Нобелова награда 2025: Физиологија и медицина

Неодамна за медицина и физиологија беа најавени тројца добитници за оваа година – Мери Е. Брункоу, Фред Рамсдел и Шимон Сакагуши, за навистина голем придонес. Всушност тоа е комплекс на откритија од областа на целуларната имунологија, генетиката, целуларната биологија и сигнализирање. Нивното откритие тие го нарекуваат периферна имуна толеранција

 

Нобеловата награда е секако најфасцинантно признание што некој може да го добие за исклучително постигнување во една од неколкуте области. Имало и контроверзии во врска со некои добитници, особено во областа на литературата и за мир. Сепак, мислам дека на некој начин и тие придонеле за човештвото и културата и не е прикладно нивно тотално негирање. Има и такви што ја одбиле, како на пример Никола Тесла, Жан Пол Сартр и Ле Дук То, што е можеби уште пофасцинантно како израз на „убер его“ или супермен. Но во научните сфери како што се физиката, хемијата и медицината воопшто нема сомнение. Можеби има гиганти заслужни што не ја добиле наградата како Толстој, Менделеев, Ганди, или Салк и Сејбин, или Хабл и Хокинг… А што може да кажеме? Овој свет не е секогаш праведен, напротив – често е неправеден и сурово несовршен. Неодамна за медицина и физиологија беа најавени тројца добитници за оваа година – Мери Е. Брункоу, Фред Рамсдел и Шимон Сакагуши, за навистина голем придонес. Всушност тоа е комплекс на откритија од областа на целуларната имунологија, генетиката, целуларната биологија и сигнализирање. Нивното откритие тие го нарекуваат периферна имуна толеранција.

Што значи имуна толеранција? Ако во организмот влезе „туѓо тело“ – некој микроорганизам или нешто со повреда, организмот се бори за да го уништи и исфрли тоа тело – со антитела (хуморален имунитет) или со специјализирани клетки (целуларен имунитет), кои комуницираат со комплексен сигнален систем. Ова одамна ги фасцинирало луѓето – зошто организмот го отфрла „туѓото“, а го штити „своето“. Замислете трансплантација на кожа правеле уште во 6 век пр. н.е. во Индија за реконструкции на нос, уши или усни. Во средниот век, покрај кожа, правеле и пресадувања на коски. Како добиле имунотолеранција? Можеби било пресадување од себе на себе! Во 1818 година Џејмс Бландел од Лондон постигнал успешна трансфузија на крв, но АБО-системот на крвни групи како што го знаеме денес е откриен од Австриецот Карл Ландштајнер во 1901 година. Пресадување бубрег е успеано во 1954 година кај еднојајчени близнаци, а во 1960-тите со откривање „ткивни групи“ почнале со трансплантација на срце (фамозниот Кристијан Бернар), хепар, панкреас, а подоцна бели дробови, коскена срцевина итн. Одржување на „неотфрлањето“ се постигнува и со супресија на имунолошкиот систем („вештачки имунодефицит“) покрај ткивната група, што е опасно заради склоност кон инфекции. Имуна толеранција почна со опсервацијата на д-р Рој Овен од Висконсин во 1945 година. Тој приметил кај домашни животни дека ако се химери (близнаци каде што крвта се меша од една плацента) тие толерираат ткива едни од други. Тоа значи имуна толеранција може да се „индуцира“ во ембрионалниот период. Нобеловците Питер Медавар и Макфарлан Барнет со вшприцување туѓи клетки во ембриони и новородени животни докажале дека стануваат имуни на туѓи ткива. Значи постои некоја „порака“ што може да се пренесе на ембрионот или на новороденчето, но подоцна тоа не е можно. Можно е „моделирање“ на имуниот систем да го „препознава“ туѓото како свое и теоретски би можело да се направи секој човек да стане имунотолерантен на туѓи ткива. Исто така, можно е да се сфати и проучи автоимунитетот и евентуално да се лекуваат т.н. автоимуни заболувања. Такви заболувања се кога организмот не ги препознава своите клетки и ги напаѓа сопствените ткива.

Тие болести се на пример тироидните, дијабетесот (некои видови каде што страда панкреасот), ревматските болести, потоа некои болести на срцето (миокардитиси, перикардитиси, ендокардитиси), мозокот (енцефалитиси) или бубрезите (нефритиси). Болеста лупус еритематодес е состојба кога се создава „отфрлање“ речиси на сите ткива. Тоа „отфрлање“ е кога организмот создава фактори против себе – антитела, леукоцити или нарушен сигнален систем. Имено, имуниот систем личи на нервниот, каде што клетките (лимфоцити, „клетки убијци“, макрофаги) комуницираат со себе и со хормони, потоа „учат“, се адаптираат, командуваат и имаат „сензори“ што укажуваат кога и кого треба да напаѓаат. Сето тоа е контролирано од генетскиот систем (ќе кажеме подоцна). Слично е на компјутерите – мрежи (Нилс Јерне), машинско учење и вештачката интелигенција. Ако „информацијата“ е погрешна, тогаш напаѓаат погрешни ткива односно себеси. Овој систем е самозаштитник и од малигни болести. Секој организам постојано создава малигни клетки поради мутации (спонтани или индуцирани од хемиска средина или зрачење). Но нив ги уништува имуниот систем како „туѓи тела“. Ако нешто откаже во сигналниот систем и препознавањето – малигните клетки се размножуваат и тоа е она што клинички го гледаме како карцином. Тоа е и основа на она што го викаме „биолошки терапии“ во онкологијата, кои се уште во испитување и модификации. Кај нас тие предизвикаа турбуленции поради високите цени и основа за организиран криминал (како со пеницилинот во 1950-тите години).
Сега доаѓаме до годинашните нобеловци. Мери Брукоу од Универзитет Вашингтон го откри генот означен како ФОКСП3 (FOXP3), кој произведува протеин од групата ФОКС, кои ги регулираат гените за раст на клетките, пролиферација, диференцијација, изумирање, ембрионски развој, создавање матични клетки и траење на животот. ФОКСП3 ги контролира „регулаторните Т-клетки“ (Т-клетки се лимфоцити и разни популации имаат серија на имунолошки функции). Овие клетки ги создава тимусот (жлезда на тораксот) во ембрионот и раното детство, што после исчезнува. Тие „регулаторни Т-клетки“ исто така наречени трегс (Tregs), го командуваат имуниот систем да не напаѓа клетки што се сопствени. Тоа отвора можности да се направат лекови што ќе спречат отфрлање и на туѓи ткива. Со тоа се отвора поле на нови можности за трансплантирање (од кое било лице или од животни или вештачки апарати), но и за третмани на автоимуни заболувања и канцер. Токму тие „регулаторни Т-клетки“ ги открил вториот нобеловец Симон Сакагуши од Кјото со својата екипа. Фред Рамсдел открил дека мутација на генот ФОКСП3 доведува до тешки автоимуни заболувања. Секако дека овие откритија ќе стимулираат и развој на исти механизми кај други системи и органи. Очекуваме дека со овие успеси наскоро во иднина многу тешки заболувања ќе може да се лекуваат и превенираат.

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио