(Не)возможноста на мирот: поглед од „Валдаи“

Службите веќе веројатно го имаат забележано тоа педантно, но еве и јавно да раскажам за моето прво учество на годишната конференција на познатиот дискусионен клуб „Валдаи“ од Русија, кој веќе 20 години се среќава во близината на Сочи, под прекрасните планински врвови на рускиот Кавказ. Лично, оваа година е за паметење по многу нешта. Првите (две) посети на Кина, а сега и на Русија, се секако некои од позначајните. Поради форматот на конференцијата, не можам да ви раскажувам за Русија на начин на кој тоа го направив за Кина. Собрани околу 130 учесници (професори, аналитичари, стратези, дипломати, бивши генерали, новинари – повеќето од странски земји, а помалку од Русија) од над 50 држави четири дена разговараа на панели, кои се одвиваа од 9.30 часот наутро буквално до 9.30 ч. навечер. Темите беа навидум различни, но поврзани и интересни, што во секој момент салата беше преполна: од вештачката интелигенција до екологијата, финансискиот систем, до војните и мирот. Неколкутемина што ги познавав од порано, а кои биле редовни гости на „Валдаи“, ми кажаа дека во времето кога пред 20 години била одржана првата ваква конференција, нештата се менувале најмногу во поглед на составот на гостите: всушност, доминирале ѕвездите на западната академска и јавна сцена, затоа што и Русија во тоа време сè уште вложувала напори и се надевала дека ќе биде прифатена како партнер во европската безбедносна заедница. Колку наивно сега звучи тоа уверување дека Западот ја победил својата русофобија, па дури и расна дискриминација во однос на сè што не е западно! Во сегашните променети околности, гостите доаѓаа од сите четири страни на светот. „Валдаи“, како и светот, стана(л) мултиполарен. Ако ве интересира кои од „нашите сојузници“ беа застапени, иако секој настапува во лично, а не државно име, покрај мене (која, ете, доаѓа од НАТО-држава), таму беа и колеги од Канада, Обединетото Кралство, Норвешка, Грција, Италија, Германија, Швајцарија.
Иако ова беше моја прва покана од клубот, бев почестена со улога на спикер, и тоа на еден од „најжешките“ панели: за војната и мирот во Украина. Сесијата беше онаа последната, по вечерата. На миг дури и се запрашав дали по долгиот и напорен ден воопшто ќе има публика. Но, се излажав, бидејќи не само што беше апсолутно посетен, до последното столче, туку и траеше многу подолго од другите, поради огромниот наплив на прашања. Мои соговорници беа колеги од Турција, Кина, Русија, Ирска и од Молдавија. Можеби ќе звучи нескромно, но за бурната дискусија делумно бев заслужна и јас со својот мировен пристап и уверувањето дека насилството раѓа насилство, а ООН е втемелена врз принципот на „мир со мирни средства“. Најблиску до мене беше извонредниот професор Венг Вен, кој зборуваше низ призма на кинеската државна мировна филозофија. По барање на домаќините имав напишан текст, но инспирирана од целодневната дискусија одлучив да зборувам како што обично правам: слободно, без читање и само со нагласување на неколку поенти, кои ги бележев додека ги слушав другите. Накусо, влегов во дијалог (и) со луѓе што сметаа дека военото решение е единствено можно, а дека примирјето би ја зајакнало другата страна. Ја елаборирав јасно мојата теза дека конфликтот во Украина не беше неиспровоциран (како што тврди западниот наратив), дека зад него стоеја империјалистичките западни амбиции спакувани во тезата за ширење на НАТО, а и дека не започна во 2022 година, туку многу поодамна (дури и пред „обоената револуција“ од 2014 на Викторија Нуланд). Притоа, украинскиот конфликт има три нивоа: внатрешен конфликт, судир меѓу две соседни држави и, конечно, најзначајното и најопасното ниво е прокси-војната на Западот против Русија (со Кина во нејзината заднина). Ако сметате дека ова се бласфемични тези гледани низ призма на Западот, ќе ви кажам дека некои од нив не беа дочекани со аплауз ниту од домаќините. Познатиот Караганов ми одговори доста решително и луто и замина од салата, па не го ни слушна мојот одговор. Тој беше во духот на антивоените протести од Виетнамската војна: if war is the answer, then it’s a f***ing stupid question! (Ако војната е одговорот, тогаш прашањето е за***но глупаво).

Доцна во вечерта се чинеше дека само јас и кинескиот колега стоевме цврсто на страната дека е итно потребно да престане крвопролевањето, да се најде начин за прекин на дотурање масло на огнот што се заканува да го проголта светот, дека воена победа ќе биде Пирова за сите и дека таквиот мир ќе продуцира само нови војни. Секако, очекувавме трети (неутрални) земји да се појават како посредници и да овозможат услови во кои би се разговарало за завршување на оваа војна, која однесе стотици илјади животи.
Додека уште зборував и гледав околу себе, си помислив:„Е па, Билјано, нема да ти биде првпат, да те поканат – ама само еднаш и никогаш повеќе“! Чекав да видам што ќе донесе утрото, какви ќе бидат реакциите на учесниците. И се случи чудо: од тој момент до крајот ми приоѓаа луѓе од цел свет со честитки за одважноста, искреноста, човечноста и принципиелноста со која ги бранев позициите на мирот. Еден индиски дипломат ме утеши: ние не сме тука да задоволиме никого, туку да го зборуваме она што го мислиме. Домаќините покажаа поголемо ниво на демократичност и разбирање за инаквите ставови какво што нема денес да најдете на Западот, кој веќе ме има „канселирано“ (ставено на црна листа). Постар грчки учесник не пропушташе да ме поздрави топло и да ми каже: само вие зборувате за Газа, секоја ви чест. Дури и кога се зборуваше за соработка на цивилизациите, јас мислев дека додека тече крвта на палестинските деца ние не заслужуваме да се наречеме човечка цивилизација.
Би ми била потребна посебна колумна да го опишам медиумски најатрактивниот дел: обраќањето на претседателот Путин (откако претходно ги видовме и чувме интелектуално фасцинантните Лавров и Захарова)! Пинки го виде Тито, а јас го видов и слушав Путин цели четири часа. Без трошка умор, деконцентрација или застој на мислата, не само што одржа говор што сега го проучуваат сите важни центри во светот туку и начинот на кој одговараше на прашањата од публиката зборуваат за еден извонредно интелигентен, луциден, елоквентен и промислен државник. Овој настан се одржа на ден откако ги анализиравме резултатите од изборите во САД. Во една пауза успеав на Јутјуб да го слушнам победничкиот говор на Трамп. Спореден со тој на Путин, сè што може да се заклучи е дека разликата е „леле, мајко!“. Со кого би преговарал Путин? Зеленски е марионета и никој не го есапи за повеќе од глумец и фасада на државноста на Украина. Дури ни Урсула и ЕУ не се партнер во евентуални преговори (на сметка на Шолц, Марија Захарова направи намерна шега велејќи дека му го заборавила името на германскиот канцелар што тукушто ја изгуби власта; во својот говор, Путин отворено кажа дека неговите експерти му велат дека во Брисел недостига ум, т.е. дека има празни глави). И сега го слушате Трамп, кој зборува како дете од 15 години, со прости и припрости реченици. И кој не е тој што (ќе) управува со земјата. Карикатурата за израелското лоби (и воено-индустрискиот комплекс), кое победило во сите сојузни држави, се покажа вистина, а не претерување.

Во „Валдаи“ акцентот на анализата беше повеќе на факторите што доведоа до убедливата (а не тесна) победа на Трамп и неговото МАГА-движење, а помалку за тоа дали тој ќе го исполни ветувањето дека за еден ден ќе ја заврши војната во Украина (тоа веројатно сите го сметавме за нонсенс, но постоеше одредена надеж од која никој не сакаше да се откаже – дека можеби ќе дојде до повторно воспоставување на дипломатска комуникација меѓу Вашингтон и Москва). Путин беше одмерен во коментарите на оваа тема и куртоазно, иако имплицитно, му ја честиташе победата на американскиот колега. Радика Десаи ја кажа бруталната вистина: „Трамп не е добра вест за никого, дури и кога се радуваме што заминува Бајден“.
И мојот став за лажниот избор меѓу Трамп и Харис веќе го напишав: изборот меѓу две зла, без оглед кое е поголемо, а кое помало, среде ваков критичен момент за судбината на човештвото е сепак – зло. САД остануваат империја на хаосот и живеат со соништата на семоќта на богот на војната Марс (или евентуално, застрашувањето на сите останати). Ако е и рано да се суди за политиките на Трамп (за кого верувам дека тој нема ни капацитет да формулира политика или стратегија освен профитот и егото), номинациите на личностите од неговиот кабинет веќе доволно зборува дека јастребите остануваат доминантни. Гулаби на мирот нема на хоризонтот. Наскоро и американскиот граѓанин, како и македонскиот, на само неколку месеци по изборите, ќе се преколнува што дозволил да биде излажан или ќе се залажува со она дека надежта последна умира.
Признавам дека сега со уште поголема доза песимизам гледам на она што следува. Путин е во право кога вели дека би разговарал за мировен план, ама нема со кого. Некои ме прашаа која би била мотивацијата на Русија сега да прифати прекин на огнот (кога ѝ оди добро на фронтот). Мојот одговор беше БРИКС, кооперативниот мултиполарен систем што се темели на економска и технолошка соработка и развој, а за кој војната е пречка. Ако имаше заедничка нишка на поврзување меѓу учесниците на „Валдаи“, тоа беше потенцирањето на фактот дека новиот мултиполарен (или мултифоничен, како што го нарече Путин) поредок не е антизападен, туку е незападен. Најточниот израз е антихегемонски систем во кој од САД ќе очекува да се однесува како нормална држава, како една од многуте. За тоа е нужно соочување со фактите дека светот влезе во постамериканска ера, тој не е истиот што Трамп го напушти пред четири години. Но (божем) новиот кабинет на Трамп наликува на куќа од хорор-филм; како што стануваат познати имињата на клучните политички фигури и се отвораат биографиите, така станува јасно дека Трамп бил кандидат на мирот колку што тоа беше и Зеленски. Москва не им верува на циркузантите, а не им верува ни Пекинг, ниту никој нормален на светот. За жал, клучот за мирот во Украина, Газа, Судан, Конго итн. лежи во САД, но не на начин на кој обично се мисли. САД ќе мора да доживеат имплозија внатре во сопствените граници. Глобалното мнозинство ќе внимава на овие случувања, но мора да ја задржи сопствената прогресивна агенда.