Опасно е кога немоќен човек ќе проговори од моќно место Блаже Конески
„Опасно е кога немоќен човек ќе проговори од моќно место“. Тоа е мотото на нашата денешна колумна, драг читателу, од мудриот и длабок Блаже Конески. Но немој него да го бараш во неговите книги, или во некој негов дневнички запис. Таа збита и толку важна мисла тој во еден тревожен миг едноставно ја изговорил во разговор со поетот Михаил Ренџов. Слично е и со неговата пророчка јанѕа: „Големо ни е името, ќе посегнат да ни го земат“ што ја најдов јас во една од книгите со автобиографски карактер на Божин Павловски, која исто така ја прибележил од разговорот со Блаже. Таа јанѕа јас ја актуализирав во моите колумни и потоа кај сите кај нас ја откри големата рана на судбината.
Блаже Конески имаше како најнадарен и најдоблесен голема мисија на духовен обновувач на нацијата по ослободувањето, па најверојатно и од таа причина немаше отповеќе време на располагање да води дневник на своите длабокоумни размисли и тревожни јанѕи (да се потсетиме во таа смисла на „Везилка“) за сопствената и за судбината на „смачканото племе“ во канибалистичката цивилизација. Наместо тоа, тој своите длабокоумни мисли и душевни јанѕи им ги соопштуваше спонтано на пријателите во разговор. Усно. Слично како што го правел тоа и Сократ, кој не оставил никаква писмена трага на својот ум, а за него дознаваме само од филозофските списи на Платон. Кога сме пак веќе контекстуално кај Сократ, ќе кажеме дека меѓу него и Блаже има многу сличности. Пред сè во сфаќањето на филозофијата на животот, во која централно место заземаат етиката и моралната доблест со кои се осмислува постоењето на човекот како божествено создание. А не се разликуваат тие, колку што го познавам јас тивкиот и длабоко херметичен Блаже, ни во сфаќањето на смртта како придружничка на животот, која сме должни ведро да ја прифатиме како сон без соништа или живот во друг пооптимистичен свет. Водејќи се од таквото спознание така и ја испива атинскиот мислител чашата со смртоносната кукута осуден од тие што не му се ни до глуждовите на стапалото. И нашиот Блаже Конески, поинаку, ја пиеше неа голтка по голтка за време на животот, но потоа и во смртта. Оти и од неа го скориваа за да го судат некои неранимајковци, скусувајќи го од џин на џуџе.
Со пророчки и визионерски дар Блаже го претчувствуваше и знаеше сето тоа однапред, па свесно или несвесно го втиснуваше шифрирано во своите песни. Кој се разбира, пак, од поетски шифри, тоа претчувство на јанѕа лесно ќе го препознае и во неговата песна „Дон Кихот“, Сервантесовата личност што е едно од алтер егата на македонскиот поет. Во таа песна за чудниот рицар што води битка со облаците станува збор за неговата ирониски трагична судбина во која на крајот тој е изгазен од „свињи со копитца“. Имено, како што покрај Дон Кихот и Блаже е изгазен, и Сократ од многу цивилизираните Грци во Атина, кои денес и Македонците ги газат со такви копитца.
А сега поконкретно за етиката и моралната доблест на Сократ целосно поклопувачки со истите тие на Блаже, како да станува збор за етички сијамски близнаци. Еве. Во раните дијалози на Платон, грчкиот мислител го гледаме како ги дефинира битните етички категории, меѓу кои челно место им е дадено на умереноста, пријателството и храброста. Плус тоа тој како филозоф се занимавал и со проблемите на доброто и злото. Сметал дека доброто е спознание, а злото незнаење, иако за самиот себе велел дека „знае оти не знае“, за што пророчката Питија од Делфи го прогласила за најумен во Атина, бидејќи во неа од сите само тој бил свесен за своето „незнаење“. И во тој контекст и Блаже воопшто не се расфрлаше со своето огромно знаење. Оти и тој, слично на Сократ, го слушаше својот внатрешен глас (дајмонионот). Покрај другото, и на двајцата тој глас им велеше дека неистражениот живот не вреди да се живее, а потоа им дошепнуваше и дека не треба да влегуваат во политиката, бидејќи таа е валкано подрачје и никој што влегол во неа не останал чесен.
Е, сега, речи дека мојата хипотеза за сијамската близначка сродност меѓу Сократ и Блаже е невистина, драг читателу. А? И во сето ова во нашата долга дигресија на оваа колумна е идејата во облик на совет до секого од нас на Сократ дека, ако е чесен, човек не треба да оди во политика оти ќе се извалка. Според него, тоа е по дефиниција валкано подрачје. Да, драг читателу. Е, токму на тоа мислел и Блаже меѓу другото кога го изустил во јанѕа она „Опасно е кога немоќен човек ќе проговори од моќно место“. Тој свој заклучок тој од искуство, не од метафизика, го извел од опсервација на политиката и политичарите во времето на Југославија со социјалистичко устројство, кога сепак, рака на срце, политиката и политичарите ни оддалеку не беа толку расипани како што се денес. Особено кај нас. Меѓу нив имаше и некои етички чисти ентузијасти, за разлика од оние кои бргу-бргу ѝ се помочаа на револуцијата откако дојдоа на власт. На оние расипаните и се угледаа денешните наши политичари, но далеку во расипаноста ги надминаа нив. Нивната лакомост, корупција и криминал може да ги опише само евентуално талентот на Гогољ, или да ги наслика во своите сомнабулни каприча Гоја. Може и Бош во неговите ликовни визии на наказите од пеколот. А, зошто се тие такви. Блаже неверојатно прецизно ја дал нивната психопатолошка дијагноза: „немоќен човек на моќно место“.
Тие како да го следат Ниче за кого никогаш не чуле, па буквално ја применуваат неговата филозофска формула за заминување „отаде границата на моралот и законот“ (а германскиот филозоф тука ја имал предвид слободата). И затоа тие веќе стопати му ја одраа кожата на народот. Микеланџело, имено, како да ги имал нив во својата визија кога ја сликал онаа сцена на Страшниот суд во Сикстинa на која Св. Вартоломеј му ја покажува во присуство и на ангелите на Исус својата одрана кожа како знак на бедата и злото што го вршат сатрапите на ѓаволот над човекот. Како да му ја покажувал пред шест столетија во Сикстина нему одраната од оваа власт кожа на Македонците.
Ултравиолет. Намерно предизвикан спој на рендгенот на Вистината што осудува и што ги отвора печатите на Страшниот суд во откровението на апостол Јован на Патмос. Последната, но екстремно важна сцена во Библијата, која според логосот на божјата правда, имено, така и треба да заврши. Со кантарот кој ќе го одвои каколот од житото, праведниците на злосторниците за да се заведе теократската држава на сеопштата божја љубов, но само за оние, може веројатно и во малцинство, кои ја заслужуваат. Секако, пак, во неа, како што знаеш драг читателу, нема место за оние немоќните што говорат од моќно место, бидејќи се сакати и ја искривуваат библиската слика на човекот како богообразно создание. Оти токму поради таквите како нив и радикалното крило на нашите богомили сметаше дека човекот не е создание на Господ, туку на ѓаволот.
Крајно бедни според својот ум и дела се тие суштества. Многумина од нас кои не ги разбираат едноставните но длабоко шифрирани параболи во Библијата ќе ги доведат нив во врска со она на Исус „Блажени се бедните по дух“ од Говорот на гората. Но тие не се тоа. Исус мисли на јуродивите како кристал чисти души, лишени од суетата и лажен интелект кои ќе го населат царството небесно. Да. А суштествата со кои се занимаваме во оваа колумна, драг читателу, нити имаат душа, нити таа е кристал и како бишките и тие се задоволни од калта во која се наоѓаат. Далеку од невиноста и злото тие се нашите Нерони и Калигули. Повеќе Нерони, и некои од нив поопасни од римскиот Нерон, кој главно ги убиваше христијаните во Империјата и оние кои ги навредуваа неговите коњи. А нашиот Нерон од Муртино со само еден потег го уби целиот наш народ во Преспа 2018.
А зошто се повеќе Нерони, а помалку Калигули? Затоа што Калигула, иако правеше и тој зло како Нерон, сепак имаше интелигенција од која беше импресиониран дури и еден филозоф каков што е Албер Ками, па ја напиша драмата „Калигула“. Имено, Калигула беше добро упатен во социјалната психологија, па велеше дека она што му е потребно на народот, тоа се лебот и игрите. Тој беше поинтелигентен од австриската кралица Марија Антоанета, која саркастично му рече на својот народ да јаде колачи ако нема леб, за што потоа ѝ беше пресечена главата од него. А кај нас, драг читателу, на кого од власта му фали глава. На никого. Додуша, Ковачевски неодамна на телевизија се „пофали“ дека за него специјално била донесена гилотина и била поставена пред вратата на Собранието. Да. Ама неговата глава си стои мудро на рамењата. По сè изгледа гилотината се премислила, не ги исполнувала главата на премиерот нејзините критериуми, не личела ни оддалеку на главата на Робеспјер.
Потоа што се однесува на Калигула, тој ,за разлика од нашите немоќни на моќни места, кои не можат да се пофалат со работа на умот, имал блескави проблесоци на интелигенцијата, која се служела со фигурите на парадоксот, иронијата и самоиронијата, па, така, еден ден за да докаже колку духовно се немоќни и неговите Римјани на моќни места го одвел својот коњ во сенатот и го поставил за сенатор. А кај нас, дали некој од нашите Калигули има, како што вели Ковачевски „боулс“ (на англиски маде) да го направи тоа?