветува мед и млеко на периферијата кога центарот штеди? Да се глорифицира почеток на преговори (кои можат и никогаш да не завршат), и тоа во ситуација кога си го „испукал“ последниот адут без никаков позитивен ефект? Замислете сега што сѐ ќе можеше да се направи во изминатите десет години, доколку елитите работеа одговорно наместо да ги чекаат препораките на Годо! Но, тие ги распродаваа(т) не само нашата иднина, туку и сегашноста – вклучувајќи го и минатото! И не гледаат подалеку од носот! И џебот.