„Роден е со дарба за смеа и хумор, ама и со чувство дека светот полудел – Рафаел Сабатини“. Ова се воведни зборови на писателот Сабатини во книгата за Скарамуш, класичниот италијански лик од комедија дел арте. Фалбаџија и натрапник во црна шпанска облека, кој често се судира со уште еден голем лик од истата комедија дел арте, Арлекин. Тоа се ликови што на свој духовит начин и со голема доза итрина и лукавост внесуваат збрка во аристократските средини. Скарамуш е именуван од страна на авторот на популарниот роман од 1921 година за јунак на Француската буржоаска револуција. Истото го презеде и групата „Квин“ во култната арија „Боемска рапсодија“, во која се повикува Скарамуш да го одигра своето фанданго – игрив шпански танц со кој кабалеросите им се додворуваат на дамите од високото општество. Танцот е обично во брз тричетвртински такт и е по потекло од Андалузија. Со еден збор, за Скарамуш не е ништо свето, освен благодетноста и волшебната структура на позитивната енергија – животот, дури и кога до таа среќа се доаѓа на циркуски начин и со симпатичен дриблинг кон правилата наметнати од аристократите. На светот ништо, освен сјајот на златото и дијамантите, не е свето ниту за клептократите, олигарсите или авторитарците што гравитираат низ сите општествено-политички системи, вклучително и во демократијата. За класичниот италијански лик од комедија дел арте, светоста е симпатичен мајтап со елитите, кои не можат да се пофалат со многу ум на сметка на сопствената ароганција, пробивност и дрскост. Притоа, тој не го прави сето тоа за да профитира, туку душевно да биде исполнет.
Што значи ова? Во денешно време и во свет во кој „големите“ прават што сакаат, а „малите“ она што мора да го прават, потребни се Скарамуши, Арлекини, Итри Пејовци, Насрадини, Леровци. Ова за колку-толку да им се парира на големците за да се зачува она што веќе се поседува од дамнина. Едноставно, на дриблинзите да се одговори со дриблинг. Држави во изворна форма или што би се рекло со сувереност има сѐ помалку, додека елитите го користат тоа за да стануваат сѐ побогати, посилни и арогантни. Протокот на луѓе, памет, стока и идеи го предизвика стампедото што урива граници и носи окови на должничко ропство. Глобализацијата претпостави секаков вид капитал непречено да се сели и во земји со урнисани институции и корумпирани политичари. Одлична подлога за плодење капитал. Треба јасно и гласно да се каже дека исконска борба е таа што перманентно се води помеѓу богатите и обесправените во кое било општествено уредување. И покрај тоа што класната борба успешно се затскрива зад таканаречениот раст на стандардот. Злоупотребите се длабоко всадени во човечката природа. Пардон, не во секоја? По дифолт, ниту едно човечко суштество не е безвредно. Таму некаде во срамежливата средина чмаат интелектот и разумот, но тие се сѐ помалку влијателни бидејќи силата е таа што ги дефинира секојдневието и иднината, па лесно ги покорува, понижува или ги обезличува. Знаењето и науката исклучиво им се потребни за реализација на своите проекти – дриблинзи што носат екстра профити, а економските алатки потреба за рулет-игри во сферата на берзанските активности.
Сето она што е замислено во орелските гнезда на тие што „палат и гасат“, без збор се проследува низ светот и ние гледаме бледи реплики на институции во земји што сметаат дека се независни и дека интензивно работат за доброто на сопствените народи. Тешко е да се употреби груб збор, но тоа е вистината; светот крвави, светот полуде, светот се претвори во циркуски шатор под чиј покрив интензивно се одвива тангото на оние што доминираат и на обесправените. Колку и да е чудно, тие сепак се во меѓусебна зависност во играта во која едни аздисуваат и беснеат, а другите гладуваат поради гордо крената глава. Но, ете, тука е и можноста својата активност да ја спроведат лукавите Скарамуши бидејќи маските паднаа, а намерите, оние вистинските, се разголеа. Смешниците како Скарамуш треба да ја спроведат тактиката на сведната глава, а под тепсијата да месат брашно по свој терк. Дали е можно тоа? Некој успева, некој е изложен на „опаметување“ преку репресии.
Се чини дека светот никогаш не бил во состојба на зголемена збудаленост, која не нуди излез од еден дантеовски маѓепсан круг. За него не можат да најдат решение ниту најумните. Како и да е, решението повторно ќе го понудат оние што го динамизираат општествениот живот и повторно јавето ќе го претворат во рај. Секако преку леб и игри. Низ превезот на политичките настани во кои најпрвин Венецуела беше земјата што веднаш се согласи да ги прифати наметнатите правила на игра. Притоа не заборави пред својата и светската јавност да каже дека останува независна и горда, иако сите гледаме дека не е така и покрај моќната армија и 30 милиони жители. Украина имаше над 40 милиони жители, па не направи самостојност иако ѝ беше дадена можност. Беше ограбена од сопствените елити. Повторно студена војна? Подобро е да се каже дека дојде време за поделба на „пленот“. На малите им преостанува да се послужат со триковите на Скарамуш, а на поданиците секој да му ја мисли сам за себе. Колективитетот, заедничкиот интерес? Ама кому му е до него, иако до вчера сите стоеле на барикадите во одбрана токму на заедничките интереси. Впрочем, народот е тесто, нека е простено.
Но не е сѐ толку мрачно. Духот е нескротлива вредност, затоа и се поврзавме со итрините на ликот од комедија дел арте. При секоја кризна состојба во општеството од памтивек до денес, елитите нудат леб и игри. Светската јавност во моментот е преокупирана со илјадниците материјали за сѐ уште непотврдениот сексуален терорист Епстин или Епштајн, сеедно. Веројатно во наредните половина век „лежерно“ ќе се решаваат сите случаи од неговото богато досие – пракса од римско право. Треперат многу играчи што биле дел од неговиот тим десперадоси, кои колку до вчера заземаа многу значајни места во хиерархиската структура на многу држави. Да се разбереме, многумина од нив ги подучуваа малите како да стават залак во уста и притоа да не им застане во грлото. Последен што се „предаде“ беше господинот Лајчак, човекот задолжен за да ги среди состојбите на Западен Балкан! Господи, не знам уште со какви имиња ќе нѐ етикетираат, а без притоа да нѐ сметаат како аморфна маса?
Штотуку заврши европското првенство во ракомет на кое покажавме виден напредок. Со малку повеќе самодоверба, ете големи успеси. Заврши и Европското првенство во ватерполо во Белград, а веќе започнаа првите натпревари во годинешнава лига на европски шампиони. Леб и игри? Ама секако. Уживаме во натпреварите и се чувствуваме како да сме заборавиле на гајлињата. Барем оние на кои спортот им е примарен. Следуваат зимската олимпијада во Италија и денови на спортски рекорди. Бомбите и заканите нека бидат подалеку од спортските настани. Некој ги нарекува крвав спорт на оние од зад кулисите. Конечно, во јуни е новото Светско фудбалско првенство во Мексико, САД и во Канада. Како шлагфорт на лебот и игрите. За време на одржување на Олимпијадите, во Стара Елада запирале сите воени активности, а непријателите паѓале во заеднички прегратки по натпреварувањата. Но денес не важи тоа, оти на некои ништо не им е свето. Сепак, време е и елитите да разберат дека едни без други, нема просперитет и иднина.
Авторот е писател
Љубомир Јованоски

































