Политики на паланката (4)
Паланката како состојба на духот (тоа веќе го кажавме, но нека се повтори, за оние што нередовно го следат серијалов) се изразува низ два модуса на размислување: едниот е „конзервативен“ и подразбира глорификација на закостенетите паланечки вредности со негирање „на светот“, а другиот е „авангарден“ и подразбира негација на паланката, а глорификација на „светот“ што е „таму некаде“, не во паланката. Така тврди Радомир Константиновиќ, во својата „Филозофија на паланката“.
Овие два става најжестоко се судрија на македонската политичка сцена во моментот кога на политичкиот естаблишмент, кој му припаѓаше на вториот тип паланечко мислење („проевропски“), му падна на памет да ја преименува државата според грчките желби и да ја редизајнира историјата според бугарски терк. Од тоа преименување се очекуваше политичка полза, која, се разбира, како и секогаш, изостана. Остана само европаланечката разочараност, која им даде поени на оние паланчани од првиот, патриотски ков, кои ликуваа: „Велевме ние дека светот е расипан и дека САМО ние сме изворен свет“!
Но идејата за преименување не дојде само од амбициите на поединци да влезат во историјата како живи споменици од политичари што заслужиле Нобелова награда затоа што решиле вековен и НЕПРАВЕДЕН спор со соседите. Такво нешто не им падна на ум ниту на преродбениците интелектуалци од 19 век, ниту на интелектуалците и политичарите од 20 век – од рангот на Мисирков и Конески (кои не кодификуваа јазик според грчки или бугарски желби) или Киро Глигоров (кој не кодификуваше самостојна држава според грчки, српски или бугарски мераци). Таа слабоумна идеја дојде и од еден СКРИЕН модел на паланечко однесување кон имињата на нештата, кон ономатургијата. Паланката многу сака да ги преименува нештата, што доаѓа од нејзиното чувство дека е постојано измамена.
За тоа паланечко начело на „жртва што е измамена“, Константиновиќ вели дека доаѓа од паланечкиот страв „да се препуштиш на животот“, зашто животот знае, освен мир, да донесе и трагедија. Трагедијата подразбира трагичен јунак, а тој е секогаш НАТПРОСЕЧЕН И БОРБЕН и не ѝ одговара на паланката, која сака просечност и комоција. Конзервираноста на паланчанецот сака избегнување на трагедијата и борбата (агон): „Паланчанецот верува, со својот антитрагички нагон, дека трагедијата е за оние што дозволуваат да бидат измамени. Тој верува дека врвното начело е насекаде: начелото на измамата. Секогаш станува збор кој кого ќе измами“.
Следствено, паланката верува дека е измамена и на теренот на имињата што им се дадени на нештата при првото именување. Со тоа, паланката, без да биде свесна го поставува она прашање за ономатургијата поставено уште во „Кратил“ на Платон, каде што Хермоген и Кратил, во присуство на врховниот арбитар Сократ, расправаат дали имињата „се точни“ и дали им „соодветствуваат“ на нештата што ги означуваат. Се разбира, паланечкиот дух не го поставува тоа прашање „филозофски“ како Платон, зашто особина на паланката не е да ја бара и да трага по вистината (на филозофски начин, со расправа и аргументи), туку таа верува дека вистината е дадена однапред и дека таа ЈА ПОСЕДУВА. Така се понесоа и нашите политички паланчани при носење одлука за преименување на државата: не прашаа никого, ниеден Хермоген, Кратил, Сократ или Платон, ниедна интелектуална институција, камоли поединечни интелигенти.
Токму чувството на измаменост во паланката се јавува како НЕПОДНОСЛИВА ЛЕСНОТИЈА НА ПРЕИМЕНУВАЊЕТО, за да им се вратат „вистинските имиња“ на нештата. Тоа е оној добропознат паланечки нагон за „кумување“ со прекари, исмевање поединци што оди до суровост, вели Константиновиќ: „Овој нагон за исмевање на сè што е исклучително, на сè што отстапува од вообичаеното, е извонредно силен во паланечкиот дух и оди дури и до поруга на физичките мани на поединецот. Потсмевот секогаш чека подготвен во паланката, потсмев за секоја особина по која поединецот се разликува од другите. Паланката, во таа смисла е извонредно вредна; таа именува постојано, а духот на паланката се јавува како еден дух на КУМУВАЊЕ кој никогаш не се заморува… со сила која оди до чиста свирепост“. Така, во паланката ќе чуете погрдно „Пикасо“ (за аматер што слика наива), „Аристотел“ (за човек што логично размислува и ја критикува паланката), „Пречесниот“ (за човек што осудува неморал), „Терзијата“ (за некој добар хирург), „Ајнштајнот“ (за некој праведен професор по математика), но и „Ќопавиот“ или „Ќоравиот“ (за некој што куца или има висока диоптрија). Суштината е: на паланката ѝ се чини дека само таа ги знае вистинските имиња за луѓето, а тие „повистинити имиња“ обично се ПОТСМЕВ.
Што се случи со името на Македонија?
Истото што се случува и со навредливото кумување и давање прекари во паланката. Тогашна Република Македонија, која бараше (и сè уште бара) прием во „северните“ земји, според тоа свое својство, беше именувана како „Северна“. Се разбира, идеалниот прекар би бил „Западна Македонија“ (зашто вообичаено се вели дека бараме прием „на запад“), но тоа не било можно, затоа што незгодно асоцира на сецесија на онаа Македонија со мнозинство Албанци, од „матицата“. Така, се доби гротескен, потсмевлив прекар како уставно име: Северна Македонија. Најјужната земја на некогашна Југославија стана посеверна и од Словенија, а нашите јужни вина (за кои еден српски поет, Драган Данилов, напиша и стихозбирка „Алкохоли од југот“), сега станаа северни вина.
Ете како и во навидум сосема „европските“ политички одлуки „за мир и добрососедство“, за жал, се крие обичен паланечки менталитет – односот кон имињата и прекарите. Се крие и ПРАГМАТИЗМОТ (а со него и егоизмот) на паланката. Од детството помнам една сцена кога група пијаници, во една наша паланка, пред локалната кафеана се забавуваа принудувајќи еден банкротиран алкохоличар да лае, за да му купат пиво. Но поставија услов – да залае секогаш кога ќе чуе дека го викаат „Шарко“. Тој прекар му остана до смртта.
Тој, од ПРАГМАТИЗАМ се согласи да го преименуваат, така што паланечкиот прекар му остана како трајно име. Сакам да кажам дека во процесот на преименување на Македонија голем удел имаше и светската, западна паланка. Не треба многу мудрост да се сфати дека тие светски паланчани ја играа улогата на оние „алкоси“ со пари, а ние улогата на Шарко. Паланечкиот дух кружи не само над нас, овде, во Македонија, туку и над Европа и светот, како баукот од комунистичкиот манифест. Само да не се рашири вирусно, како што се раширија комунизмот и фашизмот. А ми се чини дека тие три нешта се – едно исто.