Неопходност од превреднување на историските идеи и пораки

Македонскиот јазик и неговото прогласување за службен се нераскинлив дел од АСНОМ како државотворен здив на современата македонска држава, кој мора да се негува, да се одржува и да се штити

Говорниците на централната прослава на 121-годишнината од Илинденското востание и 80-годишнината од Првото заседание на АСНОМ годинава не ставија акцент на еден важен аспект од овој историски миг – осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен во нашата држава. Имено, јазикот на Првото заседание на АСНОМ е македонскиот јазик. Создавајќи ја македонската држава, АСНОМ особено го истакна и постоењето на македонскиот јазик како клучен елемент на постоењето на македонската нација. Ова беше посочено во честитката на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, кое беше споделено од медиумите, но не беше организиран ниеден настан што ќе потсети на онаа клучна реченица изговорена во манастирот „Прохор Пчињски“ на 2 август 1944 година: „Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик“… Така, на извесен начин беше занемарен овој чин, неповторлив во историјата, кога доаѓа до израз јазичната енергија на македонскиот јазик акумулирана низ македонската револуционерна борба, кога се остваруваат вековните стремежи на македонскиот народ за свој литературен јазик и се зацврстуваат основите на македонската држава. Соопштението на Катедрата за македонски јазик беше всушност и единствената честитка со акцент на македонскиот јазик упатена деновиве за време на одбележувањето на празникот.
Досега, на секои десет години Македонската академија на науките и уметностите го одбележуваше одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, со организирање, заедно со Институтот за национална историја, научни конференции посветени на улогата и значењето на овој најсветол историски настан во нашата понова историја. Годинава изостанаа и ваквите собири (освен ако не се планирани за вториот дел од годината). Оваа временска дистанца од една декада меѓу едниот и другиот научен собир беше подредена на остварувањето неколку цели, кои и денес се многу значајни. Првата е секако одржувањето континуитет не само на паметењето за самиот настан како историски факт на создавање на современата македонска држава туку и на основните идеи и определби на АСНОМ во колективната меморија на македонскиот народ и деловите од другите народи што живеат во Македонија, но и постојано превреднување на остварувањето на историските идеи и пораки на АСНОМ.

Зошто токму ова превреднување е важно за нас како народ и држава? Затоа што, како што и од МАНУ велат, „државите не стекнуваат независност и самостојност со некој еднократен чин, туку како резултат на долг историски процес, во кој државотворната идеја зрее и се пробива, совладувајќи многубројни внатрешни и надворешни препреки – во нашиот случај од зреењето на македонската национална свест до надминувањето на отпорите и завојувачките аспирации на нашите соседи“. Уште повеќе што за овие 80 години, и покрај тоа што Македонија е независна и самостојна, сѐ уште се соочува со голем број отворени предизвици, а еден од нив е секако оној што се испречува пред јазикот, неговото непризнавање однадвор и неговата незавидна современа состојба внатре. Ќе се осврнам на второто.
Во образованието не му се придава посебно значење на македонскиот јазик, кој подразбирливо, како мајчин, треба да се познава од раѓање, без притоа да се обрне внимание на сѐ почестата употреба на англискиот јазик меѓу децата, дури и на улица, во меѓусебните разговори и дружење. Во медиумите ретко се користи стандардниот јазик, а сѐ почесто дијалектите, а евидентен е и напливот од интернационализми. Македонистиката како научна дисциплина е потценета, нема нов и млад научен кадар, а лекторатите во странство едвај опстојуваат, благодарение на ентузијазмот на неколкумина посветеници на македонскиот јазик, без стратегија за нивен развој… Треба да се нагласи дека и досега имавме Закон за употреба на македонскиот јазик, донесен во 1998 година, кој не се почитуваше во практиката. Овој закон не се применуваше, а тоа е и една од причините за слабиот одзив на студенти по македонски јазик. Познато е дека во согласност со Законот за употреба на македонскиот јазик сите јавни институции мора да имаат лектор по македонски јазик, но тоа во практиката не е така. Последица на ова во иднина ќе биде недостиг од професори, наставници и лектори по македонски јазик.

Така, на пример, минатата година само 16 студенти одлучиле да студираат македонски јазик и книжевност. Тоа е показател дека секоја година интересот за изучување на македонскиот јазик во континуитет опаѓа. Тоа што Законот за македонскиот јазик пропишува обврска во секој јавен орган да има вработен лектор би требало да даде придонес во зголемување на интересот кај младите научно да се занимаваат со јазикот. Се забележуваат непочитување на законските мерки и негрижа за македонскиот јазик, како што се: занемарување на правописните норми, нивно несоодветно користење, нелекторирање или нестручно лекторирање, недоследности во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, како и неправилности во говорното изразување во медиумите и воопшто во јавната сфера…
Оттука, овие годишнини не смеат да поминуваат толку бегло, заборавајќи на придобивките постигнати со одржувањето на ова заседание како најзначаен историски дострел на македонскиот народ во борбата за сопствена национална држава. Борбата сѐ уште трае и затоа континуираното потсетување е многу важно за идниот развој на македонската држава, која немаше да биде она што денес претставува, доколку не се спроведеа на дело овие решенија и определби. Македонскиот јазик и неговото прогласување за службен се нераскинлив дел од АСНОМ како државотворен здив на современата македонска држава, кој мора да се негува, да се одржува и да се штити.