Оној што се зафаќа со извршување државна работа, нека внимава да не размислува само за тоа колку таа работа е достојна за почит, туку нека размислува дали тој има способност да ја извршува – Кикерон
Френсис Фукујама вели дека во теорија е можно сиромашните земји, како Авганистан или Сомалија, да се преобразат во моќни економски џинови што ќе личат на Јужна Кореја. Но недостигот од силни институции во овие држави ја поништува оваа можност. Во овие општества, поголема е веројатноста една млада личност да се збогати со влегувањето во политиката, организирањето паравоени формации или на друг начин планирајќи да зграби дел од богатството на сопствената држава.
Можеме да бесконечно да негодуваме за напишаното, меѓутоа американскиот мудрец ја говори вистината. Сиромашните и неразвиените држави се сиромашни и неразвиени бидејќи немаат институции во вистинска смисла на зборот – слаби институции што немаат авторитет и не се на нивото на нивните задолженија. Сосема логично се поставува прашањето зошто државите како Авганистан немаат силни институции. Одговорот можеме лесно да го дознаеме доколку направиме споредба помеѓу Авганистан или некоја западноевропска држава, да речеме Норвешка.
Разликите се веднаш очигледни. Норвешка не е богата и развиена држава поради своето огромното природно богатство што го поседува, туку поради владеењето на правото и непостоењето на корупција. Веќе и малите деца знаат дека корупцијата, клиентелизмот и невладеењето на правото се клучни за слабеењето на институциите. Но туку има уште еден момент, а тоа е одговорноста.
Зошто говориме за одговорноста? Еден стабилен и функционален политички поредок мора да се состои од силни институции, владеење на правото и одговорноста. Секоја личност, без разлика каде се наоѓа на општественото скалило, треба совесно да ги извршува должностите и да ја прифаќа одговорноста за своите грешки. Меѓутоа, ова е многу полесно да се напише отколку да се оствари, бидејќи станува збор за етичко прашање. Човекот не се раѓа со чувство за одговорност, туку, напротив, тоа се развива кај него преку општење со средината што го опкружува. Неодговорното општество создава неодговорни единки, тоа е маѓепсан круг и само силните институции со својот авторитет можат да го пресечат овој Гордиев јазол.
Старите Римјани уште пред 2.000 години го разбрале значењето на одговорноста и нејзиното влијание врз политичкиот поредок. Не случајно, Кикерон вели „оној што се зафаќа со извршување државна работа, нека внимава да не размислува само за тоа колку таа работа е достојна за почит, туку нека размислува дали тој има способност да ја извршува, човек треба внимателно да размислува за овие работи за да не попадне во очај заради страшливоста или за да не се возгордее заради пристрасноста. Пред да се зафати со која било работа, човекот треба внимателно да се подготви“.
Чувството за одговорност е индивидуално, но доколку како општество се стремиме кон развој, потребен ни е стабилен политички поредок што е условен од одговорноста, односно од совесното извршување на должностите. Затоа општеството треба да се стреми преку формалното и неформалното образование да ја поттикнува и развива одговорноста кај индивидуите, особено кај оние што сакаат да извршуваат државна работа.