Зреење на масмедиумската интеракција
Во современото општество јавното комуницирање се одвива со посредство на медиумите. Притоа медиумите не дејствуваат само како неутрални пренесувачи на пораките од немедиумските комуникатори до нивната публика туку и како релативно самостојни фактори на јавното комуницирање, кои, преку сопствениот субјективитет и кодовите на својот симболички јазик, битно влијаат и на неговиот тек и постигнувања. Оттука, бидејќи јавноста е нормативно воспоставена како механизам на комуникациска самодејственост на публиката и која како таква ги одредува условите и целта на комуникациското дејствување на медиумите, во согласност, задача на медиумите е да ја опслужуваат публиката со одговарачки информации и да овозможат слободно истражување на мислењето за работи од општ интерес.
Но со текот на времето јавноста доживеа длабоки промени, што на извесен начин ги промени и условите на дејствување на медиумите. Денес, во современото масовно општество, јавноста сѐ повеќе функционира како отворен комуникациски простор во кој професионалните комуникатори преку медиумите настојуваат да ја придобијат публиката за своите посебни интереси и цели.
Силната медијализација на политиката е нешто на што инсистираше самата таа при секоја смена на власта и притоа врвен приоритет беше и остана експресното анектирање и запоседнување на медиумите. Политичкото дејствување не е само дејствување за спроведување туку и прашање на инсценирање под аспектот на активноста на медиумите Разни автори претпоставуваат дека мас-медиумите, со големиот дотур на информации и ориентацијата кон сензации создаваат, пред сѐ, негативна слика за светот.
Постојаното истакнување социјални и еколошки катастрофи, како и политички и стопански скандали, ги наведува и сензибилизира младите луѓе на мисли „за крај на светот“. Како резултат на тоа, овие луѓе подоцна повеќе се склони вината за вистинските и наводните лоши состојби да ја бараат кај претходните генерации и кај сегашните носители на власта, во кои тие веќе немаат доверба. Тоа е и една од причините за отсуството на ориентација кај младината и за агресијата кон постојната состојба.
Но, практиката како критериум на вистината покажа дека инсталирањето и дилетантското и примитивно практикување на медиумите во Република Македонија ѝ направија на политиката повеќе штета отколку севкупната будност на опозицијата и индиферентната јавност.
Освен што од политичарите направија мегаѕвезди рамни на оние од врвниот ентертејмент, контролата и несмасното ракување со медиумите предизвикаа и серија контрапродуктивни нуспојави што ја загрозија најпрвин нив самите, за што сведочат резултатите за стравотниот пад на рејтингот и на нејзините протагонисти.
Причините се разновидни и многубројни. Најпрвин, политиката во услови на зреење на масмедиумската интеракција и конституирање на јавноста како нејзин дел, во старт беше контрапродуктивна. Пренагласената виртуализација на мноштвото информации, соопштенија, брифинзи, дебати предизвикува предимензиониран медиумски привид, несоодветен на состојбите во реалниот живот.
Количеството информации и содржини што секојдневно се пласираа, пласираат и мултиплицираат во етерот во дневноинформативните појаси ја искривуваат формата и ја банализираат содржината до апсурдни размери и ја претвораат во вид неподнослива виртуелна репетиција. Сѐ повеќе во домовите се активираат каналите, порталите, поткастите, наткастите на социјалните мрежи што ги нудат кабелските оператори, се гледаат вестите на хрватската и бугарската телевизија, содржини на Пинк, ОБН, РТС, Би-би-си, не поради вистински зголемен интерес, туку поради црната дупка предизвикана во македонскиот дел од етерот, од некритичкото повторување исти содржини, вообличени во т.н. репродукциска компонента – вести, вести, вести, вести…, која започнува некаде напладне и како изветвена шлајфна се растегнува до доцна во ноќта. Одвреме-навреме ќе се појави понекој смрзнат репортер, „директно од пред Собранието“ или од пред здодевните визури на партиските штабови со цел да ја разбие стерилноста и да нѐ потсети дека сѐ уште сме во „живо“.
Политичката реалност е една од патетичните жртви на налетите на некритичката и незаситна виртуализација. Таа е сериозно дестабилизирана од секојдневната некритичка репетиција и забрзано се празни, детруира и се манифестира како зголемена недоверба, пад на рејтингот и сл. Бумот на електронските медиуми во суверена и независна Македонија продолжува во рамките на со Уставот загарантираното право за слободно основање институции за јавно информирање и слободата на пазарот и претприемаштвото.
Предимензионираната репродукциска компонента во вид на вести, поткасти, наткасти, дебати е една од причините поради кои најголемиот дел и количеството информации молскавично ја одлеваат и онака скудната содржинска супстанција, предизвикуваат деконструкција на целината на реалноста и, се разбира, на политиката како нејзин основен драматуршки столб, а потоа ја загрозуваат и тривијализираат како поим и како онтолошки статус.
Борбата за освојувањето на етерот сè повеќе се претвора во безобѕирен ситнодуќанџиски профитерски натпревар, кој на етерот гледа исклучиво како на средство за сопствениот интерес. На етерот му се приоѓа како на маркетиншки колач што треба да се освои по секоја цена и дели според логиката на пазарот.
Тој своевиден продолжен простор низ кој се движиме според нашите сопствени временски ритми е во некоја рака демократска придобивка и стварност, која по својот карактер иако претежно електронска, во нашите стеснети економски услови е вид психолошки баланс, секојдневно се исполнува со несоодветни вознемирувачки содржини, кои често се надвор од сите етички норми и добриот вкус.
Во таквиот амбиент голем дел од македонските електронски медиуми и социјални мрежи се претворени во цензура на појасите на слободната волја, преплавени со невкусни бакалски чинови, кои атакуваат врз сетилата или се вид агресивна меѓусебна пресметка и пропаганда, со што на партиципиентите, гледалиштето, читателите и крајните потрошувачи им е оневозможен линкот со реалноста и им е стеснето и узурпирано легитимното право на ползување вистинска информација, забава, образование, естетска виртуелна наслада. Видлива последица е главно медиумската и телевизиската понуда, еклатантен пример на „ниска уметност“ и забава што претежно е условена од економското устројство на мрежата. Во желбата и напорите за што поголема гледаност и присутност како логична функција во желбата да се привлече и задоволи јавноста, се прибегнува кон исползување на нејзината неотпорност на лесна возбуда, сензационализам, кон ниските страсти и забава на ниво на масовниот невкус и сензационализам.
Аљоша Симјановски