Неодамнешниот референдум во Македонија беше уште една во низата недоволно промислени, па и контрапродуктивни балкански иницијативи на администрациите во Брисел и Вашингтон.
Промената на името во согласност со спогодбата, која под будното око на западните поклисари ја потпишаа македонскиот и грчкиот премиер, е потребна за Брисел да ги задоволи сѐ поголемите националистички апетити на Атина, за да го подигне урнатиот надворешнополитички рејтинг на грчкиот премиер и да симне од својот дневен ред барем еден од многубројните балкански судири околу идентитетите, територијата и историјата.
Сепак, референдумот само на прв поглед беше посветен на промената на името. Од граѓаните се бараше многу повеќе од обична согласност странците да им одредат како ќе се нарекува нивната држава. Многу поважно е барањето Македонија да се смести во западниот блок во контекст на новата студена војна. По испробаниот бриселски калап, референдумското прашање беше истовремено и ветување и уцена: промената на името би ја отворило портата за членство на Македонија во офанзивниот воен сојуз (НАТО) и на политичкиот сојуз (ЕУ), чија стабилност е сериозно доведена во прашање. Судејќи според официјалните претставници на ЕУ, алтернативата беше една: изолација и хаос.
Политичарите што се на власт во Брисел, Вашингтон. Берлин, Атина и Скопје се надеваа дека граѓаните и овој пат ќе бидат маѓепсани од ветувачката песна на Сирените од Брисел и Вашингтон и дека ќе бидат исплашени од можностите за изолација, економска пропаст и цивилизациско назадување. Тие сметаа дека граѓаните на Македонија сѐ уште размислуваат за ЕУ како за посакувана и профитабилна дестинација, а за бриселската администрација како за беневолентен партнер во процесот на демократизација и економски развој на својата држава.
Резултатот на референдумот покажа дека, со исклучок на платените лобисти, малкумина во југоисточна Европа и натаму веруваат во ветувањата и шарените лажги што во егзотеричните јужноевропски предели ги носат бриселските и вашингтонските писмоносци. Референдумот го покажа и хроничното западно непочитување на државниот суверенитет на малите држави, каква што е и Македонија. Се чини дека по прашањето на Македонија, надворешната политика на Брисел, Берлин, Атина и Вашингтон се сведе на наметнување дискурс како оној што пред повеќе децении го дефинираше и во својот домен го применуваше советскиот Ген-Сек, Леонид Брежњев: ограничен суверенитет на клиентелистичките држави.
Со децении, Македонија е заложник на националистичка еуфорија околу името, идентитетот и митологизирањето на историјата на регионот, но и на бриселската администрација, која не стори ништо за смирување на таа еуфорија. Досегашните искуства на државите од југоисточна Европа и Балканот во рамките на процесот на европските интеграции не влеваат многу доверба во т.н. „добри услуги“ на Брисел и во предностите на членството во ЕУ. Последниот чин на седумминутен аплауз на ЕУ-парламентарците на црногорскиот автократ Мило Ѓукановиќ за време на неговата неодамнешна посета на Брисел, е првенствено доказ за погубната политика на стабилитократија, отколку на вистинска посветеност на Брисел кон макотрпната работа на демократизацијата на т.н. Западен Балкан.
Успехот на бојкотот на референдумот покажува дека граѓаните на Македонија не се „слепи при очи“. Успешниот бојкот, меѓу другото, значеше отфрлање на улогата на држава-клиент. Тој беше и бунт против преименувањето на државата и напор, макар и за момент, државниот суверенитет и вреднувањето на волјата на граѓаните да се стават над политичката трговија и геостратегиските интереси на надворешните актери. Во оваа смисла, бојкотот беше политички успех на запоставените, заборавените и жртвувани граѓани на Македонија.
Многу е важно да се нагласи дека се стекнува впечаток дека, и покрај силните настојувања на Западот да ги прикаже во инаква светлина исходот од гласањето и постреферендумската ситуација, ниту московските гласноговорници не успеаја да им ги наметнат своите евроазиски узди на македонските граѓани.
Иако инспиративен, ваквиот одговор на мнозинството граѓани, ја стави Македонија во незавидна положба: помеѓу двата блока на новата студена војна. Неуспехот на референдумот не значи дека спротивставените страни во оваа војна веќе се имаат откажано од втерување на земјата во својот двор. Затвореноста на западните медиуми за анализата на оние што го бојкотираа референдумот, како и медиумските обвинувања дека зад сето тоа сепак стојат Русите, претставуваат обиди за делегитимирање на гласот на бунтот, кој успеа да го дисквалификува референдумот во Македонија, како и оспорување на правото на македонските граѓани на правото и на можноста да бидат политички агенс во сопствената држава.
Тука, според мене, лежи и новиот и најголем предизвик за политичките и параполитичките актери на кампањата за бојкот на референдумот: како да се опстане на тој тесен простор на „ничија земја“, помеѓу двете суперсили, кои се борат за превласт во регионот, како да ја зачуваат чистотата на својата намера и на своите активности од валканиците што со себе ги носат критиките, присвојувањата и пофалбите од ултраконзервативците, ултралевичарите, глобалистите и натиглобалистите, неофашистите, антифа-активистите, локалните етно-националисти, регионалните националистички млади, и од обвинетите воени злосторници. Како да се изгради движење и истото тоа да се зачува од завивања во партиски или идеолошки знамиња? Дали е такво нешто воопшто можно денес?
Авторот е професор на институтот за австриски и централноевропски студии „Вирт“ при Универзитетот во Алберта, Едмонтон, Канада