Каде оди гневот кога нема каде да излезе? И зошто потиснатата агресија е поопасна од самиот гнев? Ние, современиците на „новата ера“, ги имаме привилегијата и клетвата да живееме во време на привидна надворешна смиреност и реална внатрешна бура. Однадвор насмеани и слатки, однатре разулавени и жедни за агресија. Темпирани бомби, нагазни мини, ете тоа сме ние луѓето во секојдневното лудило на 21 век. Никогаш немало повеќе говор за менталното здравје и (за мене трагикомичната и јалова) позитивна енергија, а никогаш помалку простор за една од најмоќните човечки емоции – гневот. Го гледаме на вестите, го читаме во црната хроника, го осудуваме кога ќе експлодира, но ретко се осмелуваме да си ги поставиме најважните две прашања: Каде оди гневот кога нема каде да излезе? Дали молчењето создава насилство?
Општеството и семејството нè воспитуваат да бидеме „културни“, „смирени“, „разумни“. Да не викнеме. Да не удриме по маса. Да не покажеме дека нешто нè боли. Да не пцуеме и да не им се внесуваме на другите в лице. Молчењето се наградува како зрелост, а гневот се стигматизира како слабост, некултура или опасност. И така, со години, луѓето стануваат магацини за потисната црнина – навреди, неправди, понижувања, предавства, премолчени реакции. „Пст, потивко, ќе те чуе шефот, комшиите, гостите…“
Ама знаете, гневот не исчезнува само затоа што сме го замолчеле. Тој не се „цивилизира“. Тој се акумулира и расте во неконтролирано чудовиште. И колку подолго се потиснува, толку поголем притисок во нас создава.
Од мали нѐ учеа да се плашиме од изливите на гнев, а не од она што гневот го крие во себе, од она како може да го покажеме, без да повредиме некого. Ниту, пак, ни дозволуваа гласно да му го кажеме името, таман работа, тој муабет е забранета територија! Оти, нели, сите сме фини, добри, разумни, едноставно прекрасни и со љубов за целото човештво. Додека го читате ова, сетете се зошто сте гневни денес. Ете, јас сум сигурна дека нешто ви се бранува под кожата. Како и мене, впрочем, ама не молчам за тоа, како што прави најголемиот дел од мојата околина. Мора да се истакне дека гневот како таков ретко е примарна емоција. Под него често лежат понижување, немоќ, страв, длабока тага. Кога не му дозволуваме да биде препознаен и изразен, не ја решаваме болката – ја закопуваме подлабоко. Таа темна енергија не мирува, постепено почнува да ги напаѓа телото и умот однатре.
Токму тука се раѓаат анксиозноста, чувството на немоќ, нападите на паника, несоницата, стегањето во градите, хроничниот замор, омразата кон другите, болките без јасна медицинска причина. Психосоматска бура што не е случајна, туку логична последица на непрепознаен вулкан, кој на сите ни е забранет.
Во пракса, често ги среќаваме таканаречените „мирни луѓе“. Ги има насекаде – функционални, тивки, одговорни. Луѓе со семејства, кои никогаш не прават видливи проблеми. Но зад таа смиреност често стои живот поминат во трпење. Работни места каде што биле понижувани. Околина и дом каде што нивниот глас не бил важен. Односи во кои постојано морале да се приспособуваат, толеранција што се барала само од нив, а не и од „другата страна“.
Еден таков човек со години издржувал и трпел сѐ и сешто. Никогаш не викал. Никогаш не се пожалил. Сè држел под контрола – сè додека телото не почнало да вреска наместо него. Не затоа што бил слаб, туку затоа што гневот немал каде да оди, а барал излез, река преку која ќе „весла“ кон спротивниот брег. Пред да стане насилен, сите го сметале за „бубачка, срце од човек“. И потоа еден ден веќе не можел да издржи, пукнал. Неизбежно било. Кога ќе се случи трагедија, сите бараме задоцнети одговори. Анализираме биографии, дијагнози, минато, умно филозофираме за тоа дека нечии физички повреди или убиство можеле да се предвидат навреме. Но ретко го поставуваме прашањето што навистина боли – каде овој човек смеел безбедно да го изрази својот гнев додека уште имало време?
Како психолог со долгогодишно искуство, темелно размислував на оваа тема, барав функционални патишта кон еден нов пристап, кој на многумина навидум ќе им изгледа доста контроверзен. Но подготвена сум и во оваа колумна за прв пат сакам да ја изложам мојата Теорија на контролирана експресија на гневот (ТКЕГ) – не како оправдување на агресијата, туку како здрава превенција од неа. Основната идеја е едноставна, но ефикасна: гневот мора да има излезен канал. Ако не му го дадеме ние, тој ќе си го создаде самиот, но на многу пострашен начин. Оваа идеја нуди катарза наместо експлозија, олеснување наместо агресија врз оние околу нас (или кон себеси, што деновиве не е реткост).
Концептот на „Гневна соба“ е мој првичен обид да се создаде токму таков издувен вентил – безбеден, структуриран и контролиран. Простор каде што гневот не се насочува кон луѓе, туку кон неважни предмети. Каде што гласот смее да биде гласен, телото смее да се движи како што сака, а енергијата што со години била заробена конечно да добие име и форма.
Клучниот момент тука е катарзата. Се разбира, сфатена не како хаотично „исфрлање бес“, туку како свесно празнење на акумулираната психичка енергија. Таа катарза кај многу луѓе дејствува како енергетско чистење на умот – мислите се смируваат, телото се релаксира, а симптомите на вознемиреност и психосоматска напнатост се ублажуваат или сосема се повлекуваат. Не затоа што проблемите волшебно исчезнале, туку затоа што мрачниот товар повеќе не е заклучен внатре и не дивее како во зандана.
Важно ми е да нагласам дека ова не се однесува на личности во акутна психичка епизода и не е замена за клиничка терапија. Ова е превентивен модел за оние што со години молчеле и „издржувале“.
Драги мои, гневот не е опасен. Опасно е неговото потиснување. Тој е сигнал. Порака дека нешто било прекршено, игнорирано или повредено. Кога го третираме како непријател, не стануваме подобри – стануваме понапрегнати и, во крајни случаи, поопасни. Општество што го маскира гневот, а не нуди простор за негово здраво изразување, е општество што постојано се изненадува од сопствените експлозии и трагедии. Не мора ни да ви кажувам дека агресијата не живее само кај нас, во Македонија, таа е сериозен проблем што прераснува во глобална епидемија. Ако само си седиме и чекаме некој друг да ја пронајде вакцината против вирусот наречен акумулиран гнев, остануваме и понатаму во чекалницата на сопствената благосостојба, којзнае до кога и којзнае со какви последици. Часот е пет минути по 12, време е да престанеме да се чудиме на последиците и да почнеме да зборуваме за решенија (понекогаш и болни, но крајно хумани). Да им посветиме должно внимание на нашиот гнев и бес што нема каде да одат. Зашто ако не им се овозможи врата за излез – секогаш ќе си најдат своја сопствена, ама во форма на насилство. И како по навика, таа врата се отвора предоцна за да се спаси човечки живот. Ѕверот во нас, хранет и одгледуван со години на тешки искушенија и трауми, ја крши бравата и излетува надвор, желен за туѓа болка. Знам, звучи морбидно, но тоа е вистината, која не смее да се турка под килим.
Валбурга Батева Николоска































