Случаите со археолошките локалитети Бањичко кале близу селото Горна Бањица, Гостиварско, како и Градиште кај селото Глишиќ (сега приградска населба на Кавадарци), а поврзани со инвестициите на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за коридорот 8, односно инвеститорот „Магма ДМ гринфилд“ за поставување фотоволтаици, на виделина ја исфрлија незавршената работа на системот за заштита на културното наследство преземена во сега веќе далечната 2005 година. Малку хронологија: во 2004 година е донесен првиот македонски Закон за заштита на културното наследство со кој е и формирана Управата за заштита на културното наследство како орган во состав на Министерството за култура, воспоставена е територијална надлежност на постојните заводи за заштита на културното наследство, реструктуриран е Републичкиот завод за заштита на културното наследство во Национален конзерваторски центар, а Заводот за заштита на спомениците на културата за Град Скопје во Конзерваторски центар – Скопје.
Една од првите и најважни задачи што следуваше по овие законски преструктурирања во оваа област е преземената законска обврска за ревалоризација на културното наследство за периодот 2005 – 2008 година, процес особено важен за недвижното наследство, бидејќи е поврзан со изработка на документација од плански карактер, како детални или генерални урбанистички планови, просторни планови, но и геолошки истражувања и експлоатација на минерали суровини итн. Во таа смисла, ревалоризацијата е клучен предуслов за планирање на сите идни инвестиции од стратегиски карактер, а притоа да не биде загрозено регистрираното културно наследство (прогласено културно наследство), како и евидентираното културно наследство (за кое има основани претпоставки дека поседува својства на културно наследство), но тука треба да се има предвид и резервираната археолошка зона, т.е. топографски определена целина за научно толкување и ползување, свесно резервирана за идните генерации археолози.
Во законска смисла, ревалоризацијата подразбира стручно и научно преоценување на вредностите и својствата на културното наследство во функција на потврдување, проширување, засилување или намалување на дејството на заштитата, вклучувајќи и нејзино изземање или престанување. Во оваа смисла, ревалоризацијата на недвижното културно наследство е еднакво важна, како и една ажурирана геодетска подлога!
Зошто е толку важен овој процес? Актите, со кои е прогласено постојното културно наследство од повоена Македонија, па до донесувањето на посочениот Закон за заштита на културното наследство, не поседуваа доволно исцрпни и содржински прецизни податоци за одредено културно наследство, особено тие изработени во 50-тите и 60-тите години од 20 век, што е и разбирливо за држава во зачеток на своето развојно постоење. Ако се оди, пак, и во подлабинска анализа, во нив се гледа дури и развојот на стабилноста на македонскиот стандарден јазик, па така имаме изрази од типот „…се запишуе куќата XY како споменик на културата…“
Имајќи ја предвид дефиницијата на поимот ревалоризација, со преземената обврска за периодот 2005 – 2008 година требаше да ја реши прецизноста на податоците за културно наследство, вклучувајќи го и недвижното, да понуди прецизни граници за недвижното културно наследство и определување контактни зони, како и дефинирање соодветен режим на заштита во тие два простора врз основа на изработени заштитно-конзерваторски основи, кога е изработен просторен и урбанистички план, односно заштитно-конзерваторски услови, кога не е изработен урбанистички план. Сите овие параметри се од исклучително значење заради усогласување со документацијата од плански карактер, која произлегува од Министерството за транспорт и врски и локалната самоуправа. Сето ова во практична смисла значи катастар на недвижното културно наследство!
Ревалоризацијата всушност претставува содржинско систематизирање на веќе постојни документациски и објавени податоци за конкретно културно добро според правилата на подзаконскиот акт именуван како Правилник за валоризација, категоризација и ревалоризација на културното наследство. За таа цел вработените во Управата за заштита на културното наследство уште во 2005 година изработија посебни потсетници за постапката на валоризација, односно ревалоризација на културното наследство со цел да им се олесни работата на колегите од институциите што се занимаваат со непосредна заштита на културното наследство. Тие потсетници всушност беа извлекување на суштинските елементи од горенаведенот правилник. За спроведување на овој процес не се потребни обемни научни истражувања, бидејќи во самиот елаборат за ревалоризација постои ставка што укажува на потреба од евентуални дополнителни истражувања, но тоа не е пречка да се донесе новиот акт за заштита на конкретно културно добро врз основа на спроведена ревалоризација.
Во однос на законски преземената обврска за ревалоризација, особено за недвижното културно наследство, податокот од Државниот завод за ревизија во својот конечен извештај „Ефикасност на политики и мерки за заштита, управување и ревитализација на недвижното културно наследство“ од декември 2022 година, како и во Соопштението за медиумите од 4.1.2023 година, само го потврдува овој сублимат околу оваа исклучително значајна државна операција, при што е констатирано дека има само 18 отсто ревалоризирано недвижно културно наследство. Ќе нагласам дека од ажурираните податоци за недвижното културно наследство понатаму зависи квалитетот на Регистарот за недвижното културно наследство, кој, пак, е темелот на Националниот информативен систем за културното наследство, суштината за рационално планирање на сите идни капитални инвестиции, а притоа да не се доведе во прашање загрозувањето на културното наследство.
Не е помалку различна состојбата и со евидентираното културно наследство, ставка во заштитата на културното наследство што има понизок степен на третман од прогласеното културно наследство. Што претставува ова наследство кажано поедноставно? Евидентираното културно наследство чека на ред да биде на списокот од регистрираното, односно прогласеното културно наследство. Слично систематизирање на податоците за културното наследство, а нас во случајов нѐ интересира недвижното, треба да биде спроведено, пак, врз основа на друг подзаконски акт именуван како Правилник за содржината и начинот на водење на заштитните евиденции на културното наследство и добрата за кои основано се претпоставува дека претставуваат културно наследство, на дисперзираното и странското културно наследство, како и начинот на вршење на нивните ревизии.
Бидејќи не ми е познат документацискиот статус за конкретните два случаја, доколку не е спроведена валоризација, односно ревалоризација на културното наследство или, пак, не е спроведена заштитната евиденција, колегите од надлежните територијални заштитни институции се принудени да се потпираат на податоците од нивната затекната постојна документација, како и од Археолошка карта на Република Македонија том I (1994), том II (1997) и том III (2002) во издание на Македонската академија на науките и уметностите, кои ја немаат доволната прецизност, а секако и излегување на терен со рекогносцирање.
Но сето ова значи снаоѓање во ситуација, но не и системско дејствување на релацијата заштита на културното наследство со инвестиции од стратегиски карактер.
Сето ова, пак, влегува и во доменот на интегрираната заштита на културното наследство, што подразбира вкупност од мерки за зачувување и активно вклучување на недвижното културно наследство како фактор на одржлив општествен развој, особено во областа на планирањето и уредувањето на просторот, инвестициската изградба, заштитата на животната средина и природа и друго.
М-р Александар Јорданоски
Авторот е лингвист и експерт за заштита на културното наследство