Ни војна ни мир

  • Победата е сигурно на руска страна, тоа го знае Трамп и сака брзо мирно решение. Украинците сакаат мир, бидејќи не им се гине залудно. Тоа не го прифаќаат Зеленски и ЕУ. Свесни се за поразот, но мирот го кочат. Европа е историско заминување, исто како некогашната Стара Грција или Елада, која е само легенда
  • Дали е мирот профит? Да? – Тогаш мирот, како што порано рековме, е бизнис. Тука би дошол до израз нашиот коридор 10 (Грција, Македонија, Србија, Унгарија, Австрија, Чешка, Словачка, Германија и Русија) – тоа што Бугарија смешно го нарекува „српски свет“. Веруваме дека желбата за мир во Украина е искрена

Малку познатиот српски писател и критичар Ратко Пековиќ напиша книга со наслов „Ни рат ни мир“ („Ни војна ни мир“), која се однесуваше на Југославија пред распадот, со сета политичка корупција на системот, предавништво, шовинизам, крај на човекот и војна. Родител си, замисли кој е стравот дека утре ќе те нема, ќе го убијат твоето дете, манијаци, волци, олош. Стравот е полош од гладот. Се борат етиката и естетиката, некогашниот кроато-српски коктел сервер псевдокомунизмот, кој еволуира во распад од лицемерно-псевдополитичкиот џган. Некогашните Лубарда, Ивана Коблица, Мартиновски, Мазев, Конески, Киш, на крајот завршија со Марина Абрамовиќ. Замислете, Марина е врв на посткомунистичкиот мозок…
Се сретнаа претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп, спектакуларно, како реприза на Јалта или Техеран. Камери, коли, репортери, шпиони, дронови, сателити, сѐ е растрчано. „Big expectations“. Колку се надеваат дека ова е последна крв. Лажи ме, но надеж дај ми! Исто како во моето детство Кенеди и Хрушчов, или Никсон и Брежњев, или Никсон и Мао. Тие беа херојски спасувачи на ужасниот свет. Ги гледам ракетите на Иран и Израел, Газа хорор… мора ли така да се умре? А подоцна во Југата се сретнаа Милошевиќ и Туѓман. Не излажаа. Односот политичар-маса е измама. Партијата е лага! Мислат дека им веруваме! Некогаш Кисинџер имаше средби и се случуваше инстант мир. Дали ќе има инстант мир сега? Дај Боже, ама не ми се верува. „Ни рат ни мир“ – евангелие на профитот. Преку милион вкупно се загинати во Украина, а преку 15 милиона се раселени. Уште ќе има. Можеби уште еден милион. Амин да не дојде кај нас. Долу фашисти! А кој е фашист, оној долу или оној горе? Лев или десен? Двајцата се поздравија… само што не се бакнаа. Едни викаат урааа, други викаат уаааа, па исто е. Повеќе има зелени знамиња од други – дали се украински или палестински? Тие не се фактор. Прво, менталитетот на Трамп е како квантум честичка – истовремено ваму и таму. Може ќе го фати некој криптоаналитичар. Путин е длабок, таен, како Лобачевски. Од него најмногу зависи што ќе биде. Интуитивно верувам дека неговото кантовско „априори“ е вграден мир. Ако Украина ја замислиме како конфликт меѓу „длабоката држава“ и Русија, тогаш Трамп е како Метју Нимиц. Ако дојде до Преспански договор, Македонија го доби НАТО, а Америка ќе го добие БРИКС. Ајде глупости! Не, не, не се глупости – ако Америка го спаси доларот, значи е БРИКС. Размислете. Можеби денес ќе го спаси. Еден обид за „хируршка“ пенетрација во БРИКС е средбата со индискиот премиер Шри Нарендра Моди, интелигентен потег, но секако не сосема изводлив. Во свое време во „неврзаните“ Тито успеа да ги внесе и Индија и Пакистан и Африка. Низа теократски системи ги трансформираше во „социјалистички“. Индонезија беше „џоинт“ Тито-ЦИА проект (Сухарто), прилично јак удар против комунизмот (Кина). Кина (Мао) одби да биде во таа групација. Подоцна Кина стана „капиталистички комунизам“ (по Фридман), со невиден успех.

Јасни се барањата на Путин – безбедносна територија, денацификација (всушност гаранција за мир и рамноправност на Русите во тие краишта), повлекување на НАТО и економија (ресурси, укинување санкции, бизнис, развој). Америка е заинтересирана за профит. Дали е мирот профит? Да? – Тогаш мирот, како што порано рековме, е бизнис. Тука би дошол до израз нашиот коридор 10 (Грција, Македонија, Србија, Унгарија, Австрија, Чешка, Словачка, Германија и Русија) – тоа што Бугарија смешно го нарекува „српски свет“. Веруваме дека желбата за мир во Украина е искрена. Мир – за „слободна војна“ на друго место. Тоа место може да биде Израел, Иран, Азија, Супсахара, Тајван…. Тотален мир е – небулоза. Мир е подготовка за војна. Мора да букне. Балканот? Тиганот е загреан, мозоците… никогаш и ги немало. Почнува со шарената револуција во Србија, а после? Македонија? Ќе го „мавнат Вучиќ“, а потоа Србија ќе стане мизерен заевизам. Ако ја споменат сега Србија, таа ќе оди во Русија. Не верувам дека тоа ќе го чепкаат. Украина? – Секако – петта точка, а другите? Поважни? (Оружје, космос, монетарни, бази, влијанија). Дали ќе дојде до мир? – Не, но ова ќе биде увертира. Дали границата ќе биде Днепар? Трамп мислам дека би се согласил, но би имал огромен притисок од силни фактори, пред сѐ внатрешни (Федс, Пентагон, ЦРФ, ЦИА, компании), но и надворешни, пред сѐ ЕУ и Зеленски, кои многу не ги ферма. „Ројтерс“ вели од некој „ликиџ“ дека границата се Донбас, Донецк, Луганск, Покровск, Запорожна, Херсон, Харкиф, Суми, Миколаив, Днипропетровск, Севастопољ. Не верувам! Мислам ќе биде Дунав, Днепар, Црно Море. Евентуално меѓу Днепар и освоеното – според она што го гледам на некои ТВ-канали. Победата е сигурно на руска страна, тоа го знае Трамп и сака брзо мирно решение. Украинците сакаат мир, бидејќи не им се гине залудно. Тоа не го прифаќаат Зеленски и ЕУ. Свесни се за поразот, но мирот го кочат. Европа е историско заминување, исто како некогашната Стара Грција или Елада, која е само легенда. Тие што се иселиле во Европа, од индустрија одат во црна металургија или остануваат без работа и ќе се вратат дома.

Ах, заврши разговорот! И што? Ништо – мир нема. Како би рекол царот, најголемиот цар и најголемиот султан – „како и досега“. Некои аналитичари мислат дека ова е „големо ресетирање“, т.е. претпочеток од кој ќе се бараат причините за војни и од таму да се почне. Збигњев Бжежински во својата последна книга „Стратешка визија“ вели дека светот ќе стане мултиполарен. Ете тоа почнува со оваа средба. Многу се употребува зборот „ќе“ – го украдоа од нашите политичари. Едно сигурно ќе се случи – средба во Москва. Ах, колку им завидувам! Можеби ќе влијае ехото од старецот Серафим и Рерик, па ќе се створи поубав свет. Трамп ќе ја одложи „орбитата“ (Гренланд, Канада, Јужна Америка, Медитеран….), а тука е и нашиот коридор 10. Трпение, спасение.
Војната во Украина ќе продолжи, мизеријата во Газа ќе продолжи, Иран ќе зајакнува, а Кина си има своја траекторија. Европа е џихад. Трамп ќе мора да се бори со коалицијата Федс, безбедност, Пентагон, инфлација, долар, Европа, Зеленски, Нетанјаху, Епштајн, Хамнеи, Кина итн. Дали ќе воведе санкции кон Русија? Сега кога го стекна својот „нов пријател“, тоа би било апсурдно и глупаво. Тоа ќе ја наруши неговата идеја за „голем бизнис“ со Евроазија. А портретот на Европа? Се фрла во постмодернизам, кроки, фуснота, Хазарија. Да земеме некој лидер. На пример канцеларот Мерц, кој бара пет точки и се заканува со војна. По класификација на Ернст Кречмер за карактери, тој е типичен колерик – амбициозен лидер, сака да биде прв, менаџер, конфликтоиден, педантен, опсесивен, по Аристотел проприетарец (да има имот), по Парацелзус гном, ситна личност, по Хипократ жолчен, а по пророкот Езекил – огин и лав. Дали личи на некого? Мене ми личи на Линдон Џонсон (Виетнамска војна), Геншер (распад на Југославија и војни) или Бегин (прво терорист, потоа мировник, прагматик). Ќе направи војна? Мене ми заликува на Ајхман и Вуди Ален. А Макрон? – Сангвиник – мобилен, раздвижен, иницијативен, сака дружење, променлив, темпераментен, весел, по Кречмер дури и хипоманичен, истражувач, инквизитивен, дионизичен, по Фром – пазарен (банкар), по Кант – енергичен, по Парацелзус сила (воздушност, лебдечки), по Аристотел хедонист, по Хипократ крв (влажен, топол), по Езекил – орел (лета високо). Мене ми личи на Жан Пол Белмондо и лисица, што значи итрец и шармер. Секако, овие личности не се портрети на своите држави, но тие носат одлуки. И обајцата не се симпатизери на средбата Путин-Трамп, бидејќи во играта се во втора лига и аутсајдери, ама вербално аплаудираат. И што да се прави? Во дарвинизмот важни се најсилните, а другите се послуга. А Зеленски е како скакачко тело (bouncing ball), лажен стратократ (милитократ), личи на Наполеон ама е обратен, прави огромна штета на својата земја, смета на преговорите, „упикувач“ на европските залутани лидери. За чудо, ја поддржува средбата. А што ќе прави? Мислам дека на крајот ќе заврши како Чаушеску, ако навреме не избега. Александар Дугин ја пофали средбата велејќи „трампистите и следбениците на Трамп ќе разберат многу повеќе која и што е Русија“. Песков вели ова е епохален шифт. Во Америка има пролиферација на противници. Адмирал Џејмс Ставридис вели дека ова е дипломатски „rope a dope“ (боксерски термин) каде што Трамп е затегнат на оградата и треба да возврати удар (со војна). Уффф – ужасно. Сенаторот Блументал вели дека ова е само некаков циркус, кој уште повеќе ја комплицира состојбата, но говорот е „импресивен помак“, кој го следи акција. Ен-пи-ар (National Public Radio) го нарече самитот „смешен“, базирано на осумстран лист најден во печатницата на хотелот, а „Д хил“ одговара дека Белата куќа не прифаќа коментари од институција депривирана од финансирање од даночните плаќачи.

Чак Шамер (лидер на сенаторското малцинство) вели дека Трамп ја предал Украина и за тоа нема Нобелова награда. Генерал Филип Бридлав (поранешен НАТО-командант) вели дека Трамп ветил ако нема мир, нема друг состанок – што правиме сега? Болтон вели Трамп не изгуби, но Путин победи. Тутси Габард, шеф на разузнавање на САД, има нијансиран став – вели дека преговорите се позитивни, но се чувствува скептицизам во однос на разузнавањето. Постои дивергенција меѓу официјалната политика и принципите на шпионажата. Агенциите го прават она што не го очекуваме – соработуваат или играат со противниците, методите се неочекувани, јавноста има само сегмент на неточни информации, бруталноста е незамислива, нема дистинкција меѓу фашизам и демократија, сексуалните манипулации прогредираат (Епштајн е мал сегмент) и сето тоа ќе продолжи така. За антитероризмот сигурно ќе стане збор, но да не заборавиме кој де факто го креира. Стефан Миран е човек на Трамп, номиниран за шеф на Федералните резерви после Адриана Киглер. Ова е генијален потег на Трамп, ако успее Федс да ја „стави во џеб“. А за Македонија – што значи овој митинг? Психолошки релакс дека „некогаш“ војната ќе заврши. Остануваат на маса за решавање цените, сиромаштијата, „параплегичното“ здравство, сакатото земјоделство, етношизофренијата, водата, Бугарите, Уставот, судовите, белата смрт… знаете.

Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио