Невидливиот фронт: Кој се плаши од македонскиот идентитет?

  • Сите овие сили не го гледаат македонскиот идентитет како културен факт, туку како геополитички плен! Кој ќе го дефинира, ќе управува со нацијата.
    Очигледни и перфидни се нивните политички пулени во Македонија, кои медиумски и финансиски ги спроведуваат наредбите од странските центри. Штетата што ја прават на домашен терен е огромна…
  • Македонија мора да има стратегија, а не реакција. Надворешната политика треба да биде јасно определена, идентитетот не се преговара, не се договара, туку се афирмира. Преку сите билатерални канали, резолуции во меѓународни тела и преку јавна дипломатија. Тоа мора да го договорат македонските партии, цврсто и непоколебливо. Да работат и позицијата и опозицијата
  • Она на што сакам посебно да дадам акцент е промоција на македонскиот јазик и култура преку дијаспората! Неколку години и јас сум дел од македонската дијаспора. Резидентните Македонци ја гледаат дијаспората како заостанати Македонци што возат камиони, мијат чинии по ресторани и го веат знамето со сонцето од Кутлеш по третата ракија. Но, сепак, постои и „друга дијаспора“ составена од сопственици на огромни компании, директори на корпорации, академски научници и професори, банкари, програмери, финансиски советници, врвни интелектуалци и уметници

Повеќе од три децении по осамостојувањето, Македонија и понатаму се наоѓа во парадокс, држава што е меѓународно признаена, со јазик и култура признаени и потврдени од светот, но со идентитет што постојано е предмет на сомнеж, оспорување и условување. Овој феномен не е случаен, ниту пак изолиран. Тој е резултат на долгогодишна политика на историски ревизионизам, балкански комплекси и геополитички интереси, кои ја третираат Македонија како терен за туѓи амбиции, а не како субјект на сопствена историја. Секако, тука треба да се земат предвид и поставеноста на сите досегашни влади, немањето заеднички став околу оваа тема меѓу македонските партии, кусогледоста на некои политичари и одработувањето странски агенди за лични лукративни интереси.

Историјата како алатка за уцена

Во нормални односи меѓу држави, историјата служи за помирување и соработка. Но во балканскиот контекст, таа станува продолжение на дипломатијата со други средства. Бугарија, членка на ЕУ, го условува македонскиот пат со признавање „заедничка историја“ и прифаќање дека македонскиот јазик е „нормативен израз на бугарски дијалект“. Тоа е премин од билатерален спор во институционализирана негација, зацврстена преку блокади во Брисел и користење на механизмите на ЕУ за остварување национален наратив. Македонската историја, според овие ставови, е дозволено да постои сѐ додека не признае дека е политичка конструкција создадена во комунизмот. На бугарските партии мора да им се признаат единството и сплотеноста околу ова прашање, додека македонските партии однесувајќи се како недораснати деца што се расправаат преку прес-конференции водат беспоштедна битка која партија ќе допре поголемо дно.

Преспанскиот договор – модел или преседан што донесе и длабоко чувство
на понижување кај голем дел од граѓаните

Грција, преку Преспанскиот договор, политички доби сè: ексклузивитет на името, влез на С. Македонија во НАТО и симболична победа над една млада и мала држава. Од македонска страна, договорот беше објаснет како храбар чекор, но тој донесе и длабоко чувство на понижување кај голем дел од граѓаните, не поради рационални аргументи, туку поради емотивното доживување дека нешто суштинско е отстапено. Тој модел сега се користи како шаблон, од Бугарија и од други потенцијални преговарачи, за понатамошни условувања, не повеќе околу името, туку околу душата на нацијата. Не можам да бидам сигурен дека идејните творци на тој договор не предвиделе какви политички маневри можат да продолжат да удираат во македонското ткиво и да го распарчуваат дел по дел. И да не го предвиделе тоа, оставиле простор за другите балкански држави да ги спроведуваат своите националполитички и хегемонистички амбиции.

Геополитиката и тивката анексија на идентитетот

Додека ЕУ води преговори со минимална чувствителност, Русија и Србија играат на картата на национална фрустрација. Медиумски кампањи, анти-ЕУ реторика, културно-црковни врски и користење на историјата на Југославија, сето тоа е дел од хибридната војна што има цел дестабилизација на регионот.
Не заради Македонија, туку заради контролата врз Балканот. Сите овие сили не го гледаат македонскиот идентитет како културен факт, туку како геополитички плен! Кој ќе го дефинира, ќе управува со нацијата. Очигледни и перфидни се нивните политички пулени во Македонија, кои медиумски и финансиски ги спроведуваат наредбите од странските центри. Штетата што ја прават на домашен терен е огромна, бидејќи преку нивните лицемерни постапки и изјави се проблематизира конечното излегување од сенката на Белград.

Што би требало да направи Македонија?

Македонија мора да има стратегија, а не реакција. Надворешната политика треба да биде јасно определена, идентитетот не се преговара, не се договара, туку се афирмира. Преку сите билатерални канали, резолуции во меѓународни тела и преку јавна дипломатија. Тоа мора да го договорат македонските партии, цврсто и непоколебливо. Да работат и позицијата и опозицијата.
Тема за размислување може да биде и формирање државна комисија за културна и историска одбрана. Институционално тело составено од историчари, правници, лингвисти и дипломати со мандат да подготвува документи, да реагира на негирања и да обезбеди наративна контраофанзива. Ова треба да биде задача и приоритет на МАНУ, но како и секоја друга институција во Македонија, политиката доаѓа пред намената за која некоја институција е основана.
Можеби создавање „дигитален архив за негирање на идентитетот“ би било од некаква корист. Сите случаи на политичка и медиумска негација да бидат архивирани во дигитална платформа со англиски, француски и германски преводи, достапни за новинари, дипломати и институции.
Но она на што сакам посебно да дадам акцент е промоција на македонскиот јазик и култура преку дијаспората. Неколку години и јас сум дел од македонската дијаспора. Резидентните Македонци ја гледаат дијаспората како заостанати Македонци што возат камиони, мијат чинии по ресторани и го веат знамето со сонцето од Кутлеш по третата ракија. Но, сепак, постои и „друга дијаспора“ составена од сопственици на огромни компании, директори на корпорации, академски научници и професори, банкари, програмери, финансиски советници, врвни интелектуалци и уметници. Оваа дијаспора е тивка, повлечена и посветена на својот живот надвор од Македонија. Наместо дијаспората да се користи за гласање, таа треба да стане дипломатски ресурс – преку културни центри, лобирање, јавни настани и медиумски активности. Сето ова не е можно без активна поддршка од македонската држава и деполитизирање на македонскиот принцип на делби.

Достоинство, не пркос

Македонија нема моќ како големите сили. Но има нешто друго: право! А правото, кога е артикулирано со достоинство и самодоверба, знае да надвладее и над уцени, и над тивка анексија. Оваа борба не се води за минатото, туку за можноста идните генерации да не мораат повторно да го докажуваат своето постоење. Во XXI век, никој нема право да негира ничиј јазик, идентитет и меморија. Македонија не смее да дозволи да се случува тоа уште еднаш.

Кирил Колемишевски