Овој наслов нема да го најдете ни во заборавената торба на терзијата иако приказната е поучна, иако е вистинита. Не беше тоа одамна…
Бев присутен (како странец се разбира) на еден исклучително редок настан во оваа невозможна земја: меѓународен симпозиум на темата „Заштита на културното наследство“, организиран од еден архитект што не е носител на функција во службената асоцијација ААМ! Ваквиот вид манифестирање присуство во општеството е многукратна општествена придобивка и не можам да разберам зошто оваа навика веќе 30 години се задушува токму од надлежните!? Соборите од ваков вид се полезни и незаборавни за учесниците, особено неформалните моменти на директни контакти на кафе или на вечера по службениот протокол.
Не беше тоа одамна и додека споменот е во кристализација, еве го запишувам, верен во полезноста од неговото објавување. Оваа историја беше раскажана пред повеќемина и доколку некој од нив ја пронајде на страниците на „Нова Македонија“, нека ја дополни и дотера според негова интерпретација. На крајот на ноќта, не беше тоа одамна… да потсетам: тоа беше оној колега што рече дека Светото Писмо не е текст и што раскажуваше колку долго трае прогласувањето за светец во Ватикан и дека творецот на трирската црква „Св. Павле“, Хиеронимус Јеген, скоро 100 години сѐ уште не е стасан ни до блаженство… Следното го поставувам како цитат иако станува збор за ферментирано сеќавање:
Не беше тоа одамна… една порака по е-пошта… размена на телефони… еден телефонски разговор и одовде потаму се’ што ќе напишам е модерен препис на една новокомпонирана традиција која не би можела да го заслужи местото ни во заборавената торба на терзијата… Сепак вреди да се забележи затоа што е поучна и вистинита. Значи:
„Не беше тоа одамна… Еден Македонец од градот на Константин и Елена (оној на границата помеѓу Луксембург и Белгија, но на територијата на денешна Германија), го прелистува дневниот печат и во огласникот забележува дека се продава црква, католичка! Монументална! Во центарот на градот?! До универзитетот! И го носи името на Свети Павле (брзо, тендерот веќе е во тек и има повеќе заинтересирани).
Македонецот веднаш оди на назначената адреса кај службите на Католичката црква. Дознава дека се заинтересирани и доставиле понуди: градскиот универзитет и повеќе стопански субјекти, еден успешен хорски ансамбл, таи чи чуан итн. и сите се кандидати што би ја купиле локацијата од над 2.000 квадратни метри како складиштен простор, како дискоклуб, како дополнителен простор на универзитетот, како концертна сала, како гимназион и така натаму… Но дознава дека црквата е објект заштитен како културно наследство што само по себе создава дополнителни обврски за оној што ќе го купи објектот. Македонецот веќе е почитуван граѓанин на Германија и со својот авторитет веќе им помогнал на повеќе Македонци што станале граѓани на Трир. Намножувањето природно раѓа потреба за заеднички собор и тој често размислува како да изгради црква во градот. Ова е подобра можност затоа што црквата веќе е изградена и само треба преобразба во православие. Значи, се вклучува во мрежата и бара соодветен архитект од Македонија.
Прогласена е пандемија. Аеродромите се затвораат… патиштата преку секој граничен премин имаат посебен режим, секое патување е ризична авантура… се патува и по 40 часа без можност за одмор преку девет царински контроли…, но еве еден што го прифаќа занесот… прифаќа и покрај сѐ… и воопшто не разговараат за пари! Архитектурата е зависност од посебен вид, а македонската историја на архитектурата памети најдолго во Европа. Стапалото на Константин Велики го допира центарот на Трир… неговата базилика, бањите, споменот на Свети Амброзиј, Куќата на Карл Маркс, Портата Нигра, Балтазар Нојман, Кристијан Кречмар, туниката на Богомладенецот, коските на Света Елена… во градот на обата брега на реката на Мојсеј ќе никне македонскиот манастир, кој Свети Павле го чека во созерцание 1.950 години.
Каква духовна награда… и нашата дијаспора во и околу Трир се радува да има своја црква како татковина во непосредна близина и звук на македонска камбана во туѓина…
Архитектурата е тешка зависност… или… религија… CREDO ERGO SUM… и… потребно е да веруваш, но не е и доволно: во архитектурата треба да оствариш. За да остварите православен собор во католички манастир, во град под заштита на УНЕСКО, во град со строги урбанистички услови, во град што ги заштитил по законот за културно наследство и црквата и локацијата… неопходно е:
1. Да додадете правоверен македонски знак на манастирот без да ја измените на ниедно ниво автентичноста на црквата, а да придонесете кон амбиенталната вредност на локацијата.
2. Со додавањето македонско обележје да не се наруши високиот етичко-естетски критериум во контекстот на градот како најстар во Германија.
3. Проектната документација да биде усогласена со законската регулатива на Германија.
4. Бидејќи во деталниот урбанистички план не е предвидена локација за нов објект во манастирот, а постојат просторни можности, градската управа на Трир ќе го достави проектот на одобрување за промена на деталниот план до Бундестагот.
5. Проектната документација ќе биде разгледана и одобрена од посебна комисија на Бундестагот сочинета од сите парламентарни партии, кои се единствено надлежни за промена на деталниот урбанистички план на Трир.
Така, сега биди проектант…
Што недостига во архитектонската симфонија на градот овенчан со титулата светско културно наследство, а би морал да го има со оглед на историското минато…? Христијанството што го промовира Константин од Македонија го поставува Трир како најпосакувана дестинација во Централна Европа во 4 век на Христовата ера… од Константиново време суштествуваат и изворни палати и археологија, но недостига една духовна камбана, една архитектонска артикулација, која е знак за распознавање на безгласниот говор на македонската архитектура: конак и чардак… конакот како семениште за одгледување на божјото наследство во нас – хранење на духот низ егзегеза и созерцание и собор и… Брод што расејува добрина никогаш не заборавајќи го почетниот Пристан…Чардакот, таа вечно недовршена соба меѓу феноменот и ноуменот, која секогаш лебди помеѓу едната и другата реалност потпирајќи се само на сеќавањето на сенката од Дрвото на Животот… Зарем тоа истото не го изгради скопјанецот Управда на планината Небо… Зарем некоја слична промисла не го натера Мартин Лутер да го популаризира божиќното дрво што го украсуваме со почетокот на Младото Сонце?!
Проектот беше предаден во договорениот рок. Бундестагот оформи комисија што го одобри проектот. Градот Трир можеше да пристапи кон промена на деталниот урбанистички план. Остана една тема во процесот, која се сметаше како чиста формалност и која начелно прилегаше како свечен протокол, Македонската православна црква даде благослов во раната фаза на почетокот на идејата…, но пред да се потпише договорот, католичката канцеларија бараше директен непосреден контакт со владиката на Европската епархија на МПЦ. Сакаше потврда во живо од образот и зборот на владиката Пимен…“
Тука раскажувачот како да ја смени темата… прво се замисли и почна да станува неразбирлив, на пример, бестелесноста се овоплотува… зборот природно заслужува телесност… Беспочетокот е почеток… Создателот ќе биде понижен од создаденото… Колне ли или се моли.
Нѐ виде збунети, се насмеа со извинување: „Крајот е банален и не заслужува овој настан да биде вака незавршен…, но сметајќи дека остана најлесното по успехот пред критериумите на една почитувана држава и народ, архитектот, сигурен во себе, вети дека брзо ќе се сретне со владиката и ќе го договори протоколот за отворање на уште еден македонски манастир… Првиот телефонски повик беше очекувано позитивен и беше договорена средба со место и време.
На средбата владиката не се појави. Обидите на некои што се природно поблиски со владиката ветуваа скори средби, но владиката исчезна од гравитацијата на Конакот и Чардакот од Трир…! Не можеше да се пронајде ни во Македонија…?!“
И сега?… Што сега? Зарем не е јасно? Зарем првпат ни имаат кажано од поголеми љуѓе дека ние сне чурук народ? Што барале да се мешаат во Божјите работи! Ако требало да се прави црква во Германија шо не ги остаиле владиците да си праат како шо им треба ними според плано! Од кај знајш шо се крие зад тоа католиците? Владиката сигурно знај појќе и зато им нема дојдено. И на крајо… кој е поблиску до Бога? Народо или епископо? А?
Вангел Божиноски
































